Кон „Звук на метал“ на Дариуш Мардер

Кога зад себе имате триесетина награди во текот на изминатата година, а притоа се работи за дебитантско остварување со кое најчесто сте ги плениле здруженијата на филмски критичари ширум САД, но и жиријата на европските филмски фестивали, тогаш сосема извесни се очекувањата дека филмот мора да добие и неколку номинации за Оскар во следниот период, а зошто да не и некој од нив потоа. Изненадувањето во изминатата непредвидлива филмска сезона е насловено „Звук на метал“ на сценаристот и режисер Дариуш Мардер, кој успеа со приказната за еден маргиналец, тапанар во метал-бенд, да ги освои срцата на многумина љубители на седмата уметност ширум светот.

На трагата на славниот бенд од Детроит, The White stripes, во кој дуото Џек и Мег Вајт во првата деценија од новиот милениум растураа на гитара и тапани насекаде низ светот, создавајќи ја химната „Seven nation army“ која и ден-денес гласно се пее на многу фудбалски стадиони, Мардер во неговото целовечерно деби со заменети улоги (овде момакот е на тапани, а девојката свири на гитара и пее) се фокусира на  случувањата токму во една таква констелација на односи, каде филозофијата „Do It Yourself“ е крената на највисоко можно ниво. Со цел сето тоа да изгледа што поуверливо,  филмаџијата во главната ролја го зема докажаниот музичар, актер и активист Риз Ахмед, со сценско име RIZ MC, надополнет со играта на актерката Оливија Кук која зад себе исто така има поминат музички пат. Кога на овој неверојатен тандем кој зрачи со хемија на екранот ќе се додаде улогата на Пол Раци, кој барабар со Ахмед ги освои најголемиот дел од гореспоменатите филмски награди (за споредна улога), тогаш поголемиот дел од работата добро сте ја завршиле, и ви останува уште авторскиот печат. Тој е реализиран на величествен начин, во најдобрата традиција на американскиот „инди“ филм, претежно со камера од рака, квалитетна фотографија и занаетски решенија кои ја ткаат приказната од првиот до последниот кадар.

Рубен и Лу се партнери на многу нивоа – тие се љубовници и уметници-музичари кои заедно патуваат од град до град низ САД со нивното RV кое, всушност, е нивниот дом, бидејќи во него имаат се’ – од кујна, спална, купатило, до музичко студио во кое вежбаат и ги снимаат своите самиздат албуми, кои потоа ги продаваат на фановите пред и по клупските свирки. Оваа идилична слика трае само во првите десетина минути од филмот, кога сме сведоци на нивното утринско будење со нежен танц и здрава исхрана, и покрај доминантната тетоважа на градите на Рубен која порачува „Please kill me“. Веднаш потоа Мардер решава да го направи switch-от кој ќе го развива до крајот на двочасовното филмско време, кое сосема го вовлекува гледачот внатре, во сржта на ова мало филмско ремек-дело.

Имено, Рубен почнува нагло да го губи слухот, толку потребен за нормално функционирање во микросветот во кој егзистира заедно со својата животна сопатничка, неговата soulmate. Секако, неверувањето е првиот момент со кој се соочува, но откако ситуацијата ќе стане сериозна, тој се обидува да најде решение. Традиционалната медицина предвидува операција која е екстремно скапа за неговите приходи, и тој се приклонува кон алтернатривен начин за надминување на ситуацијата, на кој, всушност, е приморан, откако Мо ќе го напушти, заканувајќи му се дека нема веќе да ја види доколку не се обиде со единствената прифатлива солуција во моментот. И…

Рубен по препорака на пријател заминува во едно посебно место, на чиј влез фигурира знакот „Deaf child area“. Сместено среде шума и изолирано од цивилизацијата, ова место со неколку градби за живеење и’ овозможува на групата живот со почит и прифаќање на својот недостаток. Лидер во неа е Џои (Раци), виетнамски ветеран чија тивка харизма создава и со години одржува вистинска хармонија меѓу заедницата на глувите. Секако, Рубен смета дека не припаѓа таму, но како поминува времето, тој се прилагодува, го учи новиот знаковен јазик и се обидува да се навикне на новиот начин на живот.

Затоа, „Звук на метал“  освен што треба внимателно да се гледа, е филм кој исклучително внимателно треба и да се слуша. Екипата сјајно ја извршила својата задача внесувајќи не’ во свет во кој ни овозможува да ги чуеме и обете опции – дел од филмот го слушаме она што претставува општ звук на околината, а веднаш потоа и како тоа го восприема главниот лик, слушајќи само неодредена бука и тапи неразбирливи звуци некаде во далечината на својот ум. Дури тогаш стануваме свесни за хендикепот на човекот кој уште од мали нозе е крал зад тапаните. Затоа кога Џои ќе се обиде да му наметне самотерапија со утринско пишување во осамената соба на спратот, Рубен нема да ја прифати играта затоа што неговиот живот е – музиката. Токму таа и ќе биде пресудна за неговото прилагодување кон новата заедница, приклучувајќи им се на децата со ист недостаток, по што набргу ќе стане омилен меѓу нив кога ќе почне да ги учи да свират на тапани. А држејќи ги дланките врз пијаното додека музичарот свири, сите тие сфаќаат дека музиката, иако далечна и недофатлива за нивните сетила, го претставува самиот живот со сите негови доблести и недостатоци.

Засебно место при обработката на темата зазема моментот со зависностите. Да, Џои го загубил слухот по детонацијата на бомба во негова близина, меѓутоа, едно од првите прашања кои му ги поставува на Рубен на нивната прва средба е дали тој е зависник. Рубен вели дека користел многу нешта, најчесто хероин, но дека веќе четири години е чист. Џои се надоврзува на тоа дека состојбата со неговиот слух веројатно е последица на долгогодишното практикување на музиката на сцена, во живо, но и дека разните супстанции си одиграле своја улога. Пивото било негова слабост, признава. Со таквиот став тој му дава една поинаква димензија на проблемот со губењето на едно од сетилата и кај обајцата, потенцирајќи дека тој недостаток пред се’ е состојба на умот и духот, и дека да се биде глув не е хендикеп и нешто што може да се поправи. Затоа човек треба да се обиде да го пронајде својот внатрешен мир на кој секогаш може да се повика. Но…

Рубен сепак се одлучува за вградување на импланти за слух по продавањето на RV-то, после кои треба да се навикне на новата реалност. Звукот кој го слуша воопшто не е оној нормалниот од претходно. Како нешто да и’ фали на софтверската програма!? Секако, се работи за ситуација во која имплантите прават мозокот да мисли дека слуша, но тоа се звуци кои поминуваат низ филтер и кои потоа звучат како да свири некаква расипана плоча. Мислејќи дека е работа на време и трпение да се стекне навиката на тој начин да се восприема светот, Рубен тргнува да ја бара Мо со надеж дека ќе го врати и својот стар начин на живот. Париз е крајната дестинација.

Вредноста на овој филм лежи и во умешноста се’ што сме гледале во првите час и половина на ниво на човечка релација да добијат своја крајна разврска во последните половина час низ неверојатни животни приказни. Судбината на главните протагонисти лежи во нивната взаемна изјава дека и едниот и другиот се пронашле во вистински момент и во вистинско време во нивните животи, така, ни помалку ни повеќе, спасувајќи се едниот со другиот. Таа љубовна сцена која се случува во креветот во кој поранешните љубовници веќе не се гледаат со исти очи е толку емпатична, што предизвикува и пуштање по некоја солза низ лицето. А надвор, звуците на градот на светлината  ечат ли ечат од сите страни: aвтомобили, камбанарии, луѓе во минување… но, таа какофонија не носи мир, особено не ако ја слушаш искривено. Сепак, посигурно е доколку имплантите се фрлат во корпата за ѓубре.

Oh God, you scream

But I don’t hear you

I only see green

Like a dream

Песната врз одјавната шпица компонирана од ко-сценаристот Ејбрахам го одјавува ова неверојатно остварување на братскиот тандем Мардер, кое животот без слух го претвоа во слики, прекрасни слики, кои иако немаат звук, сепак се вредни за достоинствено постоење.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *