Кон „Таткото“ на Флоријан Зелер

Во последно време почнав да заборавам. Ситни нешта, но сепак битни за одржување на рамнотежата во сопствениот космос.  Дел од овој непосакуван процес е и повременото заборавање на имињата и презимињата на познати актери и актерки. „Еј, како се викаше овој, играше во тој и тој филм“, често знам да прашам, и на крај можеби ќе ми текне, а можеби и не. Сепак, кога се работи за маестрален актер како Ентони Хопкинс, тука нема простор за заборав. И ако мојата заборавност можеби се должи на влегувањето во раниот период од средните години, тогаш најновата ролја на маестро Хопкинс е директно соочување со деменцијата како болест која најчесто ги „напаѓа“ луѓето во доцни години.

За многумина изненадувачкиот влез на „Таткото“ во трката за Оскарите пред се’ поради тоа што се работи за дебитантски филм, на крајот од денот, сепак, не треба да зачудува, бидејќи се работи за прекрасно остварување кое плени од секој аспект. Совршеното сценарио потпишано од режисерот Флоријан Зелер во соработка со Кристофер Хемптон на актерската екипа и’ нуди можност за врвна реализација на замислените карактери. Покрај Хопкинс, брилјира и актерката Оливија Колман, и затоа актерскиот тандем заслужено се најде во комбинација за добивање на престижната статуетка на 25 април. Совршеноста на овој едноиполчасовен филм ја надополнува и одличната режија на Зелер, која на мал, клаустрофобичен простор (филмот, освен еден екстериерен излет, претежно се случува во затворен простор), функциноира беспрекорно. Иако некои колеги забележуваат дека тој направил театарски филм, не користејќи го до крај филмскиот јазик, сепак, сметам дека самата приказна детерминира таков пристап при реализација на истата, приказна која „лизга“ и тече тивко и сигурно, како и самиот живот.

Врати, врати, врати… Тоа се врати на перцепцијата, би рекол Џим Морисон доколку беше жив и го гледаше филмот. Во затворениот стан, осумдесет-и-кусур-годишниот Ентони (одличен избор на име, истото како и она на актерот, поради подобра идентификација со ликот, или можеби и со самиот Хопкинс) минува низ процес кој навестува тешки старечки денови. Тој смета дека неговите реакции и емоционални изливи претставуваат секојдневие и одраз на неговиот карактер кој најдобро го знае неговата немажена ќерка, но сепак, како нешто да не штима. Ликовите кои ги гледа околу себе се на работ од реалното и имагинарното, и тој иако го забележува тоа, не сака да се помири со новонастаната ситуација.

„Таткото“ е совршена студија на развојот на непосакуваната болест деменција, која неочекувано и ненајавено влегува под кожата и си поигрува со вас.  Тоа влијае врз секојдневните одлуки на Ентони, кој сфаќа дека полека но сигурно го губи тлото под нозете, иако неговите ритуали, како гледањето на омилениот рачен часовник и контролата врз времето и понатаму ги практикува со опсесивно-компулзивна точност. Ваквиот развој на настаните налага реакција од неговата ќерка, во чии раце паѓа одговорноста за нејзиниот стар татко со џентлменски манири, ставајќи го својот веќе  по малку одминат живот во втор план. Нивната комуникација татко-ќерка низ совршено прецизните дијалози и нескриени емоции претставува вистинска лектира за актерско дуо меѓу кое постои совршена хемија на екранот. На крајот, животот го затвора својот магичен круг, и старецот благодарение на дементноста се претвора во детето од почетокот на сопствениот живот, кое само сака да се најде во прегратките на својата мајка. „Кој сум јас?“ е прашањето кое кога Ентони ќе го постави, ви се замрзнува крвта во жилите. Навистина, кои сме ние и што не’ чека до крајот од  нашиот неизвесен живот? Го има ли некој вистинскиот одговор?

Девет години по фантастичниот „Љубов“ на австрискиот волшебник Михаел Ханеке, во кој Жан-Луј Тринтињан и Емануела Рива на крајно уверлив начин ја разголија староста со сите нејзини доблести и мани, и младиот француски сценарист и режисер Флоријан Зелер (1979), благодарение на Ентони Хопкинс, со деби филмот „Таткото“ на зрел начин го доловува предизвикот наречен „доцно доба“, кое носи неизвесност и потреба за подадена човечка рака. Со тоа својата наградувана театарска драма со која постигна успех на сцените во Париз, Лондон и Њујорк идеално ја преслика во нов медиум, и со право му се насмевнува Оскарот.

Подгответе се за жестоки час и половина, после кои психолошки ќе бидете прилично истоштени. На мене ми се случи токму тоа, но по надминувањето на првичното чувство, следеа моментите на радост бидејќи сфатив дека сум гледал совршено филмско остварување, едно од оние кои потоа долго се паметат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *