Лауреати на КинеНова #6

Тешко е да организираш филмски фестивал за време на (пред)изборен циклус, кога сите ги интересира само политика. Но КинеНова #6 и оваа година реализираше одлично издание, на радост на љубителите на седмата уметност, чија програма во ноември продолжува и на ТВ. За мене како програмски селектор важна беше констатацијата од жирито на завршната вечер, дека сите осум селектирани филмови во трката за наградите биле одлични. Бугарскиот режисер Петар Валчанов, потоа, Зане Балчус, колешката од ФИПРЕСЦИ, и Владо Ангелов, директорот на Кинотека, нагласија и дека, на некој начин, (речиси) сите филмови се победници, бидејќи доделија дури 5 награди на различни филмски остварувања. Еве ги нивните одлуки и образложенија.

Стефан Арсенијевиќ („Страхиња Бановиќ“), Награда за најдобар режисер

Апсолутниот победник годинава во Карлови Вари стана лауреат и на КинеНова, добивајќи ја наградата за најдобра режија „поради маестралниот пристап при изнесување на виделина на една многу современа тема, онаа за мигрантите, со ликови кои се обидуваат да најдат подобар живот и сигурност во многу неизвесни околности“.

Давид Боневил и Диего Роша („Последното капење“), Награда за најдобро сценарио

Португалија е прилично религиозна земја, а Давид и Диего си поиграле со темата „забранета љубов“ низ суптилна еротичност на големиот екран, а жирито во своето образложение нагласува дека ја доделува наградата „за многу интимното и чувствително прикажување на ликовите кои го пронаоѓаат својот пат во новите околности, предизвикани од нивните постоечки погледи на светот“.

„АМАТЕРИ“ на Ивона Сикержинска, Специјална награда од жирито

Жирито може, но и не мора да додели „Special mention“. Но очигледно годинава им се допадна селекцијата на филмови и сметаа дека полскиот „Аматери“ треба да биде потенциран „за вештиот пристап кон справување со актерската екипа, во приказна за луѓе со посебни потреби во креативна средина“.

Нововоспоставената „УПА“ награда за најдобро актерско остварување отиде во рацете на актерката Мелика Форутан од филмот „ПАРИ“ на Сијамак Етемади „поради силната и незаборавна изведба во улога на мајка која поминува низ трансформативно искуство во потрага по својот изгубен син“.

И на крајот, победникот на годинашната КинеНова и добитникот на Гран при-то од жирито, филмот „ДРУГАТА СТРАНА НА РЕКАТА“ на Антонија Килијан, што е втор случај во шестгодишното постоење на фестивалот еден документарен филм да ја понесе главната фестивалска награда. Жирито потенцираше: „За силната приказна водена од женски карактер кој се обидува да го промени традиционалното општество, следејќи ги нејзините верувања и покрај противречностите и тешкотиите. Филмот демонстрира ветувачки силен глас на филмски режисер подготвен да се справи со тешки теми во предизвикувачки услови“.

Довидување до КинеНова #7, а во меѓувреме – ФИЛМТРИРАЈТЕ 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *