30 години од излегувањето на првиот албум на Архангел

Лонг Плеј

Кон крајот на 80-те конечно и јас добив грамофон. Воопшто не беше од оние, квалитетните, туку стариот го зема на рати преку фирма како увозна роба од Британија. Потоа видов и реклама во дневните весници каде се продаваше истиот сет кој се состоеше од два дека, потенциометри, радио, и најгоре – магичниот грамофон. И секако, две звучни кутии отстрана. Марката беше „Камакраун“ (Kamacrown). Смешки живи! Но искрено, ми вршеше работа. Пред се’, затоа што оттогаш посетите до „Југотон“ си имаа и своја фина завршница, со што почна моето скромно колекционирање на плочи.

Започнав со плочи од ЈУ групите (една од омилените која се’ уште ја имам во колекцијата е „Сјај у тами“ на загрепските романтичари Доријан Греј), потоа на подарок за роденден ги добив и „Live in Amsterdam“ на Психомодо поп, „Црно бијели свет“ на Прљаво казалиште, итн. Потоа следеа и неколку албуми од Боуви од 80-те, меѓу кои најдраг и најслушан ми беше „Scary monsters“.

На почетокот од 90-те во трговскиот центар „Мавровка“ се отвори и музичката продавница „Баги шоп“ на Манде, и вообичаена рута после часовите во средно ни беше посета на оваа музичка продавница. Мислам дека дури го знаев и распоредот на плочите во кутиите, која во кој ред стои, освен ако во меѓувреме не се продала. Првите плочи кои ги земав од таму беа „Архангел 1“ и „Live at Max’s Kansas city“ на Велвет андреграунд.

Во тој период многу бев опседнат со Енди Ворхол и неговата сентенца „Секој ќе биде славен барем 15 минути“, како скратена варијанта на онаа на Боуви „можеме да бидеме херои само на еден ден“. Впрочем, Ворхол имаше големо придонес во музиката застанувајќи зад Велвет андерграунд како мецена и продуцент на нивниот прв албум, легендарната „Банана“, која е негово дизјанерско дело (подоцна беше „виновник“ и за дизајнот на големиот јазик, налик на оној на Мик Џегер, како заштитен знак на сопствената новооформена дискографска куќа на Ролинг стоунс, но и за фармерките со патент кои ја красеа обвивката од нивниот албум „Sticky fingers“). И воопшто, читајќи ги релевантните списанија кои се’ уште доаѓаа од ЈУ просторите, како „Време забаве“ и останатите часописи посветени на поп културата (најчесто на музиката и филмот), сфатив дека Велветите се она вистинското, и дека нивното влијание врз музиката навистина е безвременско. Тие беа антитеза на доминантните хипи бендови во 60-те години, и со својата музика инспирираа многу правци во рокенролот кои ќе се развијат во следната декада како глам-рокот, панкот, а подоцна и гранџот. Не е за бадијала онаа приказна дека сите кои го купиле нивниот прв, „Банана“ албум, а тоа не биле баш многу луѓе на број (албумот се продал во околу десет илјади примероци), подоцна оформиле сопствен бенд. Нешто слично како и приказната за Пистолси – сите кои присуствувале на нивните први концерти, подоцна оформиле свои бендови.  

ЛП-то на Архангел ми беше едно од најслушаните, ако не и најслушано. Да, да, сигурно е така. Тој звук ме обземаше, и колку за момент и да беа недофатливи пораките на текстовите, тие предизвикуваа благ занес кој ме носеше низ тие несигурни денови на опстојување. На повремените журки кои претежно се одвиваа во Карпош како мое природно опкружување и место на движење и делување, одвреме-навреме знаев да однесам по некоја плоча од мојата колекција, па заедно со оние на другите пријатели и познаници да се собере завидно ниво на квалитетна музика на едно место. Токму на една од тие забави и исчезна „Кецот“. Добро се сеќавам, ја однесов само таа плоча и си реков, ако има простор, ќе го замолам ди-џејот да сврти некоја песна од неа, ако не – здравје (не сум од оние што на такви опуштени собиранки гњават што треба да се слуша, а што не). Следното утро, исполнето со благ мамурлак, секој си фати кон својата страна, а по будењето дома попладне сфатив дека не сум си ја земал плочата. Залудни беа обидите на пријателите да и’ се влезе во трага. Иако на журката немаше многу гости, подона дошле и „падобранци“, па сомнежот падна врз нив.

Поради скршениот филм, првото ЛП на Архангел цело време ми беше пред носот во „Баги шоп“ и можев повторно да го купам, но некако не се осудував, и по одредено време, веќе го немаше во продажба, а заработката од истото веројатно ја изела растечката инфлација. Потоа и колеционерите ретко се осмелуваа да го оттуѓат од својата фонотека. Последна шанса ми беше единствениот другар од „Орце“ со кој се’ уште комуницирам и повремено се дружам, кој најави дека после долги години повторно сака да купи грамофон, откако и јас во меѓувреме се подновив. Тој имаше и се’ уште има релевантна колекција на музики од 90-те од која, беше доблесен, за еден роденден ми ги подари двата албума на Џој дивижн, „Unkknown pleasures“ и „Closer“ од лиценцен, полски издавач. Ми го скрши срцето! Овој пат тргнав во потрага по „Архангел 1“ задевајќи го дека ми е последна надеж, меѓутоа, очекувано, ми кажа дека се’ уште е загреан за нов грамофон и дека во догледно време најверојатно и ќе се поднови, но и ако не го стори тоа, сепак би ги зачувал плочите како ресентимент кон едно време кога светот беше поубав, барем за нашата генерација. Нашата декада се 90-те, колку тие и да беа сурови. Но тогаш се вљубувавме и одљубувавме, излегувавме секоја ноќ и живеевме со полна пареа, затоа што Скопје тоа ни го овозможуваше.

Конечно, по 25 години, во својата скромна ЛП колекција повторно го имам „Кецот“, во очи на 30-годишнината од неговото излегување. Го платив прилично солено, но како поминува времето, неговата вредност само уште повеќе ќе расте. Обвивката со девојката во оргазмична екстаза, со ореол на светец над  нејзината глава, се’ уште делува  предизвикувачки. Просто, повикува плочата да ја ставиш на грамофонот и да ја слушаш безброј пати. Насловната е дело на покојниот Златко Трајковски Хинки, всушност, негова  уметничка интервенција врз плакатот од култниот филм „Ние децата од железничката станица ЗОО“. Кога на ова ќе се надоврзе и задната страна на обвивката, на која во еден спирален тек се напишани текстовите на сите песни и техничките генералии околу албумот, притоа создавајќи едно големо сонце, или подобро, спирален емотивен вртлог во кој ве носи музиката на Архангел, тогаш сликата е комплетирана.

О Боже мој, за каков влез во деби албум се работи. Антологиски! Функционира фантастично, свежо и модерно и после три декади. Гитарата на Гино е на „тенки жици“, на која се надоврзува Петар Јанков со игрива и длабока „џој-дивижновска“ бас-линија. А Вртев пее, бидејќи уште тогаш знаеше:

За сите возрасти

Нови радости

Тие знаат најдобро

што ни е потребно

И што е модерно,

Се’ е скроено

Боже, овде гледам само робови!

Тука се и „Луна“, „Брчки“, „Молк“, „Два во еден“, „Исус“… ПЕСНИШТА!!! Затоа, и ден-денес, после триесет години, кога и да го пуштам првенецот, срцето ми заигрува, и не можам да го стиснам „стоп“ копчето. Овој албум, едноставно, се конзумира од почеток до крај, и дефинитивно го издржа тестот на времето.

Години во кои над нас е небото

Години во кои под нас е земјата

Години во кои зад нас е времето

Години во кои пред нас е можното.

Златно! Жолто!

1 thought on “30 години од излегувањето на првиот албум на Архангел

  1. Деко

    Бравос за текстот во кој ни ги сподели своите суптилни и силни чувства. Сите ние слично чувствуваме, но ти тоа ни го кажа. Слично како кога сите знаеме дека некогаш сме биле херои – тој ден, ама само Боуви тоа ни го кажа и испеа … па мислата станува материјалот од кој сме направени: станува – НИЕ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *