Чернобил

Црешата во дворот на мајка ми рацветала до крајност. Ветува сочна пролет. Нејзиниот раскош ме враќа 35 години во времето. Мај, доцна пролет, црешите просто мамат да бидат вкусени. Но, советот е да не се јадат поради случувањата со Чернобил.

„Знаете минатиот месец што се случи во Русија!? Радиоактивните облаци се насекаде околу нас. Немојте да ги јадете, ќе се разболите“, беше предупредувањето кое, на наша зачуденост, го добивавме од родителите.

Со тоа комплетно ни се променија мајските попладниња по завршувањето на учлилишните часови, кога вообичаено се прикрадувавме кон двете цреши со натежнати гранки на соседите, кои изобилуваа со црвени и вкусни плодови.

„Мораме да го смениме планот“, рече резигнирано еден од другарите, „ќе умреме од досада“.

„Подобро од досада отколку од радијација“, констатираше друг.

„Ајде да одиме да собираме јајца“, предложи трет, и веќе бевме на работ од непрегледното поле пред нас, обрабено со високи тополи.

Јас не бев од оние што се чепарат по високите тополи, кој на крајот требаше триумфално да се симне со јајца од чавките или страчките, од едноставна причина што бев малку плашлив. Но двајца од другарите беа жилави и за час ја завршуваа мисијата. Овој пат само едниот од нив се врати со плен по двете посетени гнезда, со две јајца во рацете. Едното му го даде на соборецот, а другото го задржа за себе.

„Мислам дека има пиле внатре“, рече, и го затресе јајцето.

Навистина тежеше поинаку. Сите проверивме и се сложивме. Некој извади игла и започна процесот на вадење на внатрешната течност со дупчење на две дупчиња од обете страни на јајцето, за потоа од горната да се дува, а од долната дупка да излезе жолчката и белката. Новите олеснети трофеи се ставаа во кутија од бомбониера обложена со памук, чија обвивка вообичаено со некој светкав пејзаж една од бабите ја имаше закачено во својата соба како уметничка слика.

„Моево не оди, внатре навистина има пиле“, го чув она што не сакав баш да го слушнам. „Дај ми ја иглата, ќе ја зголемам дупката“, рече другарчето решено да си направи нов примерок во домашната колекција.

Внимателно ги зголеми обете дупки и почна многу посилно да дува за да излезе содржината од внатрешноста на јајцето. Образите му се зголемија, очите му потекоа, и тој дуваше и дуваше и… одеднаш низ подзголемената долна дупка на јајцето почна да излегува штотуку оформеното меко пиле, кое откако насилно беше истерано од неговиот дом, плесна долу на земјата. Некои од нас почнаа гласно да се смеат, а на други им се згади.

„Ние сме Чернобил“, рече тивко еден од момците.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *