Џамлии vs Virtual reality

Престојувањето во привлечната виртуелна реалност исполнета со заводливи слики, за новите генерации е неизбежност. Во напорите што повеќе време да се помине надвор од магијата на екранот, посегнуваме по различни алатки. Една од нив е потсетувањето на минатото, на сопственото детство, во кое социјализацијата се одигруваше на сосема поинаков, подиректен начин. Една од игрите низ која се созреваше беа џамлиите. Обидот за повторна креација на волшебниот круг во кој владееја строги правила на игра се покажа успешен.

Најважно беше потсетувањето на елементите и изразите кои беа составен дел од играта, терминологија која којзнае како настанала. Ова се основите правила при играњето џамлии на кои успеав да се сетам:

– играта стартува од кругот кон линијата, пристојно оддалечена, до која фрлаш со џамлиите, т.н. коњаци, па кој е поблизу, тој фрла прв назад во кругот

– шлајка – папокот на светот, дупка која се прави со петата додека се вртиш околу својата оска

– ќе реснам – во шлајка, по што повторно си на ред

– спијам – решаваш да останеш во шлајката, и ако друг ресне, те вади од работ со удари во твојата џамлија од кои боли срцето

– ренту – чистиш со раката пред џамлијата на противникот

– таксе маваш (не се таксе маам) – удар со чврга по џамлијата ако си ептен блиску до другата џамлија

– дигам – го креваш ударот над другата рака, која ја поставуваш дијагонално

– ја укопувам – ја газиш џамијата одозгора и ја вкопуваш до пола и повеќе во земја, нема шанси да те погодат

– со стапалото над џамлијата, кренато на пета, вртиш лево-десно и правиш магија да не те погодат, викајќи пипка-трепка

– на крај, особено во постудени денови, кожата на рацете ти напукнува, речиси крвјосува, па ставаш заштита од кожинка на местото, што се користеше за жила/чатал

Вообичаено се игра на ќар во сликички и ситни парички, а ако е спортска, тогаш се вика “на љуканка”, демек со прецизните погодоци ќе му ја излуштиш џамлијата на противникот. Изразите и правилата веројатно се различни од маало до маало, од град до град… Важно, социјализацијата на децата е загарантирана!!!

You may say I’m dreamer

But I’m not the only one…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *