Кон „Кајмак“ на Милчо Манчевски

Откако маркетиншки одлично беше одработена задачата по светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, на која се надоврза учеството на ценетиот фестивал „Golden horse“ во Тајван, новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја доживеа и својата домашна премиера, а веќе од следниот ден и широката дистрибуција низ македонските кина. Информациите за одличниот прием на филмот во азиските земји, каде вообичаено се бара билет повеќе за проекциите бидејќи љубителите на седмата уметност, за разлика од нашите фестивали, ги полнат кино-храмовите до последното место, беа навистина пријатни за конзумирање. Во време кога баш и не слушаме и читаме позитивни информации на сите полиња од општественото живуркање, епиететот „мрсна сатира“ ја заголицка фантазијата на овдешната јавност, надополнет со еротските сцени од трејлерот на филмот. Со тоа беа создадени сите услови за филмски спектакл, кој со повторувањето на промотивната формула од претходникот „Врба“, се случи во прекрасната филхармониска сала во Скопје.

Сепак, доколку се прочитаат одгласите на колегите кои го виделе филмот на двата фестивала, впечатокот се разводенува, и укажува на тоа дека со новиот филм на Манчевски треба да се биде внимателен. Впрочем, како и секогаш кога се гледаат неговите остварувања, иако тој во своите изјави ја кани публиката да не суди, туку да сочувствува со ликовите, кои во исто време се и жртви и душмани. Сценаристот и режисер секогаш бил вешт при промовирањето на своите нови чеда, и во интервјуата однапред ви дава координати во која насока треба да се движи вашето мислење како гледач кој треба отворено да му пристапи на неговото дело, што секако не значи дека не треба со широко отворени очи да оформите и свое мислење. Во она на филмските критичари, како за новиот филм, така и за претходните остварувања, секогаш ќе го пронајдете прашањето „што ново може да ни понуди човекот кој го сними „Пред дождот“, лавоносецот од венециската Мостра“, што сметам дека е легитимно, но погрешно, бидејќи Манчевски во меѓувреме сними уште шест остварувања, и, на крајот од краиштата, после 28 години логично е секој автор да има поинакви согледувања на животот и на својата уметност со која се занимава. Оттаму и пристапот кон секое негово дело треба и мора да се согледува низ таа призма, следејќи ги неговите искачувања и падови. Затоа многумина нагласуваат дека секогаш е тешко да се носи на грбот успехот на својот првенец, бидејќи врвот е достигнат многу рано, уште со дебитантското остварување.   

„Кајмак“ започнува со прецизно претставување на архитектонското лудило кое ја толчи нашата метропола веќе со децении наназад. Неможноста на граѓаните слободно да се движат низ пренатрупаниот простор одлично ја доловува камерата на данскиот снимател Улрик Боел Бенцен, кој користејќи различни агли и фокуси ја задоволува потребата на режисерот од сликовно претставување на последиците од живеењето во еден таков нехуман простор. Во тој  меѓупросторот на бетонската џунгла се развива и приказната за две семејства, секое со своите световни доблести и мани. Единствената допирна точка меѓу нив е кога се навредуваат поради фрлените отпушоци и празното шише виски, за што сосема предвидливо следи и залутан куршум на крајот. Како и во „Врба“, и овде во главниот фокус е желбата за мајчинство, но погледнато низ класните карактеристики на протагонистите, а надградено со други општествени теми како сексуалната слобода, улогата на жената во семејството, неверноста, експериментот…

Манчевски во сите свои остварувања си игра со испреплетеноста на човечките судбини во рамките на филмското време. Tука се и препознатливите симболи кои варираат од наслов до наслов (доматите и лубениците овој пат се заменети со зелки и кајмак). Љубовта кон филмската уметност е прикажана преку цитирањето на „You talkin to me“ пред огледалото, а особено онаа кон вестернот, навестена уште од одличниот „Прашина“, ја гледаме во ефектната а-ла-Серџо-Леоне сцена со двете тројки едни наспроти други, со пазарски ќеси во рацете. Варијација на песната „Не си го продавај Кољо чифликот“ се провлекува низ целиот филм. Дури се оди и чекор понатаму, па ликот на Благоја Чоревски, исто како и во „Врба“, и овде ни соопштува за гробното место на сопругата.

И сето ова до тука е во ред, додека не почне драмата да се претвора во вулгарна комедија, која, и покрај баналноста, ќе ве натера неколку пати и да се насмеете. Рамката е зададена, сторијата тече понатаму, но стрелката на компасот налудничаво се врти околу својата оска не можејќи да го пронајде соодветниот правец. Филмот во втората половина толку запаѓа во баналност и неприродни и изнасилени реплики преку кои, и да сте стекнале доверба кон ликовите, веќе во следната сцена не знаете што да правите со тоа. Причина е претераната стилизација и сведување на приказната на ниво на гег, анегдота, кои поврзани меѓу себе само ја зголемуваат хаотичноста на дејството.

Затоа, и покрај толку секс и небрежна смрт на крајот, впечатокот е дека Манчевски не понира длабоко во „филозофијата на паланката“, туку само минимално загребува под површината, комплетно оддалечувајќи се од прикажувањето на суптилноста на меѓучовечките односи. Со намерно потенцирање на грубоста во човековата комуникација како одраз на времето во кое живееме, само се  оддалечуваме од потенцијалот на болката кој сме го насетиле во сижето (се’ уште жалам зошто не е посветено поголемо внимание на потребата на Доста за мајчинство, туку безобѕирно е втурната во таков развој на настаните). Да, сатирата ја гледаме во очигледните детали, но истите тие се оставени да лебдат во просторот како и пердувот во една сосема непотребна сцена кој оди долу-горе, и обратно. Не е доволно да се биде ангажиран само со ругачки алузии од типот „Зрењанин“ и „Чепреганец-Грчева“, или со мало загребување на стиропорот од „Скопје 2014“, бидејќи разликата меѓу декадентните привилегирани и очајните непривилегирани одамна ја надмина границата на толеранција и веќе воопшто не е смешна, туку длабоко вознемирувачка. Но лекот за тоа, според „Кајмак“, е едноставен – „удри бригу на весеље“!

Манчевски деновиве изјави дека се зачудил кога продуцентка од Австрија му рекла дека сценариото не е доволно македонско, очекувајќи да види нешто што како клише се провлекува за овие простори. Странците отсекогаш имале одредена слика за Балканот која на крајот очекуваат да ја добијат и на големото платно како приказна. Зачуденоста на Манчевски е на место, бидејќи ова е стопроцентно македонски филм, затоа што, како и при политичките превирања во општеството, не се занимава со вистинските проблеми, туку со последиците од нив, на штета на даночните обврзници. Враќајќи се на констатацијата на почетокот од текстот, каде надежите дека оној кој ги поставил реперите за квалитетно дело потоа цело време ќе се обидува истите да ги достигне го ставаат во сосема незавидна ситуација, укажуваат на тоа дека на луѓето овде насушно им е потребен глас на разум од некој кому му дале доверба. Но, повторно и повторно на виделина излегува тажната вистина дека сите, помалку или повеќе, продаваат кајмак за бубрези. Затоа крајниот впечаток вели дека во домашната кинематографија со „Кајмак“ добивме само пософистицирана верзија на „Самоуништување“, во 2.0 варијанта.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *