Нова точка во Вртевата вселена

Кој вели дека Скопје не може да се чувствува авангардно? Синоќа Градскиот парк беше сцена  на која Македонската филхармонија и Ристо Вртев докажаа дека овој град, кој во годините наназад имаше периоди кога безобразно беше силуван од невкусот и тесноградоста, можат да се спротистават и да понудат нешто светско – а наше! Едноставно, Скопје и песните од Архангел синоќа беа сплотени во совршена симбиоза, толку многу потребна по периодот на изолација и менување на човековата перцепција за тоа што е нормално, а што не е и не треба да биде.

По кокетирањето со наследството на Пинк Флојд, Квин, Дејвид Боуви и останатите светски музички великани, овој пат нашиот најрепрезентативен оркестар се сврте кон најдоброто од ова тло, песните од Архангел кои се инспирирани од Скопје како вечен мотив во поетскиот светоглед на Вртев. Симболичниот датум 26 јули како потсетување на земјотресот од 1963 година кој посакуваме никогаш повеќе да не се повтори, само додатно му даде длабочина на настанот, кој, како и постземјотресно Скопје, е уште еден исчекор напред во протежирањето на вкусот пред кичот, на новите ветришта кои градот треба да го однесат на следното ниво на зрелост како метропола.

Како што доликува на еден ваков трибјут, концертот започна со првата тема од првиот албум на Архангел, „Ладно оружје“. Звучно збогатена со нови оркестрации под диригентската палка на Џијан Емин, оваа тема која претставува вовед во творештвото на бендот, но и сите останати песни, дваесетина на број, кои синоќа беа изведени, на најдобар можен начин претставуваат нова точка во Вртевата вселена, како круна на едно волшебно патешествие кое на крајот добива соодветен музички третман, достоен за паметење. Оставината на Архангел одамна претставува богатство за почит на македонската културна сцена, и како продолжување на трендот на настап на познатите музичари со ценетите светски филхармониски оркестри во изминатите неколку декади, како Дип парпл (1969), Ерик Клептон (1991), Металика (1999) и др, така и Вртев, по 2013 година во салата „Борис Трајковски“, повторно доби соодветна можност да го претстави своето творештво, овој пат пред поширокиот аудиториум, на еден ваков убав начин.

– Јас не се сметам себеси за рок музичар, туку за автор на песни. Тие песни можете различно да ги облечете. Додека се подготвувавме, забележав дека додека ги пишував песните, не се гледав во нив. И сега, слушајќи ги во овој звучен амбиент, се најдов во некои од нив. Беше трогателно – рече Вртев на конференцијата за новинарите во очи на синоќешниот настан, на кој отворено ја потенцираше привилегијата дека му претставува чест што го следи ваков одличен оркестар, надополнувајќи и звучно надградувајќи го неговото творештво.

И она што е најважно, синоќа во Градскиот парк можеа да се видат различни генерации на едно место, кои уживаа во совршената изведба на песните, неретко на глас пеејќи ги Архангел-химните, што и не е нешто невообичаено, нели. Во позитивно наелектризираната атмосфера дури имаше простор и за длабоко лични теми како „I’m sad“ од „Небесна машина“, а најдобро ново читање и освежен аранжман имаше култната „Милион долари“, која Вртев и Филхармонија ја изведоа маестрално. За време на двата биса, пак, вечерта достигна кулминација со изведбата на темата „Heart core“ од истоимениот албум, бидејќи ова навистина се „години на љубов ил смрт“, во кои песните на Вртев континуирано растат, влијаат и менуваат. На подобро.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *