Песни 1 – Чарлс Буковски

Чарлс Буковски беше еден и единствен, автентичен глас на маргинална Америка. Многумина за време на неговиот живот и после неговата смрт се обидуваа да го копираат, но не успеаја во намерата. Неговите песни се лек во времиња како овие, кога човештвото не знае што да прави со себе. Впрочем, песните на Буковски функционираат во секое време-невреме. Затоа е добро да се има колекција од неговата поезија, на која во секој момент можеш да се потпреш. 

Белградската издавачка куќа „Лом“ пред 13 години направи одличен потег со издавањето на собраните песни на Буковски во четири тома. Секако дека овој американски писател славата ја стекнал со романите „Жени“, „Блуден син“, „Фактотум“, „Свиња во виски“… но кариерата ја започнал на 40-годишна возраст со збирката поезија „Цвет, тупаница и ѕверски лелек“ (1960), а ја заврши повторно со збирка поезија насловена „Балет во палатата на коските“ (1997). Само во периодот на 70-те години, кога напишал четири романи и околу 50 кратки раскази, Буковски објавил преку 500 песни.

Пишувањето на поезија за Буковски не било само водење на емотивен дневник, туку и начин на живот, најспонтан израз на неговото битие, кое секогаш му давало нови адути за да живее понатаму. Еднаш изјавил: „Ако не пишувам една недела, се разболувам. Не можам да одам, ме фаќа вртоглавица, лежам во креветот, повраќам. Морам да пишувам. Кога би ми ги одсекле рацете, ќе чукам на машината со нозете…“

Обожувајќи го едноставниот израз во неговите песни, ќе се обидам да ги најдам десетте најдобри во секоја од четирите книги, во серијал кој повремено ќе го збогатува духот и ќе ни дава елан да го издржиме овој предизвик, бидејќи животот секогаш е посилен од стравот од смртта. Од првата книга се издвоија две песни поврзани со книжевноста/поезијата, како и четири жестоко ангажирани песни, и секако, оние неизбежните, за односот со неговите безбројни жени. Уживајте!

Пријателски совет за многу млади луѓе

Оди на Тибет.
Јавај на камила.
Читај ја библијата.
Обои ги чевлите во сино.
Пушти брада.
Обиколи го светот во хартиен брод.
Претплати се на Saturday evening post.
Џвакај само со левата страна од вилицата.
Ожени се со еднонога жена и бричи се со вистински брич.
Врежи го своето име на нејзината рака.

Миј ги забите со бензин.
Спиј цел ден, а ноќе чепари се на дрво.
Биди монах и пиј ракија и пиво.
Држи ја главата под вода и свири на виолина.
Играј стомачен танц под розевкасти свеќи.
Убиј го својот пес.
Кандидирај се за градоначалник.
Живеј во буре.
Расцепи си ја главата со томахавк.
Засади лалиња на дожд.

Но немој да пишуваш поезија.

Ефектот на поразот

никаде не оди без нотес, вели,
и не пиј премногу, пиењето ја отапува сензибилноста,
не пропуштај читање на поезија,
воочи ги паузите при дишењето,
а кога читаш ти, секогаш успори
намали го значењето
толпата е попаметна отколку што мислиш,
а кога нешто пишуваш, не го праќај веднаш,
стави го две недели во фиока
потоа извади го и погледни го
и поправај, поправај
секогаш повторно поправај,
збиј ги редовите како клиновите што ги држат
носачите на мостот од пет милји,
и држи го нотесот крај креветот,
во текот на ноќта ќе ти се појават мисли
и тие мисли ќе исчезнат или ќе пропаднат
доколку не ги запишеш.
и немој да пиеш,
секоја будала може да пие,
ние сме луѓе што пишуваат.

за тип кој никогаш не умеел да пишува
беше помалку или повеќе како и останатите:
навистина знаеше да сере за тоа.

„Еднаш снимив како му читам моја песна на лавот во зоолошката градина. Навистина ревеше, како да го боли. Сега поетите ја пуштаат таа снимка и се смеат кога ќе се напијат“.

Фуснота за создавање на толпа

Некои луѓе се млади и ништо повеќе,
а некои луѓе се стари и ништо повеќе,
а некои луѓе се ниту стари ниту млади,
и само тоа.

и кога мувите би носеле облека
и кога сите згради би изгореле во златен оган,
и кога небото би се занишало како стомак на стриптизета
и  кога сите атомски бомби би заплакале,
некои луѓе би биле млади и ништо повеќе,
а некои луѓе стари и ништо повеќе,
а останатите би биле исти,
останатите би биле исти.

оние неколку поинакви
доволно бргу ги отстранува полицијата,
или нивните мајки, нивните браќа, останатите;
и тие самите.

Се‘ што останува е она што го гледаш.

Тешко е.

Милионери

вие
без лице
без никакво лице
што се смеете за ич ништо –
само да ви кажам
пиев во собата за бедници
со имбецилни пијаници
чија причина беше посилна
во чии очи се’ уште имаше светлина
чии гласови се’ уште зачувале некаква чувствителност,
и кога зазоруваше
ни беше лошо, но не бевме болни,
бевме без пари, но не бевме измамени,
лежевме на нашите постели и станувавме
доцна попладне
како милионери.


„Сето твое пишување за болката и страдањето е обично фолирање“.

Работници

постојано се смеат, дури и кога ќе падне греда
и ќе уништи нечие лице или ќе повреди нечие тело
тие и понатаму се смеат,
кога бојата на очите ќе стане застрашувачки бледа
поради недоволна светлина
тие се смеат;
збрчкани и имбецилни, иако се’ уште млади
се спрдачат со тоа –
човек кој како да има 60
вели дека има 32
и повторно се смеат, сите се смеат;
понекогаш ги пуштаат надвор на воздух
но оковани се да им се вратат на ланците
кои и да можат, не би ги раскинале;
дури и надвор, меѓу слободните луѓе
и понатаму се смеат,
одат наоколу глупаво тетеравејќи се
како да изгубиле чувство за рамнотежа;
надвор џвакаат малку леб
се караат, спијат, го бројат ситнежот, гледаат во саатот,
и се враќаат;

понекогаш, во критичните моменти
стануваат сериозни и зборуваат за – Надвор,
за тоа колку е само грозно да се биде засекогаш затворен Надвор,
и никогаш да не те пуштат назад;

топло е додека работат и по малку се потат,
но тие напорно и добро работат, толку напорно
што нервите пукаат, што пак предизвикува тресење,
но оние што се кренале над нив како ѕвезди често ги фалат,
и сега ѕвездите набљудуваат некои
кои се обидуваат да го успорат ритамот
не се заинтересирани или измислуваат болести
само за да дојдат до одмор
(одморот мора да се заработи за да соберат сила за некоја друга работа).

понекогаш некој ќе умре или ќе полуди
и тогаш од оној свет Надвор
доаѓа нов и му се дава шанса.

бев таму со години;
на почетокот работата ми се чинеше монотона,
дури и бесмислена,
но дури сега гледам дека сето тоа има смисла
и гледам дека работниците без лице воопшто не се грди,
и тие глави без очи – сега знам дека тие очи гледаат
и способни се да ја завршат работата.

жените често се најдобри, спонтано се прилагодуваат
и со некои од нив на паузите водев љубов;
на почетокот изгледаа како мајмунки
но подоцна видов дека беа живи и вистински
како и јас.

минатата вечер еден стар работник
побелен,  слеп и неупотреблив
пензиониран е за Надвор.

говор! говор! инсистиравме.

бев во пеколот, рече.

се смеевме, сите 4000;
го зачувал својот хумор до самиот крај.

Пат

усмртени во споредните улици на светот
измрзнати под знамињата
заложници на своите жени

одгледани во мрак за мрак

повраќавме во затнатите шолји
во бедните соби полни со бубашваби и стаорци

бесмислени војни
бесмислени години
бесмислени љубови

и не’ прашуваат:
зошто толку пиете?

ете, изгледа дека деновите се создадени
за да бидат потрошени
годините и љубовта се создадени
за да бидат потрошени

не можеме да плачеме
а тоа му помага на смеењето –
тоа е како исфрлање на
соништата, идеалите, отровот.

не барајте од нас да пееме,
смеењето е нашата песна
бидејќи сето ова е само ужасна шега.
Исус подобро да се смееше на крстот,
тоа би ги скаменило неговите убијци.

сега има многу повеќе убијци од тогаш
и јас пишувам песни за нив.

„Чекаш, во животот полн со мали приказни, да дојде смртта“.

Маж и жена во кревет во 10 часот навечер

Се чувствувам како конзерва сардина, вели таа.
Се чувствувам како фластер, велам јас.
Се чувствувам како сендвич со туна, вели.
Се чувствувам како сечен домат, велам.
Чувствувам дека ќе врне, вели.
Чувствувам дека застанал саатот, велам.
Чувствувам дека вратата не е заклучена, вели.
Чувствувам дека ќе влезе слон, велам.
Чувствувам дека треба да платиме кирија, вели.
Чувствувам дека треба да најдам работа, велам.
Чувствувам дека треба да најдеш работа, вели.

Не ми се работи, велам.

Чувствувам дека не ти е грижа за мене, вели.
Чувствувам дека би требало да водиме љубов, велам.
Чувствувам дека премногу водевме љубов, вели.
Чувствувам дека би требало да продолжиме да водиме љубов, велам.
Чувствувам дека би требало да најдеш работа, вели.
Чувствувам дека би требало да најдеш работа, велам.
Чувствувам дека ми треба пијачка, вели.
Чувствувам дека ми треба шише виски, велам.
Чувствувам дека ќе завршиме со вино, вели.
Чувствувам дека си во право, велам.
Чувствувам дека се предавам, вели.
Чувствувам дека би требало да се истуширам, велам.
Чувствувам и јас дека би требало да се истушираш, вели.
Чувствувам дека треба да ми го истриеш грбот, велам.
Чувствувам дека не ме сакаш, вели.
Чувствувам дека те сакам, велам.
чувствувам дека сега си во мене, вели.
Чувствувам и јас дека сум во тебе, велам.
Чувствувам дека сега те сакам, вели.
Чувствувам дека те сакам повеќе отколку ти мене, велам.
Чувствувам убавина, вели, би врескала.
Чувствувам дека вака би терал за навек, велам.
Чувствувам дека можеш, вели.
Чувствувам, велам јас.
Чувствувам, вели таа.

Интелектуалка

таа постојано пишува
како долг распрскувач за воздух
и постојано се кара;
нема нешто што можам да го кажам
а да не значи нешто друго,
затоа веќе не зборувам ништо;
и на крајот, таа ќе се искара самата со себе
и ќе се исфрли надвор зборувајќи:
не се обидувам да оставам впечаток кај тебе.

но јас знам дека ќе се врати,
тие секогаш се враќаат.

и така, во пет попладне
тропна на вратата.
ја пуштив внатре.

нема да седам долго, рече,
ако не ме сакаш.

во ред е, реков,
треба да се искапам.

влезе во кујната
и зема да ги мие садовите.

исто е и во бракот:
прифаќаш се’, како ништо да не се случило.


„Моите песни се само чкрабаници на подот од кафезот“.

Убиецот се смешка

поранешните девојки се’ уште ми се јавуваат на телефон
некои од минатата, некои од предминатата,
а некои од претходните години.
добро е да завршат работите кои не оделе добро
а добро е и да не се мрзи
или дури и да ја заборавиш
онаа со која не си успеал.

и сакам кога ми велат
дека се среќни со друг маж,
дека имаат среќа во животот.

кога го преживеаја овој овде
многу радости ги чекаат.
направив животот да им изгледа подобро
после мене.

им дадов можност за споредба
нови видици, нови курови,
повеќе спокојство и прекрасна иднина без мене.

секогаш ја спуштам слушалката,
задоволен.

Јас

жените не умеат да сакаат, ми рече.
ти умееш да сакаш, но жените се како пијавици.
јас тоа го знам бидејќи сум жена.

хахаха, се смеев.

затоа не се грижи поради раскинувањето со Сузан
бидејќи таа само ќе му се залепи на некој друг.

разговаравме уште малку, и тогаш паузиравме,
отидов во клозет и чесно се посрав размислувајќи:
баш убаво, уште сум жив
и во состојба да ги исфрлам непотребните работи од телото.
и да пишувам песни.
се’ додека е така, во состојба сум да се носам со
предавството, осаменоста, пораснатите нокти,
триперот и економските извештаи.

и така станав, се избришав, пуштив вода и помислив:
вистина е – јас умеам да сакам.

ги кренав панталоните
и се вратив во собата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *