Кон српскиот филм „СТАПИЦА“ на Срдан Голубовиќ

Одамна на големото платно се нема појавено толку вознемирувачки филм како „Стапица“, можеби уште од времето на рускиот лауреат во Венеција во 2003 година,
„Враќање“ на Андреј Звјагинцев. Семејната драма и специфичните меѓучовечки односи, доколку се работи за добро напишано сценарио, отсекогаш претставувале полн погодок, токму како што тоа е случај со ракописот на брачниот пар Срѓан и Мелина Кољевиќ, кои успешно го адаптирале истоимениот роман на Ненад Теофиловиќ. Балканската транзиција како меѓупростор во кој паралелно левитираат новите капиталисти и скромните граѓани е одлична почва за филмска лавиринт-приказна од која нема излез, нешто што во ниту еден момент нема никого да остави рамнодушен.

Сè почнува многу едноставно: Младен и Марија се млада брачна двојка која живее под кирија во Белград, се возат со старо „рено 4“ и се надеваат на подобри времиња. Нивната светлина во животот е десетгодишниот син Немања, кој по компликациите со срцето, ќе мора итно да се оперира во Берлин, зафат што би чинел 26.000 евра. Новата ситуација од кротките сопружници ќе направи сосема нови луѓе, соочени со нешта за кои никогаш во
животот не претпоставувале дека ќе дојдат до нив. „Кога бев мал, мислев дека животот е како филм, можеш кога сакаш да го паузираш и да продолжиш од онаму каде тебе ти одговара“, вели Младен во пресудните моменти, соочувајќи се со моралната дилема во која се наоѓа, застанувајќи пред можноста за избор, кој всушност и не постои.

Веќе докажаниот режисер Срдан Голубовиќ ваквата приказна мајсторски ја води од почеток до крај, без ниту еден празен од. Почнувајќи од Ромчињата кои ги чистат ветробранските стакла, преку малечките вињети, како симболиката на црвената и зелената светилка на семафорот, па сè до внатрешната уништувачка енергија на главните ликови како главен двигател низ филмот, режисерот виртуозно создава згуснато драмско дејство, врз сето тоа додавајќи минималистичка музика, што само се надоврзува на внатрешната немост и празнотија. Небојша Глоговац, Наташа Нинковиќ и Марко Ѓуровиќ со својата убедлива игра како навистина да претставуваат едно просечно белградско семејство, додека Аница Добра ја гледаме во сосема поинаква светлина, настрана од нејзината поранешна репутација на адолесцентска секс-бомба. Околу глумата на Мики Манојловиќ не треба да се трошат зборови.

За „Стапица“ може да се пишува уште многу, бидејќи отвора безброј теми за што вреди (и мора) да се зборува, бидејќи тие нè засегаат и нас, овде, и токму затоа навистина искрено ми е жал што овој филм не влезе меѓу петте номинирани за „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје. Го заслужува тоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *