Од вторникот, 14 октомври, дел од репрезентативниот Музеј на современата уметност, кој сите будно не’ набљудува од скопското Кале, е обвиткан во 1000 јутени вреќи, како дел од проектот на уметникот Ибрахим Махама од Гана. Се разбира, сите се сеќаваме на Христо Јавашев – Кристо (1935-2020), бугарскиот уметник со светско реноме, чија кариера беше обележана со „пакување“ на светските објекти во најфино руво. Овој пат во Скопје добивме еден вид реинтерпретација со африкански шмек, која претставува совршена метафора за моментот во кој живееме – неизвесноста со локалните избори.

Денот е дождлив и не е за шетање пеш низ центарот на градот и Старата скопска чаршија. Затоа одлуката да се стигне до МСУ со автомобил изгледа разумно. Секоја посета на Музејот на современа уметност е вистински празник. Местото на кое изгледавме еден куп филмови во 90-те и уште повеќе квалитетни изложби во изминатите декади си чучи спокојно на Калето, додека го чуваат градските пци. Движењето меѓу нив мора да биде внимателно, затоа што знаат да бидат непредвидливи. Бевме сведоци на таква ситуација која, за среќа, брзо се разреши.

Минуваме крај влезот и се упатуваме кон оној дел кој го краси најубавиот видиковец кон градот, обременет со ѓубрето на скалилата, новите градби во подножјето и со маглата во далечина, која го покрива Водно како да не постои. Воздухот е влажен, а графитите на белиот мермерен ѕид од музејот непотребни и веројатно не треба да бидат таму, освен ако не се дел од некој уметнички проект!?



И, зад аголот започнува „перформансот“ на африканскиот уметник, кој во 1000 вреќи го обвиткал поголемиот дел од музејот. Ибрахим Махама е роден во 1987 година во Тамале, Гана. Тој живее и работи во Акра, Кумаси и Тамале. Неговата работна биографија е импресивна, со изложби на сите светски континенти.
„Надвор од својата уметничка практика“, велат од МСУ на нивната интернет страница, „Махама активно се стреми да ја редефинира улогата на уметноста во општеството. Тој ги основал Центарот за современа уметност „Савана“ и студиото „Црвена глина“, обете институции посветени на образованието, експериментирањето и уметничката пракса водена од заедницата во северна Гана. Во 2023 година, Махама беше назначен и за уметнички директор на 35-тото Љубљанско биенале за графички уметности, Љубљана“.



Јутените вреќи висат, и уште повеќе гравитираат надолу поради тежината што ја создава дождот. „Тие се секојдневно користени за транспорт на стоки и производи, првенствено во економиите на глобалниот југ, носејќи ги на себе историските траги од процесите на трудот, размената, реферирајќи на теми како глобализацијата и миграцијата, експлоатацијата и економската нееднаквост“.



„Основан во 1964 година, МСУ – Скопје е создаден како платформа за уметничка размена, културна и меѓународна соработка. Изграден од донации после катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, претставува материјално здание на принципот на солидарност, место кое го одразува ветувањето за подобро општество“.



„Интервенцијата на Махама го обновува основачкиот етос на музејот, потврдувајќи ја улогата на уметноста во општеството и нејзиниот потенцијал да претставува и одразува акти на солидарност без оглед на различните просторни и историски контексти и ситуации. Зградата на музејот нераскинливо се поврзува со инсталацијата и јутените вреќи на Махама, станувајќи пандан во изразувањето и повторно промислувајќи ја и воспоставувајќи ја солидарноста, спротивно на доминантните глобални односи на моќ и експлоататорската геополитичка динамика“, вели текстот на страницата на МСУ, кога веќе каталог за посетителите немаше, откако ги прашавме одговорните внатре, во музејот.



Наместа неспретно заврзаните вреќи се закануваа дека може да ни паднат врз главите, не поседувајќи го оној перфекционизам на Кристо во кој обвитканите објекти изгледаа како бомбоњери. Но ваквата инсталација во просторот, поточно, интервенцијата врз музејот, совршено кореспондира со времето, со моментот кој го живееме – лудилото околу локалните избори. Имено, кандидатите за градоначалници и советнички листи во изминатиот период ни ја пукнаа главата со ветувања, додека на чекор од нив градот се дави во ѓубре. Тие толку фино ја запакуваа реалноста во своите спотови, што чиниш овде тече мед и млеко.
Спротивно на тоа, Ибрахим Махама го обвиткува нашиот најрепрезентативен музејски објект со јутени вреќи, оние кои на своите рамена ги носеле работниците натопувајќи ги со пот, понекогаш и со крв, само за да ја заработат таа проклета надница со која ќе го преживеат денот… се’ до следното утро. Затоа се чини дека овој „перформанс“ се одвива на вистинското место и во вистинското време, за да ја преврти реалноста наопаку, и да им даде нова перспектива на нештата.




И покрај дождот, веројатно најинтересен момент за истражување се деталите на вреќите и исписите кои чат-пат можат да се видат на нив. Овие вреќи кои раскажуваат за суровиот капитализам и експлоатацијата во случајов се искористени за уметничка инсталација, а една наша сограѓанка оставила коментар под написот за изложбата на еден од порталите, каде констатира дека „ова се глупости, и дека вреќите можеле да се искористат за подобра цел – собирање на ѓубрето низ градот“. На тој начин и таа станува активен учесник во овој уметнички проект, сместувајќи ги јутените објекти во фолдерот на демократско обмислување на амбиентот во кој заеднички живуркаме и егзистираме.



Заминувам од МСУ малку накиснат и побогат за едно зачудно искуство. И ако секојдневно разно-разни билмези ни ја “пакуваат” демократијата и не’ фолираат до бескрај, немаме баш секој ден можност да присуствуваме на обвиткани објекти од културата.
Симнувајќи се удолу, посакувам да го фотографирам музејот од далечина, да видам како неговото белило е покриено со кафевото платно, како сето тоа изгледа од дистанца, и сфаќам дека, за разлика од порано, кога гордо го кревавме погледот кон МСУ на ридот, овој пат, за жал, видикот ми е попречен од новоизградените „барокни“ објекти на државните институции.


Како и да е, можеби од долу нема да забележите дека горе нешто „необично“ се случува, па затоа оваа репортажа нека биде покана да ја посетите јутената интервенција врз МСУ на почитуваниот Га(ња)нец, која трае до 14 ноември.


