Архива за категоријата: Театар

Славните денови со дремење на МОТ во МКЦ, гледајќи и впивајќи многу откачени претстави, одамна се зад мене, всушност, и зад сите нас :-) Со театарот сум на релација топло-студено, но се обидувам да следам што се случува на „штиците што живот значат“ во домашните театри, повремено чкртнувајќи импресии за она што ме допрело ;-)

Приказната за генијалната Матилда

Вечерва во 19 часот во киното „Фросина“ при МКЦ беше изведен детскиот мјузикл на македонски јазик „Приказната за генијалната Матилда“, како дел од Фестивалот на детска креативност „Трамболини“. Препевот е на Весна Малинова, преводот на Јована Лалчевска, актерската игра на Радо Алексовски, а кореграфијата на Лара Иванова и Јована Спиркоска. Настапија членовите на Студиото за мјузикли за деца и младинци „Broadway JR“.

Читај повеќе

Кон „Падот на Масада“ во Драмски

Масада е древна тврдина во јужниот дел на Израел, која се наоѓа на врвот од изолирана карпа во форма на плато, на источниот дел од Јудејската пустина, крај Мртвото Море, 20 километри источно од Арад. Историчарот Јосиф Флавиј во своите списи запишал дека Ирод Први Големиот изградил палата за себе на планината, и ја утврдил Масада во годините меѓу 37 и 31 година п.н.е. Тврдината била последното упориште на крајот од првата Еврејско-Римска војна, кога трупите на Римското Царство извршиле опсада и со месеци се обидувале да ја заземат. Оваа историска приказна завршила со масовно самоубиство на 960 луѓе – сикариски бунтовници и нивните семејства кои се криеле таму. Масада денес е едно од најпопуларните туристички места во Израел, и како значенски термин често метафорично се користи за храброст, одважност, издржливост, непокорност… Токму овие значење во својот актуелен  драмски текст поставен во „Драмски театар“ во Скопје ги преиспитува Венко Андоновски, со фокус на прашањето за убиството и самоубиството.

Читај повеќе

„Иванов“ од А.П. Чехов

Во вторникот вечер имавме прекрасна можност да присуствуваме на двоен настан во чест на славниот руски писател Антон Павлович Чехов. Во 19 часот во фоајето на Македонскиот народен театар се одржа промоцијата на книгата „Иванов, две верзии (1887/1889)“, а еден час подоцна ja гледавме и театарската претстава на сцената на МНТ, кој продукциски стои зад обете задоволства.

Читај повеќе

Кон „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ на новосадскиот театар

Годинашното издание на фестивалот „Млад Отворен Театар“ синоќа и официјално беше затворен со претставата „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ на Српскиот народен театар од Нови Сад. Убава коинциденција, или уште подобро, програмска стратегија беше моментот фестивалот да се отвори и да се затвори со Достоевски. На стартот гостуваше Загрепскиот театар на младите со дводелната „Браќа Карамазови“ во режија на регионалната ѕвезда Оливер Фрљиќ, а синоќа во МКЦ гледавме фрагменти од делата на рускиот класик, во режија на Јернеј Лоренци. Очигледно, универзалните думи на Фјодор за човековата егзистенција, возвишеност и ништожност во ова (светско) лудило што ни се случува повторно се релевантни, како никогаш досега.

Читај повеќе

„Големиот Гетсби“ во изведба на HNK на „69 Сплитско лито“

На најубавата сплитска плажа Бене, има една фина летна сцена под сенката на дрвјата, каде по цел ден пеат штурците, и каде во вечерните часови се одржува дел од програмата на 69 издание на „Сплитско лито“. Таму се одигра и претставата на ХНК (Хрватскиот народен театар од Сплит) според антологиското дело на американскиот писател Френсис Скот Фицџералд, „Големиот Гетсби“.

Читај повеќе

„Странци“ на Паоло Геновезе

„Мислам дека имаме хит“, на времето велеше еден тип кој денес е во сосема поинаква улога, но можеби и не толку далеку од театарската. За еден театар е многу важно да има пар хит-претстави, но не оние кои служат за хахаха-хихихи (за тоа си постои театар „Комедија“), туку вистински интелигентни претстави за кои потоа уште долго ќе се зборува. Ми се чини дека комбинацијата Геновезе-Витошевиќ е добитна. Текстот на Геновезе е доволно провокативен, а режијата на Витошевиќ сосема паметна, и во тој случај, многу е веројатно дека крајниот резултат е – театарски хит!

Читај повеќе

„Силјан штркот Шанца“ во МНТ

Ете, имавме среќа после долго време да ја „начекаме“ претставата која својата премиера ја доживеа во 2016 година, и лека-полека стана навистина култна во Македонскиот народен театар. Впрочем, дуото Дуковски-Јаниќијевиќ уште од студентските денови на „Светло сиво“ ветуваше таква разврска, и во оваа претстава ги имаме во сиот свој сјај.

Читај повеќе

„Чудна случка со кучето во ноќта“ во Драмски театар

Поминаа векови додека повторно го пречекорив театарскиот праг. Причината не ја знам. Можеби беа пресудни љубовта кон филмот и неговото континуирано следење. А во деведесеттите, мојата декада, не беше така. Сите претстави на репертоарот на скопските театри беа гледани по неколку пати, а новото издание на МОТ ни доаѓаше како мелем на рана, прикажувајќи ни ги новите тенденции на европската театарска уметност. Но еве, случајот сакаше, како за прв пат по подолго време, да наидам на вистински театарски бисер, кој дефинитивно ме убеди дека што побргу треба да проследам што се случува на домашните „штици што значат живот“. Не сакам отрцани фрази, но и самиот живот понекогаш е и тоа како отрцан, па… 🙂

Читај повеќе