Архива за категоријата: Европски филм

Митот за квалитетот на европската кинематографија е присутен и денес. Продолжуваме да ги следиме врвните остварувања на Стариот континент ;-)

Кон „Сентиментална вредност“ и „Сират“, најдобрите европски филмови во 2025-тата

На 18 јануари напишав: „Синоќа во Берлин беа доделени 38-те европски филмски награди, во прекрасно шоу кое сосема се разликува од оскаровската помпезност и кое уште еднаш не’ потсети дека европскиот филм е автентична приказна што треба да се негува. Во сериозна конкуренција од квалитетни остварувања, апсолутен победник со шест европски статуетки е филмот „Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир, филм кој едни го сметаат за преценет, други за ремек-дело, а трети за повторување на она што Бергман сакаше да го постигне во неговите остварувања, што може да се смета и за референца. Во секој случај, филм што треба да се погледне и коментира“.

Тогаш се зачудив како може „Сират“ на Оливие Лаше да биде номиниран речиси во истите категории како и филмот на Трир, а да добие пет европски статуетки само во техничките (кастинг, монтажа, снимател, продукциски и звучен дизајн), но не и во главните категории (најдобар филм, режија, сценарио, актери…)? Решив да направам споредбена анализа, но дури откако ќе го изгледам „Сират“, што конечно деновиве и се случи. И? Размислувањето e на крајот од текстот, а дотаму… дотаму треба да се стигне 😉

Читај повеќе

Кон „Паноптикон“ на Георге Сикарулидзе

Победник на Интернационалниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“, чие десетто, јубилејно издание финишираше на почетокот на минатиот месец, e грузискиот филм „Паноптикон“ на сценаристот и режисер Георге Сикарулидзе. Жирито во состав Срдан Голубовиќ (режисер), Владимир Самоиловски (кинематографер) и Хамед Солејманзадех (филмски критичар) својата одлука ја образложија на следниот начин: „Исклучителна режисерска интуиција во раскажувањето приказни која се базира на клише, но далеку ги надминува границите на очекуваното, внесувајќи нè во светот на личниот, кревкиот и еротски универзум на главниот лик. Чувствителноста, храброста, непредвидливоста и ранливоста на ликовите во филмот создаваат мозаик од необичен и фасцинантен свет на непознатата Грузија“. Сето ова е доволна провокација за потсетување и препорака за филмот, претставувајќи го во продолжение ова мало ремек-дело од различни агли.

Читај повеќе

Кон „Конклава“ на Едвард Бергер

Едно од најпријатните изненадувања на филмското платно минатата година беше филмот „Конклава“ . На доделувањето на Европските филмски награди во декември незаборавни појави беа оние на Ралф Фајнс и Изабела Роселини, како носители на главните ролји во филмот на Бергер. Прекрасниот пар во зрели години блескаше на сцената и едноставно ме натера да го гледам нивното ново остварување, иако не сум голем љубител на политички трилери. Но возбудата се зголеми кога уште на најавната шпица прочитав дека се работи за адаптација на роман од Роберт Харис, сметајќи дека она што следи не може да биде здодевно, туку напротив.

Читај повеќе

Над вашите градови трева ќе расте, Анселм Кифер

Доколку сте љубители на современата уметност, тогаш сигурно сте се соочиле со делото на Анселм Кифер. Германскиот сликар и скулптор фигурира високо на листата на највозбудливи современи уметници во последниве неколку декади. Пред две години неговиот сонародник, режисерот Вим Вендерс, му направи прекрасна посвета со документарниот филм едноставно насловен „Анселм“, со поднаслов „Шумолењето на времето“. Меѓутоа, тоа не е прва филмска посвета на работата на германскиот виртуоз. Во 2010 година режисерката Софи Фајнс го посети неговото ателје во јужна Франција и го реализираше феноменалниот „Над вашите градови трева ќе расте“, кој одамна е дел од домашната ДВД колекција. Во меѓувреме, почитуваната Кица Колбе во својот најнов роман „Простување“, кој најтопло го препорачувам, значењето на неговата уметност мајсторски го испреплетува со дејствието на приказната во книгата, што претставуваше уште една силна провокација на која не можев да и’ одолеам. Така сите патишта не водеа кон Рим, туку кон овој текст, во кој низ филмскa визура, носител на главната улога е неверојатниот Анселм Кифер.  

Читај повеќе

Кон „Баломанија“ на Сисел Морел Даргис

На штотуку завршеното 15-то издание на „Македокс“, наградата „млад кромид“ за најдобар дебитантски документарен филм ја доби „Баломанија“ на Сисел Морел Даргис. Филмот на данската режисерка се издвои од останатите со својот квалитет, и беше единствен наслов кој фигурираше во мојата и во листите на Маел Генгес и Воутер Јансен, како членови на жирито кое одлучуваше за оваа престижна награда. Се разбира, со колегите на долго и на широко дискутиравме за сите филмови во одличната селекција составена од девет први или втори остварувања на младите режисери, но „Баломанија“ со својата позитивна енергија ни ги освои срцата.

Читај повеќе

„Црвениот балон“ на Алберт Ламорис

Има толку моќни кратки филмови, но ретки се оние кои потоа остануваат во сеќавањата. Еден од нив сигурно е францускиот „Црвениот балон“ на режисерот Алберт Ламорис, кој не се заборава лесно. Добитникот на „Златната палма“ во Кан за најдобар краток филм, на 30-тото доделување на „Оскарите“ ја доби наградата за најдобро оригинално сценарио, иако во него речиси и да нема дијалози. Тоа се’ уште е единствениот краток филм кој ја добил оваа престижна награда на Американската филмска академија.

Читај повеќе

Кон „Анатомија на еден пад“, европскиот филм на годината

Не е толку честа појава еден филм да ги собере наградите во речиси сите главни категории на доделувањето на европските филмски награди, но токму тоа се случи со француското остварување „Анатомија на еден пад“ на режисерката Жастин Трие, кој во мај ја доби и престижната „Златна палма“ во Кан. За многумина ваквата разрешница на крајот од европската филмска година е неочекувана, бидејќи дел од публиката и критичарите во филмот видоа „само уште едно остварување со судска парница“, но тоа, секако, воопшто не е точно. Можеби делумно би се сложил за режисерскиот дел од работата, каде школски решените сцени се наметнале сами по себе, но врвното сценарио на Трие во соработка со Артур Харари е оној бисер кој храбро се соочува со ѕверското современие во кое живееме, отворајќи безброј релевантни теми низ кои во центарот на вниманието е човекот. А кој друг!?

Читај повеќе

Лауреатите на „Европските филмски награди“ 2023

Синоќа во Берлин беа доделени наградите за најдобрите во седмата уметност во тековната 2023 година. „Европските Оскари“ традиционално се доделуваат на почетокот од декември, кога и привршува филмската календарска година на Стариот континент, за разлика од практиката на холивудската филмска индустрија, каде во опција влегуваат и филмовите кои премиерно се појавуваат во овој период од годината, па во март се прогласуваат најдобрите. Затоа на доделувањето на европските филмски награди горе-долу доминираат филмовите кои добро поминале на трите големи „А“ фестивали во Берлин (февруари), Кан (мај) и Венеција (септември), секако, ако доаѓаат од европската филмска провиниенција. Кога ќе заврши венециската Мостра, сите адути се на маса и почнуваат подготовките за европските награди. Така беше и годинава, бидејќи главен победник со неколку награди беше токму канскиот лауреат. Ова се годинашните европски филмски лауреати.

(c) Sebastian Gabsch
Читај повеќе

Кон „Стариот даб“ на Кен Лоуч

Луѓето заминуваат од домот поради разни причини: економски, социјални, политички, еколошки… поради подобра животна средина, подобри услови за работа, подобра иднина за поколението… но, за жал, и поради војна. Воените мигранти одамна станаа наша реалност, и нивната интеграција во новите контексти е еден од најголемите предизвици на современието во кое живееме. Токму со оваа горлива тема во својот најнов филм се зафатил и генијалниот режисер Кен Лоуч, кој во соработка со сценаристот Пол Лаверти, во последниве неколку децении ни ги „подарија“ најдобрите социјални драми на големиот екран. Многумина велат дека ова му е последен филм на британскиот ветеран, но знаејќи ја неговаа упорност и возбуда секогаш да се фаќа во костец со проблемите на современиот човек, ништо чудно да видиме уште некое негово остварување во годиниве што следат, само ако го послужи здравјето.

Читај повеќе

Кон „Бајка“ на Александар Сокуров

Еден од највозбудливите филмови прикажани на 22-иот „Синедејс“ дефинитивно беше новото остварување на рускиот режисер Александар Сокуров, кој по седумгодишен пост се враќа на големиот екран. Ученикот на Тарковски кого го сакаме поради неговите ремек-дела „Мајка и син“, „Руска арка“, „Татко и син“, „Александра“, „Фауст“… повторно се враќа на својата стара пасија, „поигрувањето“ со историските фигури, како и во неговата антологиска трилогија од почетокот на милениумот, „Молох“, „Бик“ и „Сонце“, каде ги „разголува“ Хитлер, Ленин и Хирохито на начин дотогаш невиден во филмската, и воопшто, во историјата. Овој пат на сцената ги имаме креаторите на човековата судбина во 20 век: Сталин, Хитлер, Мусолини и Черчил, а во споредни улоги се појавуваат Наполеон и Исус Христос.

Читај повеќе