Таг архива: рецензија

Кон „Наполеон“ на Ридли Скот

Холивуд на крајот од годината редовно нуди по некој спектакл на големото платно. На крајот од оваа, 2023 година, честа и‘ припадна на старо-новата приказна за една од најмаркантните историски фигури во минатото, Наполеон Бонапарта. Има неколку интересни работи за кои може да се држиме во овој проект, а во текстот ќе се занимаваме со три од нив: првиот, истоимен филм во филмската историја од 1927 година, изборот на Оскаровецот Жоакин Феникс за улогата на францускиот војсководец, и секако, актуелната (доцна) фаза од творештвото на режисерот Ридли Скот. Читањето на текстот нема да трае два ипол часа, колку што трае филмот, но бара внимателно исчитување 😉

Читај повеќе

Кон „Лена и Владимир“ на Игор Алексов

По повод излегувањето на неговата дебитантска книга, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“ во 2010 година, Александар Русјаков во едно интервју насловено „Пишувам раскази за љубовта“, изјави: „Често се навраќам на љубовта, зашто неа ја има насекаде околу нас, и само со љубов може да одиме напред и да успееме во тоа што го правиме“. Тој и во следните изданија за издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ продолжи книжевно, низ поезија и проза, да ја третира љубовта од различни аспекти, прилично автентично и со својствен стил. За жал, прекрасната книга „Тринаесеттиот месец“ која содржи шест приказни како дел од поголема целина, никогаш не доживеа своја завршна реализација, останувајќи само на првата замисла која се протега од јануари до јуни. Приказните од јули до декември не ја видоа светлината на денот поради други ангажмани на Русјаков, како и завршниот, тринаесетти месец. Сепак, добриот материјал секогаш наоѓа процеп во темнината. Првиот расказ, или новела (ако сакаме жанровски да ја тапиме), „Лена и Владимир“, деновиве можеме да го гледаме и на големото платно, во режија на дебитантот Игор Алексов. На тој начин фино се затвора кругот околу ова парче уметност.

Читај повеќе

Кон „М“ на Вардан Тозија

Ме израдува насловот на филмот кој Вардан Тозија го снимаше за време на светската пандемија. „М“ веднаш ми асоцираше на славниот истоимен филмски класик од 1931 година на германскиot режисер Фриц Ланг. По култниот „Метрополис“, тој на човештвото му го подари и ова антологиско филмско дело, кое отворено му покажуваше среден прст на растечкиот Нацизам во неговата држава, поради што  набргу мораше да ја напушти земјата во пакет со главниот актер во филмот, фантастичниот Питер Лоре, и обајцата Евреи.

Читај повеќе

Кон „Asteroid city“ на Вес Андресон

Минатата седмица присуствував на хрватската премиера на новиот филм „Asteroid city“ на режисерот Вес Андресон. Кај нас дистрибутерите се’ уште се во длабока сиеста. Летното кино „Бачвице“ во Сплит беше совршена платформа за гледање на едно вакво специфично остварување на големиот екран, додека паралелно ги слушате брановите на Јадранското море, звукот на авионите кои на 5-10 минути полетуваат и одлетуваат од сплитскиот аеродром, а повремено се појавуваа и светлата на понекој дрон. Дрон!? После гледањето на филмот, не бев веќе сигурен во тоа 😉

Читај повеќе

Кон збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ

Деновиве од печат излезе новото дело од работилницата на книжевниот мајстор Влада Урошевиќ, збирката раскази „Вонземјанки“, со поднаслов „Раскази од латинскиот кварт“, која пред читателите беше претставена на 18 април во киното „Фросина“ во МКЦ, со Гоце Смилевски како промотор. Ова е 221 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, со што професорот на прекрасен начин го заокружува креативниот период во кој ја доби наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ за книгата „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ (Арс либрис, 2022), а во меѓувреме Струшките вечери на поезијата објавија дека годинашен лауреат и добитник на „Златниот венец“ на манифестацијата е токму тој. Дефинитивно, ова е година на Влада Урошевиќ!!!

Читај повеќе

Кон романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ (Арс либрис, 2022)

Конечно, прозниот мајстор кој со децении наназад ja облагородува македонската книжевна сцена со прекрасни приказни, заслужено се вброи меѓу добитниците на наградата „Роман на годината“ за своето дело со генијално долго-осмислен наслов. Можеби тоа го заслужи уште со прекрасниот „Маџун“, мојот дефинитивен фаворит од неговата густа творечка библиографија, но Влада Урошевиќ и понатаму не престанува да изненадува со нови дела од својата книжевна лабораторија, па еве, во подготовка е новата збирка раскази „Вонземјанки“ со поднаслов „Раскази од Латинскиот кварт“, која во издание на ИЛИ-ИЛИ ќе излезе оваа пролет, на радост на бројните читатели и обожаватели.

Читај повеќе

Рецензија за „Двојна експозиција“

„Колку допирот може да биде од судбинско значење. И колку суптилноста на стилот може да плени? Многу, и притоа да остави силен впечаток. „Двојна експозиција“ на Игор Анѓелков говори за внатрешните војни на секојдневието, за миговните преграби, за погледите вредни цела една младост, за насмевките и допирите што говорат со јазикот на љубовта, за солзите во чии длабочини тонеме, за разминувањата од животно значење… и само писатели како него успеваат да ги забележат“. Сашо Огненовски напишал ангажирана рецензија за „Двојна експозиција“ во која опфатил многу различни аспекти кои ги нуди ракописот.

Читај повеќе

Нескротлива енергија од мозокот во срцето

Кон албумот „Мека машина“ на Хајка (Самиздат, 2023)

Со слушачка промоција на 28 јануари момците од бендот „Хајка“ го промовираа својот втор албум „Мека машина“. Темата која беше нивен ултимативен хит во текот на бројните настапи низ целата 2022 година стана наслов на второто свиречко чедо кое, за разлика од првенецот кој беше достапен само онлајн, си доби и свој физички компакт-диск облик.

Читај повеќе

Кон „Аватар 2: Патот на водата“

Пред некој ден, при случајна средба, еден познаник со кој не сме се виделе одамна, по вообичаените „како-си-шо-праиш“, не’ фати онаа мала, непријатна тишина кога не знаеш како да продолжиш понатаму, и во моментите кога веќе се немаше каде, тој како од пушка го исфрли прашањето: „Што мислиш, кои филмови годинава ќе добијат Оскари?“ Ме фати сосема неподготвен и затечен, и решив, како и секогаш, да ја кажам вистината, и само вистината: „Јас одамна не следам што се случува со Оскарите“. Тој ме погледна, заниша со главата горе-долу во знак на одобрение, и констатираше: „Аааа, ти си по оние Кан-ман, Берлин, Венеција…“ Слатко се изнасмеавме, се поздравивме и се разделивме, оставајќи ме попат да заклучам дека навистина во последниот период  многу повеќе ја следев и третирав седмата уметност која не беше произведена во холивудските студија. Впрочем, како и во најголем број од случаите откако 25 години се занимавам со филмска критика. Но, секогаш постои она „со чест на исклучоците“, а во случајов тоа е вториот дел од филмскиот спектакл на Џејмс Камерон насловен „Аватар: Патот на водата“.

Читај повеќе

Кон „Мими“ на Даријан Пејовски

Седум години по првенецот „Три дена во септември“, режисерот Даријан Пејовски ни го „подарува“ својот втор долгометражен игран филм едноставно насловен „Мими“. Снимен на модерен начин низ скопските улици, мудро избегнувајќи го споменичното шаренило и нагласувајќи го урбаното наследство на градот по фаталниот земјотрес, филмот ни ја раскажува приказната за психологијата на провинцијата наспроти метрополата (не штедејќи ја ниту едната ниту другата како начин на светоглед во животот), на крајот протнувајќи и нотка на универзалност преку мајчинството како чувство кое токму во овие „модерни“ времиња е ставено на испит.

Читај повеќе