„108×108“ на Весна Крмпотиќ

Не знам дали знаете, но на полиците во „ИЛИ-ИЛИ“ може да се најде примерок од официјално најголемата стихозбирка во светот. Се работи за поетската книга „108×108“ на славната писателка и преведувачка Весна Крмпотиќ, објавена од загрепскиот издавач „Профил интернационал“ во 2006 година во тираж од 1000 примероци.

Весна Крмпотиќ (1932-2018) е родена во Дубровник. Се школувала во Сплит, Загреб, Њу Делхи. Дипломирала психологија и англиски јазик во Загреб. Студирала бенгалски јазик во Њу Делхи. Живеела во различни средини. Од сите средини, вечната Индија е најкарактеристична за неа. Потоа, Дубровник од нејзиното детство. Потоа, древен Египет. Со својот сопруг, дипломат на поранешна СРЈ, и со три деца, живеела во Каиро, Вашингтон, Акра и Белград. Објавила 108 книги, и оттаму насловот на нејзиниот magnum opus.

На вкупно 2963 страници, авторката објавува 11.664 песни претворени во мали псалми за животот и искуствата низ него. Би било интересно секој ден да се чита барем по една песна, една белешка од книгата, и на тој начин, истата можете да ја читате осум и кусур години. Или можете да се заинатите и да ја прочитате за четири години, да речеме. А кога ќе ве прашаат „што читате во моментов“, вие постојано ќе го давате истиот одговор: „108×108“ од Весна Крмпотиќ. Шашаво 🙂

Весна Крмпотиќ е добитничка е на бројни награди, меѓу другите и на хрватската национална награда за животно дело. Хрватското академско друштво од Сплит ја награди за личност на годината во 2005 година, а Хрватската академија на науките и уметностите ѝ ја додели наградата за најголеми достигнувања во областа на литературата токму за книгата „108×108“. Исто така, наградена е со медалот „Звијезда Даница“ на Република Хрватска со ликот на Марко Марулиќ за нејзиниот извонреден придонес во културата. Друштвото на хрватски писатели, пак, ја номинираше Весна Крмпотиќ за Нобеловата награда за литература.

Весна беше првата што ја донесе индиската книжевна креативност на територијата на поранешна Југославија. Нејзин учител и гуру е никој друг туку големиот Саи Баба. Како што самата изјавува, по првата посета на ашрамот на Саи Баба и запознавањето со него, нејзината желба била целосно исполнета – нејзиниот писателски дар се зајакнал и се зголемил многукратно, и оттогаш таа прерасна во најплодна писателка на овие простори. Нејзината желба, напишана на парче хартија и предадена на Саи Баба, гласела многу едноставно: „Дај ми го зборот“.

За прозата и поезијата, Крмпотиќ во едно интервју изјави: „Поезијата може да биде во стихови или во реченици. Поезијата може да биде во проза, а прозата може да биде поезија. Вистинската поезија секогаш го бара тој оригинален, најсовршен збор, во кој сè е содржано. Таа е континуирано истражување што никогаш не запира, туку само ја доживува близината на она што се бара. Затоа, поезијата и прозата не се стихови, сонети или реченици, туку став, тоа е она што го гледате, го доживувате и го чувствувате“.

И на крајот, што да се каже за величенствената „108×108“, освен да се цитира авторката од предговорот за нејзината книга: „Прашајте ја книгата“ 😉