Архива за месец: април 2017

Кон „Ноќни животни“ на Том Форд

Филмот кој минатиот септември се закити со „Гран жири прајз“ на Венециската Мостра, илити втората награда по вредност веднаш зад „Златниот лав“ кој Милчо Манчевски го „лапна“ во далечната 1994 година, и покрај неколкумесечната дистанца оттогаш, сепак е вреден за внимание. Но не само поради тоа, туку пред сè поради неговата исклучителност и повеќеслојност, чија сугестивност трае и неколку денови по неговото гледање. Се работи за второто долгометражно остварување на сценаристот и режисер Том Форд, за чиј првенец “A single man” (2009) прочитав еден куп пофалби, но за жал, не успеа да му дојде редот за гледање. Затоа со нетрпение седнав да го изгледам „Ноќни животни“ (Nocturnal animals) и добив и повеќе од очекуваното, со оглед на предрасудите кои однапред на Форд не му даваа некаква шанса бидејќи дознав дека се работи за познат моден дизајнер и креативен директор на познатите брендови „Гучи“ и „Ив Сен Лорен“, но, еве, признавам, се радувам што згрешив.

Читај повеќе

Кон рускиот филм „Рај“ на Андреј Кончаловски

Човекот познат како „постариот брат на Никита Михалков“ пред сè поради подобрата позиционираност на помладиот филмаџија (а веројатно и поради Оскарот за Изгорени од сонцето во фаталната 1995 година за Милчо Манчевски, и македонската кинематографија во целост), во своите доцни и зрели години ги сними своите најдобри дела во кариерата.
Неговиот животен пат е прилично шаренолик, почнувајќи од филмските студии во младоста, каде се запознава со гуруто Андреј Тарковски, кому му асистира при снимањето на антологиските „Ивановото детство“ (1962) и „Андреј Рубљев“ (1966). Откако по своите први целовечерни обиди, (меѓу кои и неколку цензурирани и сочувани одредено време во бункер) ќе се прослави со прекрасниот „Сиберијада“ (1979), неговата кариера ќе добие интернационална димензија. Од таа авантура вреден за споменување е „Љубовниците на Марија“ (1984), култен филмофилски наслов, а подоцна кариерата му беше ‘обременета’ со комерцијалните холивудски акциони комедии од 1989 година, „Танго и Кеш“ (со Силвестер Сталоне и Курт Расел) и „Хомер и Еди“ (со Вупи Голдберг и Џејмс Белуши). Во 90-те Кончаловски се враќа во постсоветска Русија и претежно се занимава со театар (неговата вечна опсесија – Чехов), но и со телевизиски серии (кога снемува парички, тркнува и до Холивуд да сними пар епизоди од познати серијали), итн.

Читај повеќе