Архива за месец: март 2019

Нормалноста како привид

Кон „Господ постои, името и’ е Петрунија“ на Теона Митевска

Со широко отворени порти за експериментирањето со филмскиот јазик, Берлинскиот филмски фестивал во последнава деценија се одвои од неговите „соперници“, филмските фестивали во Венеција и во Кан, и наметна свој критериум при вреднувањето на новините во седмата уметност. Во очекување на можност за гледање на годинашните победници во различни категории, се’ уште се свежи сеќавањата на минатогодишниот лауреат, контроверзниот романски доку-филм „Touch me not“ на Адина Пинтили, потоа, на унгарскиот победник во 2016 година „On body and soul“ на авторката Илдико Ењеди, како и на редица случаи претходно, кои само го потврдија непишаното правило дека еден од трите престижни „А“ фестивали на Стариот континент си фати своја траекторија на движење, и нема враќање назад.

Читај повеќе

Совршен документарец на работ од возможното

Кон „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов

Кинематографери: Фејми Даут, Самир Љума

Монтажер/продуцент: Атанас Георгиев

Македонската документаристика има долга и богата традиција зад себе, со вредни автори кои неретко освојувале награди на југословенските, европските и светските филмски фестивали. Впрочем, историски така и започнала целата македонска и балканска филмска приказна, со документација на секојдневието низ камерата 300 на браќата Манаки. И еден Стојан Попов не би бил тоа што е доколку во 70-те години не го калел својот филмски занает преку документарниот филм и славната трилогија составена од „Оган“ (1974), „Австралија, Австралија“ (1976) и „Дае“ (1979), кој доби номинација за Оскар, што претставува куриозитет во македонската документаристика до ден-денес. Се сеќавам каков одглас доби и еден подоцнежен доку-филм во 80-тите, ми се чини насловен како „Глас“, за животот на едно благородно старче во некое од нашите запуштени села, свирејќи на кавал (за жал, никаде не можев да дојдам до информација за него, што јасно укажува на една од болките во нашето општество – архивирањето на информации), кога како клинец свечено седнавме пред телевизорот и со нетрпение ја очекувавме премиерата на Телевизија Скопје, бидејќи родителите рекоа дека се работи за важен филм кој освоил меѓународни награди. Од таа декада во сеќавање ми остана и документарниот филм „Пчеларник“ на еден од доајените на македонската документаристика, Мето Петровски, 15-минутно брилијантно парче во продукција на „Вардар филм“ кое метафорично зборува за тие времиња, а преку пчеларникот го симболизира вечното вриење во овој дел од Европа, балканското „буре барут“, синтагма од која подоцна Дејан Дуковски направи цела кариера. Пчеларникот и пчелите всушност се сигнификативен премин кон она што во овие пар месеци се случува околу документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Ни помалку ни повеќе, тие освоија три награди на престижниот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, за првпат во историјата на овој филмски фестивал со долга традиција зад себе. Со тоа тие на најдобар начин се надоврзуваат на кратката хронологија од почетокот на текстот, потврдувајќи дека оваа земја отсекогаш негувала квалитетни документаристи.

Читај повеќе

Кон двојното ЛП „Сонична младост, приказната за ПМГ рекордингс 1998-2018“

Најавена кон крајот на минатата, 2018 година, како прекрасен подарок за сите љубители на звукот на современата македонска музичка сцена (особено за винил зависниците), но од оправдани причини, промовирана дури два месеци подоцна, винилната компилација „Сонична младост“ на ПМГ рекордингс е историски артефакт за случувањата овде и сега, поточно, таа е пресек на последните 20 години на домашната сцена низ призмата на работата на лејблот кој неуморно и на вистински начин го третира  квалитететниот современ музички израз. Насловот на албумот совршено кореспондира со желбата, и најчесто, реализацијата на една совршена младост помината низ журки и музика, нешто што честопати во овој град претставувало утопија. Но…

Читај повеќе