Ноември е месецот кога словенечката метропола танцува во ритамот на филмот. Колегата Симон Попек и неговата екипа долги години се трудат Љубљана за време на фестивалот да го добие најдоброто од тековната европска и светска кинематографија, и судејќи според понудата, повторно успеваат во тоа. Од 13 до 24 ноември сите филмофили можат да уживаат во програмата поделена во неколку секции, која од која попровокитвна и повозбудлива. Во продолжение правиме краток хајлајт на понудата 😉
Легендарниот „Цанкарјев дом“ во срцето на градот овие денови е главното собиралиште на филмските сладокусци, но фестивалската програма се одвива насекаде, односно, во сите кино сали со кои во моментов располага Љубљана.
Со колегите Маруша Курет од Словенија и Хамед Солејманзадех од Иран ја имам таа чест да бидам дел од ФИПРЕСКИ жирито, кое ќе ја додели наградата на најстарата и најрелевантна организација на филмски критичари во светот на најдобриот во селекцијата „Perspectives“, која содржи десет натпреварувачки филмови. Се работи за селекција на дела кои доаѓаат од кинематографии кои не се во врвот на светскиот интерес, и затоа возбудата е уште поголема. Едвај чекам да ги погледнам новите остварувања од Индија, Грузија, Литванија, Унгарија, Грција, Романија… бидејќи токму фестивалите се места каде можеме да нурнеме во светот на Другите, чии приказни тешко и ретко доаѓаат до нас.
Програмата „Avant-premieres“ може да се смета како „главна“ фестивалска програма, бидејќи ги нуди наградуваните филмови оваа година на главните светски фестивали, како и насловите на познатите режисери во комбинација со новите остварувања на авторите кои не се во онаа „топ лига“ на врвни имиња, туку се оние кои со своите нови остварувања секогаш ги поместуваат границите на седмата уметност. Оваа селекција ги содржи актуелните филмови на Копола, Тановиќ, Алмодовар… но и оние на Димон, Бејкер, Дрезен…
Програмата „King and Queens“, пак, е еден вид хибридна понуда од наслови во кои ќе пронајдете документарни филмови, азиска егзотика, јужноамериканска класика, балканска прељуба и, некаде помеѓу, новото „шашаво“ остварување на ветеранот Дејвид Кроненберг.
„Panorama“ и „Extravaganza“ се селекции за филмофилите со отворени погледи, а Љубљанскиот фестивал не ги заборава и најмладите, затоа што мора да се гради љубовта кон подвижните слики уште од најмали нозе. За нив селекцијата „Kinobalon“ нуди многу кратки и долгометражни изненадувања.
На јубилејното издание на фестивалот, на кое има многу гости, работилници, мастеркласови и формални и неформални средби на луѓето од фелата, во фокус се два автора. Легендарниот грчки режисер Коста Гаврас е претставен со ретроспектива која, се разбира, го содржи и култниот филм „Z“ за бруталноста на воената хунта во матичната држава, кој во далечната 1969 година доби два лава во Кан (Jury prize и најдобар актер) и два Оскара (најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и најдобра монтажа).
А за љубителите на јапонската кинематографија, вистинско колаче, „hommage“ на најдобро чуваната тајна во земјата на изгрејсонцето – делата на Јасузо Масумура.
Се’ на се’, веќе течат возбудливите филмски денови во словенечкиот главен град, кој од 13 до 24 ноември ја слави филмската уметност во сиот нејзин сјај!