40 години „Почудно од рајот“

Во средината на 90-те имав можност почесто да патувам во Будимпешта како концертна дестинација. По паѓањето на „железната завеса“, музичарите и филмаџиите сакаа да престојуваат во градот на Дунав, каде во последната деценија на минатиот век се случуваа убави нешта, а за тоа не ни бараа визи. За време на еден таков излет, открив еден културен центар со неколку кина во кој токму тие денови се прикажуваше ревија на филмови од Џим Џармуш, кој беше актуелен со филмот „Dead man“. По проекциите, се дружиш низ пијачка со патници-намерници од цела Европа, и на крај се честиш со едно филмче на ВХС. Немав дилеми дека тоа треба да биде вториот целовечерен филм на Џармуш, чие дејствие „се врти“ околу унгарските имигранти кои сонуваат да се вратат дома! Впрочем, сето ова фино го доловив во мојот втор роман „Фото синтеза“ (2013) 😉

Оваа година „Почудно од рајот“ слави јубилеј – четири децении од неговата премиера. Наративот на филмот се одвива во три чина, секој означен со споро темпо и фокусирање на световните, навидум безначајни моменти во животите на главните протагонисти. Овој пристап и’ овозможува на публиката да се нурне во внатрешниот свет на ликовите, чувствувајќи ги нетрпението и исклучувањата што ги дефинираат нивните животи. Употребата на долги и статични кадри создава чувство на зен-размислување, истакнувајќи ја изолацијата на ликовите и мрачниот контекст во кој егзистираат. Впрочем, ова ќе биде препознатливиот филмски јазик во сите филмови што Џармуш ќе ги сними потоа.

Прикажувањето на Џармуш на Америка низ очите на аутсајдерите – унгарските имигранти Вили и неговата роднина Ева – нуди нов синеастички поглед за земјата, кој е критичен и ангажиран. Неверојатниот хумор и недооценените изведби на актерите Џон Лури, Естер Балинт и Ричард Едсон придонесуваат за вечниот филмски шарм на ова остварување и неговото трајно влијание врз другите филмаџии.

Генерално, „Почудно од рајот“ е филмски скапоцен камен што ја доловува суштината на независниот филм од 1980-тите. Тоа е суптилно, но длабоко истражување на отуѓеноста, културната дислокација и тивката убавина на обичниот живот. Затоа филмот на Џармуш се смета за вистинска класика во независната светска кинематографија, која заслужено ја доби наградата „Camera d’Or“ на престижниот фестивал во Кан, најавувајќи го сценаристот и режисер како ново авторско име на кое треба да се внимава. И не згрешија!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *