Кон романот „Мина“ од Игор Анѓелков; пишува: Тони Ќосев
Во деведесеттите години на минатиот век, на Балканот беснееја страшни војни. Во Белград почна да излегува неделникот „Време“, интелектуален светилник кој фрлаше светлина надалеку во тоа мракобесие. Последна рубрика во весникот беше „Време на уживање“, во која на лирски начин беа опишувани разни предмети, појави и активности кои помагаат за бегство од стварноста, како начин на преживување. Мене најмногу ми се допадна написот за дебелите книги. Читањето како библиотерапија.
Бев војник во Белград на ВМА. За време на едно ноќно дежурство во четата ја читав „Волшебниот брег“ од Томас Ман. Занесен во читањето го чув милозвучниот глас на заставникот прва класа Петар Јолев: „Јели бре Чосев, докле чеш да читаш тај телефонски именик Југославије? Па ти чеш све телефонске бројеве напамет научити“.
Читањето кај децата е конкретно – се создаваат слики, претстави и сцени од прочитаното, додека кај возрасните е апстрактно преку поврзување на поими, судови и заклучоци, па се отвораат спомените и сеќавањата, се ројат асоцијации на претходни настани, чувства и искуства – пријатни и непријатни. Романот има внатрешна структура и логика на случувањата, доследност и уверливост, и читателот може да го предвиди расплетот. Уште Балзак заклучил дека книжевноста станува наука, а писателите научници кои мора да поседуваат знаења и познавања за темата за која пишуваат, а импровизации не се дозволени. Човековото спознавање минува низ еволуциски процес од поголеми кон помали невистини и од помали кон поголеми вистини. Безброј великани со своите дела им овозможиле на своите наследници да го продолжат патот на напредокот на човештвото низ прашумата на незнаење, суеверие, отпори, пречки. Исак Њутн рекол дека видел подалеку од другите затоа што стоел на рамениците на џинови („Standing on the shoulders of giants“).
Новиот роман на Игор Анѓелков, „Мина“, е продолжување и дополнување на претходниот, „Шрапнел“, чиј квалитет и висок дострел беше непрепознаен од критиката, а и наградите го одминаа. Иако мал по обем, „Мина“ е толку богат со настани и личности, со убав избор на одбрани цитати од книжевни великани (По, Вулф, Горки, Мајаковски, Остер, Еко, Јерговиќ, Солев…). Лека-полека Анѓелков гради голема книжевна семејна сага како Сомерсет Мом, Томас Ман, Миљенко Јерговиќ и други автори.
Во романот има:
- демистификација на писателската работа
- инвентивна анализа на стари фотографии, како Антониони во „Blow up“
- носталгија по радио-емисиите: „101 приказна“ (Борис Мајсторов), „Лирско интермецо“, „Три гонга“ и „Средби низ музика“ (Ѓоко Ѓорѓиев), „Поп албум“ (Димитар Чемков), радио-драми, прекрасната македонска народна музика
- сируп „Фолкодин“ – како млад лекар ми дојде една мајка и ми вели: „Препиши му на моето дете Фолкодин, јас му го мачкам на леб, па од него ем ќе се најаде, ем не кашла, ем заспива“
- Face app. – брзи промени на стареење на човекот, најдобро прикажано во филмот „Song remains the same“ во песната „Dazed and confused“ со неповторливиот Џими Пејџ
- лекарската елита како олимписки богови – заводници, моќни, големи стручњаци, недопирливи
- културен шок – клавирска музика како „капаица“
- народни обичаи
- откорнатици, луѓе кои се преселуваат во туѓи земји како пресадени цвеќиња од саксија во саксија
- човек, колку и да е ментално и духовно оскуден, е еднаков на Мартин Хајдегер и римскиот Папа – негација на тоа е расизам и фашизам (М. Јерговиќ). Сличности како во „Киклоп“ на Ранко Маринковиќ, за изборот меѓу уличниот продавач на весници („њутање новине“) и катедралата
- семејни тајни…
Ана Мартиноска направила сеопфатна анализа на романот.
Читањето на книгата го завршив длабоко во ноќта спроти „Задушница“. Но не жалам, тоа беше време на уживање.