Минатата седмица присуствував на хрватската премиера на новиот филм „Asteroid city“ на режисерот Вес Андресон. Кај нас дистрибутерите се’ уште се во длабока сиеста. Летното кино „Бачвице“ во Сплит беше совршена платформа за гледање на едно вакво специфично остварување на големиот екран, додека паралелно ги слушате брановите на Јадранското море, звукот на авионите кои на 5-10 минути полетуваат и одлетуваат од сплитскиот аеродром, а повремено се појавуваа и светлата на понекој дрон. Дрон!? После гледањето на филмот, не бев веќе сигурен во тоа 😉
Американскиот режисер Вес Андерсон со неговите филмски остварувања во последниве пар децении стекна култен статус меѓу љубителите на седмата уметност. Неговиот филмски јазик на прецизно поставена и кадрирана сценографија и мизансцен, надграден со ексцентрични ликови, е толку уникатен, поради што стекна редица фанови кои со нетрпение го очекуваат секој негов следен филмски излет. Нема посериозен филмофил кој не ги почитува „Fantastic Mr. Fox“, „Moonrise kingdom“, „The French dispatch“ и неизбежниот „The Grand Budapest hotel“, комерцијалниот врв во неговата кариера.
Овие филмови се толку специфични што неретко на Интернет ќе сретнете рубрики од типот „Места кои излегле како од филмовите на Вес Андресон“. Така се шири гласот за авторот, така се стекнува култен статус. Но, во таква позиција лесно можете и да се подлизнете доколку почнете да се рециклирате самите себе. Тоа е едно од „проклетствата“ на статусот „култен“. И Џим Џармуш со последните филмови се доведе во таква позиција. Тоа не е случај само со филмаџиите, туку генерално со сите уметници. Со текот на времето доаѓате до точка во која креацијата е на минимум, а потребата да се одржите ако не на врвот, тогаш барем што погоре во зоната на интересот, на максимум, и во таа игра го губите своето „јас“. Чинам дека и г-нот Андерсон со новиот филм плови тука некаде, во оваа зона на комфорот.
Како и во неговите претходни остварувања, и „Asteroid city“ содржи приказна во приказна. Филмот започнува во црно-бела техника, со една јали нереална јали надреална театарска претстава, поточно, со процесот на нејзиното создавање, со чие раскажување од страна на домаќинот Брајан Кранстон како да се враќаме во популарната те-ве серија „Зона на самракот“ од 50-те години на минатиот век. Токму на средината од таа бејби-бум деценија се случува и дејствието на филмот во фул Техниколор, во таканаречениот „Астероиден град“ со 87 жители, во кој пред повеќе од 5000 години удрил метеорит и сега е познато попатно туристичко место во кое се одржува манифестацијата на која се наградуваат младите научници за своите иновативни патенти.
Ѕвездената актерска екипа ја предводи Џејсон Шварцман како воен фотограф, чие дете (Џејк Рајан) е еден од вундеркиндите, а неговиот дедо ни помалку ни повеќе го игра омилениот актер на Американците, Том Хенкс. Едвард Нортон е драмскиот писател Конрад Ерп кој се мачи со текстот и кому публиката му помага да го допише, Едриен Броди е театарскиот режисер Шуберт Грин, а Тилда Свинтон како научничка и Стив Карел како сопственик на мотелот среде пустина се трудат, но како да не оставаат особен впечаток на крајот. За „оганот“ на екранот „виновна“ е заносната Скарлет Јохансон, која одигрува прилично зрела ролја на актерка во која го препознаваме секс-симболот на 50-те, Мерлин Монро. Ова за неа е можеби највпечатливо одиграната улога по онаа во „Lost in translation“ на Софија Копола.
Сепак, за да се биде актерски маестрален потребно ви е сценарио кое ќе води постојано напред, но во ова на Вес Андерсон речиси како ништо да не се случува, за разлика од „The Grand Budapest hotel“, да речеме, кој може дури да се прогласи и за акционен трилер. Но многумина сметаат дека таа „споровозна“ лента е квалитетот на „Asteroid city“, што значи се’ зависи од тоа како му пристапувате на делото, дрежјќи се до познатата максима „убавината е во окото на набљудувачот“. А убавината во ова остварување лежи во прекрасните дијалози меѓу ликовите кадрирани на супериорен начин, со боја која прска на сите страни и која ви предизвикува среќа што сте присутни во кино храмот токму во тој момент, на проекцијата на овој долгоочекуван проект.
Но, конвенциите велат дека за зголемување на возбудата ви треба и еден „свич“ во приказната. Тој се случува токму на половина од филмот, кога од нигде-никаде се појавува едно „мало-зелено-но-и-сучка-сиво“ вонземјанче кое го краде примерокот од астероидот, за по неколку дена да го врати – каталогизиран! Урнебес! Ова е навистина квалитетна зафрканција во однос на се’ позачестените објави за средба со вонземјани од страна на Конгресот на САД, за кои не знаеме дали да се смееме или да плачеме како човечки род.
Главната сентенца во филмот лежи во дијалогот меѓу ликот на Џејсон Шаврцман и оној на Едриен Броди. „Се’ уште не разбирам што се случува во драмата“, вели првиот, а вториот нонашалнтно му одговара: „Не е важно, само продолжи да ја раскажуваш приказната“. Се чини дека и на самиот Вес Андерсон некаде на средина од филмот му станало јасно до каде (не) стигнал, и тогаш се врти кон спрдачење со сопствените мани. Фина работа е автореференцијалниот хумор, но само доколку со него не сакаш да се извадиш од калта.
Како и да е, во лето во кое во кината владеат „Опенхајмер“ и „Барби“ кои неретко меѓусебно беа споредувани во еден паралел-слалом на (скриени) значења, филмот на Вес Андерсон е некаде помеѓу нив, но според реакциите, (беш)е најочекуваниот поради провокативната најавна кампања. „Asteroid city“ е дефинитивно филм кој треба да се погледне, и покрај тоа што потоа (можеби) бргу ќе го заборавите. Или, како што вели славниот словенечки филозоф Славој Жижек за еден од споменатите филмови: „Барби не може да ја поднесе вистината. Ние не бегаме во фантазија само за да го избегнеме соочувањето со стварноста, ние исто така бегаме во стварноста за да ја избегнеме разорната вистина за залудноста на нашите фантазии“. Истата констатација е соодветна и за новиот филм на „лудиот“ Вес.