Кон изложбата „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски

Датумот први септември секогаш носел убавини и изненадувања. Едно од нив станува и изложбата „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски во Националната галерија на Македонија, триесет и кусур години по неговото последно самостојно ликовно претставување пред јавноста. Каква  возбуда!  

И додека полната месечина ме следеше по целиот пат кон скопската чаршија, ту затскривајќи се зад зградите, ту појавувајќи се со сиот свој загадочно-црвенкаст сјај, конечно ја начекав како сака да се позиционира помеѓу двете куполи на Даут-пашиниот амам, играјќи си заводлива еротска игра со популарно-наречените „цицки“ на влезот од стариот град. Но вечерва, и покрај густата културна понуда на неколку пункта низ градот, сепак, сите патишта водат низ калдрмисаните улички во срцето на чаршијата, во Чифте амам.  

Официјалното отворање веќе поминало (и онака не сакам гужви), и сите зборуваа за долгиот аплауз кој одекнал од ѕидините на старата бања, откако Дурацовски на Урошевиќ му подарил портрет. Сега на раат може да се нурнам во ликовното творештво на струшкиот писател, чии книги ги сакам и кои ме поврзуваат со еден сензибилитет во книжевноста од претпоследната деценија на минатиот век, кога ги голтав расказите на неодамна починатиот Давид Албахари и се’ уште потентниот и контроверзен Светислав Басара. Но главниот архитект на книжевно-ликовниот свет на г-нот Дурацовски е нивниот сонародник Леонид Шејка, еден од основачите на уметничката група „Медиала“. Неговиот дух се провлекува и низ книжевното и низ ликовното творештво на струшкиот автор. Сликите директно посветени на човекот чија идеја беше бескрајната љубов кон уметноста и бескрајната верба во нејзината моќ, се едни од најсугестивните на изложбата.

Во чест на Шејка, 1974
Омаж за Леонид Шејка, 1981
Академија „Медиала“, 1977
Таа група во мугрите, 1983

Пред да дојдам, се думав која книга да ја донесам за Димитрие да ми ја потпише, како спомен на овој настан и на нашата прва средба очи-в-очи. Се одлучив за романот „Бледи сенки, далечни гласови“, кој се надевам дека нема да му биде и последен. Но, тој е зафатен со дружбата со посетителите, и решавам најпрво да ја видам и доживеам изложбата, а потоа да му пристапам и да се запознаам со него, откако во претходните години само се читавме и чат-пат си коментиравме на социјалните мрежи. Причина: „Ретко доаѓам во Скопје“, како што ќе рече подоцна. „И јас во Струга, за жал“, се надоврзав.

Затоа, на почетокот од прошетката низ изложбата ме израдува стаклената полица во која беа изложени сите досегашни прозни изданија на Димитрие Дурацовски, преку кои и го засакав неговиот авторски глас. За прв пат ги видов оригиналните изданија на првите две збирки раскази и уживав во нивниот „old-school“ дизајн.

Тогаш го слушнав гласот на кураторот Горанчо Ѓорѓиевски и му пристапувам за да му честитам за изложбата. Тој е вообичаено скромен и вели дека сите заслуги одат кај авторот и директорката Дита Старова Ќерими, која и покрај малиот буџет, успеала да создаде услови за едно убаво претставување на творештвото на Дурацовски. Се присетивме со Горан на легендарната изложба на групата „Ирвин“, уметничкото крило на словенечката „НСК“ која тој ја организираше пред 15-тина години во „Мала станица“, и кога се’ уште со „ИЛИ-ИЛИ“ бевме дел од културниот центар. Незаборавни беа реакциите на посетителите откако ќе излезеа од просторијата во која на одарот беше положено телото на Казимир Маљевич во природна големина. Тој во меѓувреме се обиде и да не падне во заборав работата на култната група „Зеро“ од 80-те години на минатиот век и приреди неколку изложби кај нас и во странство со делата на членовите. Со еден збор, Горанчо е еден од вредните момци на ликовната сцена кој, еве, успеа на сите нам да ни го претстави (речиси) интегралното творештво на Дурацовски, нешто за што само сме слушале и читале како далечно ехо од некои минати времиња. Браво!

Триптих „Маљевич-Нигредо-Албедо“, 1987

Конечно, најпрво заминувам во крајната просторија десно, и забележувам дека во меѓупросторот пред крајната голема галерија, која е затворена, е изложена една единствена слика. Нестварно делува фреската на светите Тројца, која намерно делува „нес/д/овршено“. Нејзината сугестибилност ме потсетува на прекрасното наследство од ѕидовите на црквите во Калишта и Радожда.

Троица и покров, 1982

Горанчо за момент ми дофрла дека сакале врз сликата, наместо светло од галериски рефлектор, да паѓа светлина од кандило, но на крајот, од технички причини, се откажале од идејата. Но нејсе, и вака делува моќно. Подоцна во каталогот прочитав дека уметникот ја создавал сликата за време на Божиќните празници.

Подоцна на изложбата ќе видам уште две слики со религиозни теми и мотиви, но во нивната изведба не толку сугестивни и успешни како оваа.

Белиот ангел
Агнец, 1983

Друга таква просторија, која не е дел од големите галериски пасажи, е една малечка лево од главниот влез. Се израдував кога видов дека и во неа се изложени слики. Беа три на број, и заедно со артефактите на подот и површината на ѕидовите, создаваа прекрасна симбиоза.

Кога добро погледнав, сфатив зошто тоа е така: пред се’ поради заводливото синило на езерото кое Дурацовски прекрасно го доловил на сликите. Всушност, две од трите изложени слики се од новиот милениум, од подоцнежната желба на уметникот повторно да наслика нешто на платното, а нив ги раздвојува „Мала бела слика“ од 1982 година, со подотворени ќепенци, како меѓник помеѓу езерските светови. Дефинитивно најголем впечаток остава сликата едноставно насловена „Трски“, за која додека Вилиќ во каталогот на долго и нашироко дума дали е кич или не е, на крајот одлично поентирајќи, погледот врз неа дефитивино стаписува и ви остава возвишено чувство највеќе поради едноставноста, која секогаш е најтешко да се долови. Го најдов својот фаворит!   

Во манастир кај езерото, едно пиле и дете, 2008
Мала бела слика, 1982
Трски, околу 2000

Во еден дел од изложбата е претставен циклус од цртежите на Дурацовски, како еден вид на скици за нешто повеќе, но истовремено и како заокружени дела кои даваат јасна порака за една конкретна мисловна целина. На нив е присутна сета метафизика на светот, врз која Дурацовски остава свој белег со прецизните линии и отворањето на бесконечните ликовно-мислечки димензии. На нив има претставено многу соништа, но и секојдневни дневнички записи. Дел од нив може да се прочитаат како секвенци и во каталогот.

На цртежите може да се препознаат одредени ликови од уметноста, што е редовна постапка на уметникот и на сликите на платно, каде и во нивниот наслов ја нагласува воодушевеноста од нивната работа и мисла. Во еден цел серијал на слики можеме да го препознаеме влијанието врз Дурацовски кое се простира од магичниот реализам на Хорхе Луис Борхес, преку поезијата на Јејтс, па се ‘ до деструкцијата на филозофот Хегел.  

Фотографија: Маја Аргакијева
Фотографија: Маја Аргакијева
Борхес и јас, 1981
Зошто Борхес, 1977
Зошто Јејтс, 1977
Деструкција со крст на Хегел, 1980
Окото на надреализмот, 1977
Портрет на Марко Ристиќ, 1983
Кадар од Дреер, околу 1983

Исто така, Дурацовски во своите слики длабоко филозофски размислувал за просторно-временските теми. Сето тоа може да ве одведе на непозната територија, каде возбудливоста лежи во процесот на создавање. А излезот? Па можеби и не мора да постои!?

Горе, 1976
Далеку, 1981

„Твојата душа лебди, скита… ти немаш роден крај… ти не си одовде… ти само гледаш и земаш по нешто… твоите слики се свет за себе, затворен… тие еманираат, но се затворени за комуникација… не може да им се пријде… во себе имаш нешто фаустовско… чувствувам страв… ти си мрачен… твојот однос со луѓето нема човечка димензија… јас сум збунета. Јас сум збунета… ова е неверојатно… овие цртежи се фантастични… погледнете ги овие линии… сето тоа се разлева. Овој цртеж е извонреден… тука има нешто што ме плаши… затворен си во приказната за уметноста без почеток и крај, сигурен само во анонимноста, меѓу овие ѕидови, подготвен секој миг да изречеш најочевидна лага за да ја одбегнеш смртоносната светлина на денот, како вампир, Homo duplex,  на чие дно од психолошкиот сад се бранува густ црн талог… Господине, ти си еден мрачен човек“. Нивес Кавуриќ-Куртовиќ, 1987 година

Внатре 1, околу 1980
Внатре 2, околу 1980
Внатре 3 и 4, околу 1980

И конечно, дојде и тој момент. Пред влезот на Чифте амам Димитрие за момент беше осамен, му пристапив, му се претставив и го замолив да ми ја потпише книгата. Тој ги зема и неа и каталогот, и откако со пенкалото кое му го дадов не успеа, побара пенкало од момчето кое беше во близина и ми го посвети неговиот роман, чиј наслов е истиот како и последниот расказ од неговата втора објавена книга, збирката раскази „Црни пророци“ од 1996 година. Иако во него на крајот авторот вели „Најубаво е да не си присутен“, „Молам да не ме забележите“, „Името да ми биде заборавено“, сепак, Дурацовски е тука меѓу нас, и нема бегање. А кога веќе каталогот послужи како подлога, зошто да не го потпише и него, затоа што неговите концепт и содржина совршено се надополнуваат на сето она што тој досега го има издадено во тврд повез. Супер, благодарности!

Секако, највозбудлив момент за мене во врска со изложбата е што таа е испреплетена со книжевноста. Познавајќи го ракописот на Дурацовски, се обидував да доловам некои од мотивите од неговите книги преточени на сликарските платна. Пронајдов многу на мој, субјективен начин, но за дел од нив и немаше потреба да се трудам. Убаво беше да се види како фантастичниот расказ „Мебиусова лента“ се разлева на платното во една супериорна слика со ист наслов, а всушност, приказната е обратна, најпрво е настаната сликата, па потоа расказот. Генијално! Како фино надоврзување се сликите со варијациите на тема, поврзани со соништата, кои ги „бркате“ низ целата поставка, но ги спојувате сами, во сопствената глава. Всушност, на оваа изложба може да се гледа како на еден изгубен (ликовен) ракопис, како оној на Шејка насловен „Ѓубриште“.

Мебиусова лента, 1981
Предел на сонот со Мебиусова лента, околу 1980
Фото: Маја Аргакијева
Предел на сонот 1, околу 1980
Предел на сонот 2, околу 1980
Предел на сонот 3, околу 1980

Дел од воведниот текст во дебитантската збирка раскази „Тајна историја“ насловен „Поминувам ли јас“, во каталогот е застапен со наслов „Другиот“, надополнет со сликите „Оној“ на која фигурира ликот на авторот, и сликата посветена на Марсел насловена „Дишан-андрогин“ (1987). Но во каталогот (случајно или намерно) е изоставена последната реченица од расказот во книгата: „И затоа те прашувам: поминувам ли јас?“ На крајот од овој текст-посвета на изложбата „Ветар параклет“, сосема е легитимно да се постави токму тоа прашање: поминува ли изложбата на Димитрије Дурацовски многу години по заокружувањето на неговата ликовна „кариера“?

Оној што чека, околу 1975

Секако дека поминува, затоа што универзалните нешта функционираат во било кое време и во било кој простор, особено во оној на магичниот Чифте амам во Старата скопска чаршија. Ветрот-параклет е тука да ги оддува сите проклетства на современото живеење, да ве заштити и да ви даде фјодорова утеха дека „светот, на крајот, сепак, ќе го спаси убавината“.

Рака и Кадис, 1982

Посетете ја изложбата бидејќи вистински ќе уживате во херметичните слики кои зборуваат со посетителот на свој, засебен јазик.

„Приготвувам бои за сликање. Во стаклена чаша мешам два пигменти, но наеднаш смесата почнува да врие, се пени и разлева преку работ на чашата. Исплашен и збунет ја истурам содржината на подот. Во разлеаната смеса гледам убаво мало дете кое лежи и ми вели дека е невозможно да се промеша со другото“. (Ноќна стража, „Тајна историја“)

Оној, 1983

One thought on “Кон изложбата „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски

  1. Александар Пулејков

    Изложба чии дела и обмислен опус навистина пленат.
    Честитки за Димитрие Дурацовски со верба дека во него е содржан уште подрагоцен извор кој тече и по долгиот период на неговото битисување надвор од јавноста, кој би сакал сите да го видиме.

    Александар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *