Насловот на книгата „Филозофот игра фудбал“ го парафразира првиот, и на некој начин, воведен и методичен егземпларен есеј „Кант игра фудбал“ во книгата на хрватскиот мислител Виктор Жмегач. Тој го споредува фудбалот кој го играат најдобрите светски екипи со оној кој го играат селските клубови, духовито навестувајќи ја фудбалската утопија – средба на светскиот првак со екипата од малото населено место Цабуна. Авторот заклучува дека предлогот “не е фер”, но и’ придава моќ на самата игра – и на тоа како би било весело во тој натпревар светските прваци да изгубат од Цабунчани, поентирајќи – тоа би била победа на моралот над спортот. Впрочем, и светските шампиони и момците од Цабуна играат со топка која подеднакво е кружна, но за овие другите таа не е предмет кој “значи пари”. А тие момци, и понатаму дрибла Жмегач, “веројатно не слушнале за Кантовата книга за естетиката, каде токму самите тие се алегориски приказ на клучната мисла на теоријата на уметноста и основата на убавината на филозофот“, бидејќи, не’ потсетува на асот од Конигсберг – “убаво е она што е исполнето со самобитна смисла и не и служи на некоја друга, хетерономна цел”.
„Елогијумот може да биде некролог, но почесто претставува пофалба упатена кон некоја жива личност или појава. Фудбалот секако наложува текст наменет за животот. Впрочем, што е поживо од него? Дресовите дури станаа симболи на бесмртноста. За уметноста се вели дека постојат добри лоши (плитки) дела, и лоши добри (предизвикувачки) дела. Да нема недоразбирање, треба да се додаде дека постојат и безброј лоши „лоши“ и добри „добри“ дела. Има смисла да го знаеме тоа кога говориме за фудбалот, кој, според денешното сфаќање на нештата, се смета за „крал на спортовите“. Добро е кога ќе налетаме на крстозбор кој настанува на тој начин. Решението може да се најде со помош на два критериума, спортскиот и моралниот. Според спортскиот поглед, разликите меѓу нивоата на натпреварите можат да бидат големи, навистина несовладливи. Кога играат врвни светски тимови и репрезентации, настанот се нарекува натпревар. Кога во некое мало место, жителите играат против момчињата од соседната населба, тоа е, исто така, натпревар. Поголем контраст тешко може да се замисли. Забавно би било да си замислиме една фудбалска утопија: натпревар помеѓу актуелниот светски шампион и тимот на, да речеме, Цабуна. Би можело да се каже: не е фер, и навистина не би било, но би било исклучително весело, кога светските шампиони би загубиле од тимот од Цабуна. Кога тоа би се случило, тоа би била победа на моралот над спортот.
Тврдењето звучи загатливо, но за тоа постои крстозбор во кој се крие клучот на одгатнувањето. Во таканаречената црна провинција се игра фудбал, кој, во својата аматерска природа, е морален. Тоа, се разбира, не значи дека во него не може да има грубост, скршени глави, удари во цеваница, итни интервенции со носилки. Сепак, аматерските околности, значи љубителските, овозможуваат поинаков став кон топката, во споредба со односите кои се развиваат кон Олимп. Во илјадници мали места, каде натпреварите се играат на ледина или на поранешно пасиште, топката е, исто така, тркалезна, но не и влогот во играта која се случува над, покрај или под спортот. Топката е едноставно топка и таа не претставува предмет „кој пари вреди“. Со други зборови, момчињата, оние домашните, а не глобализациски составените, играат сосем наивно. Исто како што топката е само топка, така е и играта само игра, а дриблингот само дриблинг. Ваквите тавтологии најдобро ја изразуваат природата на аматерскиот спорт. Работите се прават заради нив самите, без каква било помисла на парична или статусна природа. Тимот од соседното место е среќен ако некој ги плати трошоците за стариот автобус.
Тие момчиња веројатно никогаш не слушнале за Кантовата книга за естетика; а токму тие претставуваат своевиден алегориски приказ на клучната филозофова мисла за теоријата на уметноста и за основите на убавината. Убаво е она што е исполнето со самодоволна смисла и кое не служи на некоја друга, хетерономна цел. Автономната смисла, во случајов, се манифестира во трчањето како такво, во безопасната радост кога ќе се постигне гол. И гордоста е, според тоа, наивна работа, продукт на спортскиот дух и ништо друго освен тоа. Специјалната благајна за награди е празна. Несакан ефект може да биде посебното внимание на селските убавици, на кои им е позната магичната формула: кој постигне повеќе голови, тој е подобар љубовник. Впрочем, гимнастичката страна на љубовта е своевиден спорт. На кратко, колку е поголемо растојанието од професионализмот, на пример, при играњето со топка за време на одморот во училишниот двор, толку е играта поавтономна. А Кант би рекол: вистинска во уметничка и етичка смисла. Така разгледувана, активноста на учениците, на младите механичари, на земјоделците или на келнерите претставува автентичен објект на нововековната естетика. Од тоа може да се изведе и проценка на моралноста на таквата игра. Нејзината разиграност никого не навредува, никого не мами, од никого не очекува ништо што нема врска со спортот. Според тоа, таа се вклопува во општите поими на моралноста, односно, на човечките конвенции.
Доколку размислуваме доследно, се наметнува еден парадокс: наивната игра вреди, дури и кога е лоша. На пасиштата се демонстрира и добра и лоша уметност во исто време.
Парадоксот добива свое продолжение кога се оди на стадионите низ светот. Таму се игра врвен фудбал, брз, спретен, комбинаторички богат. Ќе кажеме, тоа е вистинска уметност, во која фудбалерите се уметници. Меѓутоа, не е така, барем не во филозофска смисла. Речиси е смешна противречноста во нескладот на проценувачките критериуми, па се чини како крстозборот да се распаднал. Кој е поголем уметник? Фудбалерот од Пчелиќ или фудбалерот од Мадрид? Доколку се наоѓаме во некој комбинаторички квиз, точниот одговор би гласел: и двајцата се уметници, па дури и големи уметници, но секој на свој начин, според различни критериуми. Аматерите се уметници во духот на мотото l’art pour l’art (според тоа, француската естетика е на село, а не во град), додека големите фудбалски клубови се сè, само не претставници на овој принцип. Тие се уметници кои ја комбинираат интересната игра со чиста прагматика од некој друг вид – го сакале тие тоа или не. Гледајќи го несомнениот шарм на играта на големите фудбалери, маѓепсаната публика се наоѓа на духовниот Олимп. Се разбира, доколку не е преокупирана со кршење столчиња или со гаѓање на судиите со факли. Гротескна е теориската ситуација, според која доследната примена на Кантовите принципи би значела дека летечките факли би биле поприфатливи, отколку појавите што се случуваат во организираниот фудбал.
Холандскиот историчар на културата, Јохан Хојзинга [Johan Huizinga], во својата книга Homo ludens, предупреди, уште пред седумдесетина години, на трендот на комерцијализација на спортот, според кој, минатиот наивен ентузијазам станува маска. Денес сме сведоци на една напредна фаза. Играчите се проценуваат, се купуваат и се продаваат како банкарски акции: акции од жив тип. Тргувањето и уценувањето се сметаат за кавалерски деликти. А некои играчи за време на бркотниците по теренот доживуваат фатаморгани за својата иднина. „Сега трчам за викендичката или за необарокниот дворец со поглед на море?“ Тоа зависи од исходот на натпреварот. Единствено што е сигурно е дека головите станаа меѓународно платежно средство. Што би рекол Кант денес? Веројатно би гледал телевизиски преноси и би пишувал есеј за спортот, уметноста, моралот и отуѓувањето. И сосема сигурно би жалел што медиумите не пренесуваат мали натпревари со безимени играчи – уметници за кои никој не се грижи“.
превод од хрватски јазик: Вангел Ноневски
Виктор Жмегач (1929-2022) е роден во Слатина. Германистика и југославистика студирал во Загреб, а германистика и музикологија во Гетинген. Од 1957 година e предавач на Филозофскиот факултет во Загреб, а од 1971 година е редовен професор. Кариерата ја заврши како professor emeritus на Универзитетот
во Загреб. Има објавено голем број книги на хрватски и германски јазик, главно од областите на германската книжевност, кроатистиката и музикологијата. Историјата на германската книжевност од XVIII век до денес (на германски јазик, во три тома), напишана во соработка со колеги од Германија, Австрија и Швајцарија, е стандардно дело од областа на германистиката.
Најважни книги: Музиката во делата на Томас Ман (1959 година), Книжевното творештво и историјата на општеството (1976 година), Крлежините европски хоризонти (1986 и 2001 година), Историска поетика на романот (1987 година), Европскиот роман (1990 година), Духот на импресионизмот и сецесијата (1993 и 1997 година), Традиција и иновација (1993 година), Виенската модерна (1998 година), Од Бах до Баухаус: историја на германската култура (2006 година), Мајсторите на европската музика (2009 година), СМС есеи (2010 година), Филозофот игра фудбал (2011).
Добитник е на голем број национални и меѓународни признанија и награди.