„Свети Пантелејмон“ и фреската „Оплакувањето Христово“

Овој месец се прославуваат 860 години од изградбата на црквата и манастрискиот комплекс на падините на југозападно Водно, „Свети Пантелејмон“. „Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господинот Алексеј Комнин, син на перфирородна госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година 6673 (т.е. 1164 година, м.з.), при игуменството на Јоаникиј монах“, пишува на натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата, потврдувајќи ги месецот и годината кога се отвориле вратите за сите патници-добронамерници во овој православен храм.

Црквата „Свети Пантелејмон“ е изградена благодарение на византискиот принц Алексеј Ангел, син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј I Комнин (1081 – 1118). Црквата е изградена во македонски стил, и според своите димензии, спаѓа во редот на помали цркви од типот впишан крст во правоаголен простор. За нејзино градење бил употребен обичен кршен камен изваден во околината на манастирот, како и тули кои со големо мајсторство на градителите се претворени во полихромни површини. Според зачуваните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, во манастирот живееле 5 христијани, односно двајцата монаси Јанаки (60 годишен) и Атанас (70 годишен), и тројцата измеќари Ицко, Стојче и Михаил.

Во 1555 година Скопје го потресува силен земјотрес, при што страда и дел од црквата „Свети Пантелејмон“. Сликајќи го новиот живопис, зографите настојувале да го сочуваат секој квадратен сантиметар од стариот. Овие настојувања посебно ги илустрира композицијата „Причестувањето на апостолите“ насликана во просторот на апсидата, каде што под некои од новонасликаните светители се распознаваат и делови од телата на светителите што биле насликани во рамките на стариот живопис. За жал, во втората половина на XIX век врз постариот живопис бил насликан нов кој бил дело на невешт зограф, и со кој целосно бил покриен стариот живопис. Сепак, во 1926 година повторно е откриен поголем дел од стариот живопис.

Научниците претпоставуваат дека живописот во нерешката црква е дело на повеќе мајстори, меѓу кои предничат двајца главни зографи. Првиот го извел живописот на најодговорните и најосветлените делови во црквата, а вториот ја работел композицијата на Евхаристијата („Причестувањето на апостолите“) и некои од ликовите на светите воини. Во источниот дел на црквата се насликани, од едната страна, патронот на црквата Св. Пантелејмон, а од другата Св. Богородица со малиот Христос в раце. Пантелејмон е претставен како висок, нежен и облагороден млад човек кој во десната рака држи скалпел, а во левата кутија за лекови.

Сепак, она по што највеќе е препознатлива црквата „Свети Пантелејмон“ е фреската „Оплакувањето Христово“. Самата композиција е позната тема во многу цркви низ светот, но оваа се разликува од останатите поради отвореното прикажување на внатрешните чувства на протагонистите и нивниот очигледен внатрешен немир. Богородица е прикажана со длабока болка на лицето и со поглед насочен кон нејизниот мртов син кој се наоѓа во нејзините драматични прегратки. Многумина сметаат дека „Оплакувањето Христово“ е предвесник на италијанската Ренесанса, бидејќи Света Богородица на Џото многу наликува на фреската во црквата „Свети Пантелејмон“.

По истражувањата, рускиот византолог и историчар на уметноста Николај Окуњев потенцирал дека „за прв пат оваа препознатлива сцена е сместена во кружна отсечка, а не во правоаголник. Прв пат ангелите плачат. За прв и последен пат Богородица, земена од очајот, го опчекорува мртвото тело на Христос. За прв пат е живописана сета емоционална драма во која учествуваат небесните битија. Секоја фигура во сцената на оплакувањето активно ги изразува своите тажни чувства. За прв пат е насликан бакнежот на Богородица, кој до Нерези е непознат во византиското сликарство. Над сè во оплакувањето лебди воздржана тага упатена кон мртвиот Христос, што ги овековекува лелекот, солзите, очајот. За прв пат „Оплакувањето“ е слика на смртта, која го поистоветува крајот на страдањето на смртниот човек со крајот на страдањето на бесмртниот Бог“.

По многуте премрежија во минатото, во последниве години овој прекрасен простор повторно се враќа кон духовните височини, особено откако комерцијалното  „Етно село“ не работи. Да не заборавиме, во изминатите децении долго време во рамките на комплексот функционираше и ресторан со постојано работно време. Сепак, намената на овој простор, по суптилните преправки и вложувања за надополнување на екстериерниот пејзаж, но и со новите и свежи човечки ресурси, конечно го достигнува сиот свој духовен сјај, токму онака како што треба и доликува.

И сосема на крајот, освен културно-историското значење што го има оваа црква на падините на Водно, навистина не е важно дали фрескосликарството на непознатиот зограф било предвесник на Ренесансата или не, туку многу побитен момент е да не заборавиме дека „Свети Пантелејмон“ располага со една важна тајна која ја негува со векови – да ја смири вашата душа од разните ветришта, враќајќи Ве кон сопственото Јас. Најдобра илустрација за ваквата состојба е песната насловена како и името на светецот, која почитуваниот Блаже Конески ја објави во својата последна стихозбирка „Црн овен“ од 1993 година, една година пред неговото заминување. Да, човекот во атарот на „Свети Пантелејмон“ секогаш го наоѓа својот внатрешен мир, што е првиот чекор кон вербата во себе… и во Бога.

СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН

Прво се јавија гугучки

заедно со врапчињата,

а сега ова пиленце

што прави: цип, цип, цип!

Гугање. Плипот. Кркот.

Денеска ластовиците

ќе застанат на жиците,

со празнично црцорење

да го испратат штркот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *