Има ли подобар начин од оној кога уметникот одговора со актуелно дело против галопирачката војна која се заканува дека ќе го уништи и онаа мала трошка добрина што останала во луѓето!? Важди Муавад во „Сите сме птици“ на површина ги вади сите нешта поврзани со темата „забранета љубов“ меѓу Евреин и Арапка, таа вечна провокација уште од античката драма, преку „Ромео и Јулија“ на Шекспир, па се’ до современието во кое живееме. Главен „виновник“ за нејзиното актуелизирање и на домашната театарска сцена е легендарниот Слободан Унковски, кој по долго време се враќа во МНТ за да ни приреди несекојдневно и актуелно театарско задоволство.
„Оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме. Во драмата на оригиналниот и современ автор од либанско-канадско потекло, Важди Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим, младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (Американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна“.
Сценографијата во оваа претстава е навистина впечатлива. Таа е грандиозна , а во нејзините прегратки одлично се снаоѓаат носителите на главните ролји Сара Климоска (Вахида) и Дамјан Цветановски (Еитан). Тоа се најпотентните млади актери во моментов кај нас, и нивниот талент лесно се претвора во хемија меѓу ликовите што ги толкуваат во текот на целата претстава. Енергијата со која го прават тоа ја држи тензијата на дејствието, иако истото можело да биде околу половина час пократко. Се чини доколку претставата се одигра во два ипол часа без паузата помеѓу, ефектот на крај нема да биде разводенет по тие бесцелно испушени пар цигари пред влезот од театарот. Затоа се осмелувам да напишам дека ова можеби и не е најдобарата претстава на Унковски во неговата кариера, но таа е добар премин кон неговиот следен предизвик, чисто за одржување на квалитетната творечка кондиција.
Но, должината на сцените му дава доволно простор на режисерот да го извади најдоброто од актерите на сцената, постапно градејќи го нивниот внатрешен свет со сета негова комплексност и отворени прашања. Ако во една друга претстава убаво беше да се види Ристановски со Арсовски на сцената, овде прекрасен актерски набој постигнува со ветеранот Емил Рубен, кој има еден одличен експресивен монолог во кој разјаснува многу актуелни работи во моментов – од ционизам преку тероризам, па се’ до новиот светски поредок.
И на крајот, напомена дека „Сите сме птици“, од не знам кои причини (а не сакам да шпекулирам) ретко игра на репертоарот на МНТ, така што штом забележите дека е во опција, трк по карти. Бездруго, на крајот ќе видите еден голем надреален слон кој можеби нема да ве однесе во светот на бајките на Шехерезада, но ќе ве испровоцира на едно поинакво ниво. Дури и само поради тоа, вреди да се погледне оваа претстава.