Трафиките што ги нема

Кога се запишав на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје, на првиот час вообичаено генерацијата се запознаваше, а на вториот час ни беше зададена задача за пишување есеј насловен „Зошто се запишав на новинарство?“ или „Зошто сакам да станам новинар?“ Ми делуваше шокантно ова барање од професорот бидејќи ме потсети на редовната обврска во основно училиште кога на првиот час по македонски јазик задолжителниот состав што требаше да го напишеме беше со наслов „Како го поминав летниот распуст“. Та нели сме на факс, нештата треба да се одвиваат на повисоко ниво, се прашував. И затоа решив малку да се позезам. „Јас, всушност, не сакам да бидам новинар, туку да работам во трафика“, отприлика гласеше поентата на мојот текст, во кој образложувам дека уште од мали нозе токму трафиката, од каде ги купував весниците што, во зависност од возраста, ме интересираа, беше мојот прозорец кон светот. Се разбира, есејот мораше да го прочитам и пред новите колеги, потег кој исто така ме потсети на деновите поминати во основното образование.

Трафика е мала продавница во која се продаваат весници, цигари и друга ситна трговска стока. Така гласи објаснувањето во македонскиот речник за ова магично место вообичаено сместено во некој агол, до поголем објект, или пак најчесто на попатните автобуски станици. Не ја знам точната етимологија, како се дошло до зборот „трафика“ одомаќинет кај нас, но дефинитивно е поврзан со зборот „киоск“ како негов постар брат. Киоск потекнува уште од славните денови на Персиското царство, кога претставувал мала градина отворена од сите страни и добредојдена за сите. Потоа таа култура на место за дружење се пренела и во Индија и Отоманското царство. Во 20 век, особено во западната хемисфера, киоскот служел токму за оние работи споменати во првата реченица од овој пасус.

На сликата ја гледаме првата автентична трафика проектирана и произведена во поранешна Југославија. Се работи за легендарниот киоск „К67“ кој во 1966 година го проектирал словенечкиот архитект Саша Ј. Махтиг. Патентиран во 1967 година, киоскот почнал масовно да се произведува веќе следната година во фабриката „Имград“ во Љутомер. Овие црвени и зелени улични „продавници на тајни“ беа распоредени насекаде низ поранешната држава. Поради неговата големина и функционалност, киоскот, освен како трафика, се користел за различни намени: за наплата на паркинг-билети, за лотарија, различни видови на шалтери за граѓаните, копирница, како мало кафуле за студенти итн.

До годината кога престана прозиводството, од овој киоск беа произведени 7500 примероци распослани низ целиот свет: од Полска преку Ирак, Кенија, Јапонија, Нов Зеланд, па се’ до САД. Во 2021 година прототип од киоскот беше поставен на „Тајмс сквер“ во Њујорк, каде во рамките на еден проект ди-џеите го користеа како кабина за пуштање музика.

Во седумдесеттите и осумдесеттите години, „К67“ доби достоен еквивалент во надградениот киоск „КЦ-190“ на македонскиот архитект Александар Никуљски. Киоскот е работен во модул, што овозможува зголемување на основниот простор, во зависност од локацијата и функцијата на објектот. И „КЦ-190“, како и неговиот постар словенечки брат „К67“, е повеќенаменски: се користи за продажба на печат, тутун, лотарија, ситни занаетчиски предмети… Произведувани во фабриката „Треска Полипласт“ во Струга, киосците на Никуљски како дел од урбаниот ентериер можеа да се видат од Вардар до Триглав, како и во поголемиот дел од земјите во Источна Европа.

И ако словенечкиот „К67“ заврши како дел од постојаната поставка во музејот „МоМА“ во Њујорк, ние овде имаме музеј на отворено на секој чекор. Секојдневно поминувајќи по булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, љубопитно забележав дека има останато неколку добро зачувани примероци кои и ден-денес ни нудат разни задоволства. За жал, основната функција за продажба на печат веќе е вистинска реткост, но затоа кај поранешно „Симпо“ една „КЦ-190“ го прави народот среќен со прекрасните мекици кои ме потсетуваат на рецептот на баба ми;

малку подолу, кај „Драмски“, киоскот „Гриц“ нуди тазе топли кикирики, семки и други слатко-солени дребулии;

и се разбира, моето омилено свратилиште кај г-нот Рахим на „прва Партизанска“, од кое пазарам разни апетисани, низ редовен муабет за новостите околу кариерата на македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас, чиј татко има слаткарница во Автокоманда, а овде чичко му ја држи најдобрата леблебиџилница во градот.

Пишувајќи, ми се отплетка и недоумицата од почетокот на текстот, природно употребувајќи ги поимите „трафика“ и „киоск“ на соодветните места, според нивната функција. И иако насловот на текстот е алузија на прекрасната збирка скопски раскази „Улиците што ги нема“ од Оливера Ќорвезироска“, киосците се сепак се’ уште меѓу нас, и затоа е важно овие објекти да не се отстрануваат, туку да продолжат да егзистираат, бидејќи и покрај „чистката“ во изминатите децении, тие докажаа дека совршено можат да се прилагодат на новите времиња и контексти, за разлика од самите жители на метрополата. Доказ за тоа се овие три „зелени убавици“ во сопственост на ЈСП кај Зелено пазарче, Градежен факултет и пред салата „Партизан“ во К4. Кога нема редовни автобуси, барем нек се продаваат билети 😉

„Ветеран 1“ кај „Зелено пазарче“, билетарница на ЈСП
„Ветеран 2“ покрај Градежен факултет
„Ветеран 3“ пред салата „Партизан“ во К4

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *