Селекцијата „Перспективи“ на 35-тото издание на Љубљанскиот филмски фестивал на големото платно понуди десет различни погледи на сегашноста и минатото. Седмата уметност, располагајќи со сите можни аудио-визуелни ресурси, надополнети со авторската имагинација, ја има таа можност и привилегија да „разговара“ со сегашниот момент, неретко базирајќи се на реминисценциите од минатото. Преку анализата на два филма од две сосема различни европски кинематографии, ќе се обидам да направам синтеза меѓу денешното и некогашното, меѓу иднината и минатото, со наслов чија алузија, за жал, ја изразува моментната состојба, онаа во реалноста и онаа пресликана на сребрениот екран.
„Отровно“ е првото долгометражно остварување на литванската режисерка Сауле Блиуваите, по неколкуте кратки наградувани филмови, преку кои можевме да го почувствуваме нејзиниот авторски сензибилитет и темите кои ја преокупираат оваа млада авторка. Токму младоста е нејзиниот фокус, изгубената младост на новите генерации, која прецизно ја сецира во нејзиниот дебитантски филм. Во каква иднина веруваат нејзините млади сограѓанки? Каде се гледаат себеси по бегството од нивниот роден град, во кој не се случува речиси ништо? Како да се измами здодевноста, која се заканува да ги направи исти како и нивните загубени родители?
Употребувајќи „остар“ филмски јазик без да поштеди никого, Блиуваите и кинематограферот Витаутас Каткус ја сликаат реалноста на државата која е дел од ЕУ со силни бои, небаре гледачот носи „розеви очила“, намерно играјќи си со доминантната сина боја. Тој контраст наспроти сивата реалност исполнета со распадната архитектура, улици што ги нема и комплетно девастирана инфраструктура во секој поглед е јазикот со кој овој филм не’ внесува во илузијата наречена „бегство од дома“ во отворениот свет, каде секогаш е подобро, поразлично, пошарено…
Филмот поседува интензивен внатрешен ритам кој постојано го носи гледачот во нови предели, не давајќи му да здивне ниту за момент. Експериментите на кои свесно се подложуваат двете главни протагонистки, 13-годишните Марија (Vesta Matulyte) и Кристина (Ieva Rupeikaite) не се за луѓе со слаби стомаци, но токму соочувањето со безизлезноста на новите генерации во овој луд, луд свет барем на големото платно е она што „Отровно“ го прави уверлив и доволно провокативен за европската филмска академија заслужено да го стави во финалето за наградите годинава, во селекцијата за „Најдобар дебитантски филм“.
„Преку приказната за младите девојки кои се движат низ токсични пејзажи, сакав да го истражам концептот на човечкото тело – телото како проект, валута, предмет на желба, телото како извор на болка и магија“, вели сценаристката и режисерка Сауле Блиуваите, совршено заокружувајќи уште еден од главните аспекти на филмот, оставајќи го отворено прашањето „дали туркањето кон токсични, физички екстреми навистина претставува билет за подобра иднина?“
А сегашноста и иднината се секогаш последица на случувањата во минатото. Обожувам кога на големото платно ќе видам приказна која совршено го доловува духот на времето. Во период кога во Европа и низ светот во налет е десничарското движење, филмот „Прослава“ на хрватскиот режисер Бруно Анковиќ зборува токму за детерминираноста од историјата, таа „злобница“ која ја пишуваат и обликуваат победниците.
Филмската адаптација на истоимениот роман на Дамир Каракаш е сместена во едно планинско село од разбиен тип во рурална Хрватска. Луѓето се чисти, невини и по малку наивни, и најчесто се борат со егзистенцијални проблеми на кои може да им позавидат Жан-Пол Сартр, Албер Ками и Франц Кафка во пакет. Случувањата во надворешниот свет за нив се само далечно ехо, но истите тие стануваат важни и за нив кога ќе стигне некој „пратеник“ од градот за да им ја соопшти новата вест: отсега никој не смее да чува куче затоа што бил каснат главниот градски жандарм.
Сместено меѓу 1926 и 1945 година, дејствието во овој филм е суптилно распоредено враќајќи се наназад, но и итајќи напред токму во моментите кога е важно појасно да се согледаат причинско-последичните односи во сржта на самата приказна. „Политиката и режимите се менуваат, но луѓето остануваат луѓе“ е главната порака која ни ја праќа режисерот на „Прослава“, потенцирајќи дека колку и да си скриен во пазувите на величествените планини, сепак си живо битие, а следствено на тоа и политичко битие кое не може да ги избегне земските закони. За жал, во еден ваков социолошко-политички систем во каков живееме денес, гледаме дека човештвото не мрднало многу од почетната замисла, која во теорија можеби изгледа совршено и возбудливо, но во пракса таа ги покажува сите свои несовршености и недоследности.
Во такви услови, дали љубовта може да го спаси светот? Се разбира, во тоа е наивно да се верува, меѓутоа, Мијо (Бернард Томиќ) и покрај тоа што, поради својата неукост, се одлучил да застане на погрешната страна од историјата, тој до крај верува во човештината, особено во љубовта кон Дренка (Клара Фиолиќ), и покрај тоа што ослободувањето е на прагот, војната е пред својот крај, но тоа не му дозволува на главниот протагонист да го пречекори прагот на својот дом. А зарем постои нешто поважно од сопствениот дом? Но што е тој? Куќата во која си роден и во која си го поминал детството и младоста, или заедничката држава која треба да ја изградиш со своите сограѓани?
Играјќи на слична карта, и литванската режисерка Блиуваите и хрватскиот режисер Анковиќ со своите филмови отвораат многу заеднички прашања, иако се работи за сосема различни контексти и перспективи. Но во тоа е убавината на филмската уметност, да ни понуди можности за размислување за кои ни самите не сме свесни дека постојат, будејќи ја во нас љубопитноста за опсервација на светот која до крајот на животот треба да ја негуваме. Како детето во себе.
@Англиската верзија на текстот е на следниот линк: