Ајде да си играме каубои и Индијанци

Историја на филмскиот жанр – ВЕСТЕРН

По век и кусур историја на светската кинематографија, природно се јави потребата да ви ги претставиме „чистите“ филмски жанрови, оние што уште од почетокот се наметнаа како освојувачи на срцата на публиката. Тоа ќе го направиме на едноставен начин, хронолошки, преку имињата на филмаџиите, нивните наслови и најважните настани околу кои се кршеле копјата при појавувањето или изумирањето на одреден жанр. За почеток на овој серијал, изборот падна на „најфилмскиот“ жанр воопшто, вестернот

Типичниот долгометражен вестерн-филм содржи раззеленет или разголен пограничен пејзаж, револвери, коњи, цврст-лаконски-и-самобендисан херој, како и неколку конфликтни ситуации околу кои се врти приказната во филмот: исток/запад, каубојци/Индијанци, цивилизација/дивина. Овој жанр е стар колку и наративниот американски филм (кога бил снимен првиот вестерн, клучните фигури на Стариот Запад, како Пет Герет, Френк Џејмс и Џеронимо, сè уште биле живи). Официјално, за прв вестерн-филм се смета 11-минутниот „Големата кражба на возот“ на режисерот Едвин Портер, снимен во
1903 година. Овој „обид“ воопшто не бил популарен во времето кога се појавил, но реакциите и влијанијата се појавиле десет години подоцна.

Повеќето од вестерните се снимени во десеттите, дваесеттите и триесеттите години на 20 век и повеќето од нив беа Б-вестерни – серијали во коишто брзопотезниот херој со несекојдневни можности никогаш не го утнува својот човек од другата страна. Во оваа улога најмногу се истакнуваат имиња како Бронко Били Андерсон, Том Микс и Вилијам Харт. Во овој период голем успех постигнаа само два претставника од новиот жанр: „Покриениот вагон“ (1923) и „Железниот коњ“ (1924), што го натера Холивуд да продуцира стотици вестерни годишно.

Во раните денови на звучниот филм, повеќето од филмаџиите беа задоволни од работата во рамките на основните филмски модели, но не и Раул Волш, кој во 1930 година го сними прекрасниот „Големата трага“, и Весли Раглс со извонредниот „Симарон“ една година подоцна. Во овие наслови режисерите ги искористија последните придобивки на филмот – Техниколор, Синерама, Панорамски екран, Синемаскоп…, всушност, работи специјално креирани за вестерн-филмовите. Во рацете на мајсторите овие нови елементи на пограничниот пејзаж му даваа нова димензија, правејќи го нов карактер во филмот, рамо до рамо со главните протагонисти. Секако, невозможно е да се пишува за вестернот без да се спомене легендарната локација на која вообичаено своите жанровски филмови ги снимаше великанот Џон Форд – Монументалната долина, каде што сè изгледа
реално, убедливо и вонвременски. 

Во текот на четириесеттите и педесеттите година од минатиот век вестернот оствари нови нивоа на психолошка, емотивна и социјална комплексност, особено во поствоените денови, во годините кога владееше голема политичка репресија. Оваа темна атмосфера на филмаџиите им овозможи да најдат засолниште токму во вестерн-жанрот, преку кој на индиректен начин, меѓу редови, ја коментираа актуелната ситуација во светот. Исто така, во некои од насловите од овој жанр беа промовирани нови, дотогаш неистражени димензии: сексуалноста на озлогласениот во „Одметникот“ (1943) на Хауард Хокс; демитологизирањето на хероизмот на Стариот Запад, претставен како мрачно и опасно место во „Инцидентот кај Оксбоу“ (1943) на режисерот Вилијам Велмен; повторно Хокс, со „Црвена река“ (1948), во кој митскиот Џон Вејн по првпат игра несимпатична ролја, како навестување на еден цел поджанр што ќе се развие во следната декада, „психолошкиот вестерн“; и култниот „Точно напладне“ (1952) на Фред Цинеман, како остра критика на цивилното општество, истовремено коментирајќи ги разулавената Студена војна меѓу Истокот и Западот, како и страшливоста на Холивуд да застане против Белата куќа, која сè повеќе се мешаше во другите земји, што подоцна предизвика и неколку мини-војни, како и една огромна и болна за нив, онаа во Виетнам.

Токму Виетнамската војна ќе му послужи како инспирација за бескомпромисен контракоментар на режисерот Сем Пекинпо во 1969 година, кога, според многумина љубители на вестернот, беше снимен најдобриот филм од вестерн-жанрот, крвавата алегорија „Дивата орда“. Филмот на Пекинпо истата година доби и две номинации за „Оскар“, за најдобро оригинално сценарио и за најдобра музика. Заслужен за успехот на овој филм е и фантастичниот кастинг, во кој фигурираат имиња како Вилијам Холден, Ернест Борњин, Роберт Рајан, Бен Џонсон, Алфонсо Арау и др.

Средината и крајот на шестата и почетокот на седмата декада на 20 век, сепак ја одбележаа креациите на Клинт Иствуд на „Човекот без име“, претежно во новиот,
ултрапопуларен поджанр „шпагети-вестерн“ на гуруто Серџо Леоне. „За грст долари“ (1964), „За долар повеќе“ (1966), „Добриот, лошиот и грдиот“ (1966) и „Беше еднаш на Дивиот Запад“ (1968) се филмовите од нашата колективна (детска) меморија, што го редефинираа жанрот и му дадоа нов шмек. Исто така, од овој период ќе го спомнеме и ревизионистичкиот вестерн „Малиот голем човек“ (1970) на режисерот Артур Пен, кој обрна внимание и отвори голема дебата за актуелните ѕверски постапки кон индијанските жени и деца од страна на американската војска.

И покрај некои (полу)успешни вестерни што беа снимени во текот на осумдесеттите години, како „Силверадо“ (1985) и „Млади пиштолџии“ (1988), жанрот, со големи недостатоци и безидејност, во оваа декада страдаше сериозно. Ова се случи, пред сè, поради мултимилионскиот излет на режисерот Мајкл Чимино во вестернот со филмот „Небесна порта“ (1980), кој е еден од неколкуте (да употребам актуелен домашен транзициски термин) „загубари“ во историјата на филмот, кој на продуцентската куќа, и пред сè на авторот, им донесоа голема штета и заборав од филмскиот свет.

https://www.youtube.com/watch?v=1Ux4lX5FP2Q

Од друга страна, деведесеттите го освежија жанрот со неколку интересни, но не и епохални остварувања, што повторно го зголемија интересот кај продуцентите за снимање вестерн-филмови. Пред сè, тоа се должи на успехот на „Танц со волците“ (1990) на Кевин Костнер, во најмала рака патетичен филм што успеа да ги разбуди чувствата на старците во Академијата за некои дамнешни времиња, кога нивните баби и дедовци ја
краделе земјата на нативните Индијанци. Оскаровскиот успех на вестернот продолжи и две години подоцна, со генијалниот „Непростено“ (1992), овој пат на режисерот Клинт Иствуд, филм што на вестерн-жанрот му наметна нови правила на игра и поинакво гледање на работите на Дивиот Запад.

Последната декада од 20 век донесе уште неколку видови вестерн: „женски вестерн“, во кој доминираат девојки и жени со револвери во рацете, исто толку лоши и бескомпромисни, но и правдољубиви како и нивните претходници, вестерн-мажите [„Лоши девојки“ (1994), „Брзиот и мртвиот“ (1995)]; „мистичен вестерн“, со само еден автентичен претставник во филмот „Мртов човек“ (1995) на независниот режисер Џим Џармуш, кој даде свој симпатичен придонес и кон овој жанр; „афроамерикански вестерн“, преку филмот „Потера“ (1993) на откачениот и луциден црномурест режисер Марио ван Пиблс; „научнофантастичен вестерн“, една чудна крпеница од жанр, но како поинаку да се карактеризираат филмовите како „Див, Див Запад“ (1997) и „Враќање во иднината 3“ (1990); „вестерн-комедија“, филмови што постигнаа голем успех на кино-благајните во САД, бидејќи ем ја забавуваа публиката, ем во нив ги гледаа големите актерски ѕвезди
во едно сосема поинакво културно милје – да споменеме само некои од нив: „Бунтовник“ (1994), „Џек молњата“ (1994) и „Градски каубои“ (1991); и на крајот, да споменеме уште еден сурогат-жанр од деведесеттите, „мјузиклвестерн“, преку гротескното остварување „Канибал! Мјузикл“ (1998).

Новиот милениум како да го игнорира вестернот како можна категорија за добра забава, заработка на благајните, но и простор за коментар на актуелните политички и социјални случувања во светот. Јас само би го споменал „Прашина“ (2001) на Милчо Манчевски, кој
само за момент ни откри дека мариовските села се навистина плодна почва за развивање на домашната вестерн фантазија од минатото. Но, темата и понатаму е отворена. Вестернот постојано претрпувал креативни кризи, па зошто да не биде така и овој пат. Меѓутоа, не би се осмелил да предвидам во кој правец би се движел новиот
вестерн (под)жанр. А зар би можел некој?

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *