Оваа филмска 2015 година во Македонија, како ретко која досега, ни понуди неколку премиери што ги задоволуваат сите критериуми на квалитетно целовечерно остварување. По филмовите „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Лазар“ на Светозар Ристовски, годината триумфално завршува со првенецот на Даријан Пејовски, „Три дена
во септември“.
Дали поддршка од основните, двесте илјади евра за реализација на прво остварување, се доволни за снимање на еден издржан долгометражен филм? Ова е прашање на кое најсоодветно одговори режисерот Даријан Пејовски, чијшто „Три дена во септември“ деновиве е актуелен во домашните кино-сали. Потпомогнат со уште 49.000 илјади евра од Косовскиот кинематографски центар (копродуцент „Иконе филм“), овој филм ги содржи сите атрибути на квалитетно дебитантско остварување, околу кое сите се согласуваат дека се гледа во еден здив, без пауза да се тркне до веце или до фрижидерот за да се дополнат
резервите во моменти кога во приказната има празни одови. Но, да не сфатиме погрешно, во случајов воопшто не се работи за финансиите, иако тие се наметнаа како
тема на почетокот на текстов. Филмот на Пејовски има уште неколку квалитети околу кои вреди да се дискутира.
„Три дена во септември“, според продуцентот Томи Салковски („Скопје филм студио“), е еден од ретките филмови што од зачетокот на приказната, преку добивањето на финансиска поддршка од Агенцијата за филм, снимањето, постпродукцијата и сè до неговата светска и домашна премиера, за рекордно време ги реализираше сите фази од неговата реализација, што е за пофалба, особено доколку се земат предвид непотребните одолжувања околу снимањето на одредени домашни остварувања во последниве години, по што касата беше празна, а за долговите се пишуваше и во медиумите.
Филмот на Пејовски скромно, но сигурно во изминативе неколку месеци имаше претставувања на неколку значајни интернационални филмски фестивали, на коишто, иако не се закити со награда во некоја категорија, одгласите за него беа добредојдени. По светската премиера на фестивалот во Монтреал, следуваше гостување на најстариот филмски фестивал на американскиот континент, оној во Градот на ветерот – Чикаго, а потоа следуваше преселба на стариот континент, каде што, по Котбус и Братислава, „Три дена во септември“ планира да биде дел од уште неколку интересни збиднувања, каде што се остваруваат контакти и каде што се поставуваат основите за можни идни соработки со луѓето од фелата.
Сепак, најважно од сè е дека, конечно, на сребрениот екран добивме македонски филм со сите салтанати, со акцент на неговата жанровска определба, особено ако знаеме дека домашните остварувања секогаш во однос токму на жанрот биле нешто помеѓу, хибрид на желбата на режисерот, неговото поимање за филмот и воспоставените конвенции на филмската естетика. Но, можеше да се претпостави ваквиот развој на настаните, доколку сте ги гледале претходните кратки остварувања на Пејовски („Опера“, дел од омнибусот „Скопје ремикс“, „409“), па и среднометражниот „Бунило“. Наклонетоста кон чистите
жанровски остварувања на автори како мајсторот Хичкок, но особено на холивудската филмска братија од седумдесеттите години на минатиот век (Брајан де Палма и компанија), се оној меланж што откако ќе помине низ сопствените филтри, на крајот се добива автентичен израз што изгледа уверливо на екранот.
За да функционира сето ова на овој начин, сепак, пред сè ви треба квалитетна приказна, што, спакувана во возбудлив психолошки трилер, ни раскажува за два женски лика кои низ меѓусебниот комплексен однос ни ги разоткриваат своите најмрачни тајни. Пејовски, како по ноти, заедно со косценаристот Игор Иванов, напишал хируршки прецизна сторија за две антихероини, чиишто судбини се испреплетуваат на случаен и необичен начин, и тоа само во три единствени дена, фокус како рецепт за успешно разголување на поставените задачи. Иако одредени сценаристички решенија се држат до стереотипите
(некогаш и толку посакувани за препознавање на кодот и од најшироката можна публика), сепак основата на драматургијата вели дека главните ликови секогаш треба да
се наоѓаат на точка на пресврт во својот живот, а токму тоа и им се случува и на Јана и Марика, во одлична актерска интерпретација на Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски. Во
оваа студија на карактери, женскиот актерски тандем е комплетно соживеан со ликовите и на најуверлив начин ни докажува дека кога кастингот е совршен, сето друго е прашање на реализација. Со тоа го добивме домашниот пандан на Телма и Луиз од истоимениот филм на Ридли Скот, потпомогнат од одличните актерски остварувања и на Адем Карага, како клучна машка фигура во филмот и оние на ветераните Милица Стојанова и Салаетин Билал.
Но, за впечатокот да биде комплетен, се погрижија и Димо Попов зад камерата, кој во крајност ја доловува раскошно минималистичката естетика на која инсистира Пејовски во својот израз, како и композиторот Александар Пејовски, кој црпејќи инспирација од саундтраците на познатите композитори на филмска музика, создава звучна слика од која ќе почувствувате морници по телото. И последно, но не и помалку битно, сценариото/приказната на затскриен, суптилен начин го коментира ова време/невреме во коешто живееме, погодувајќи во центарот на болката само со неколку јасни и отворени реплики,
за разлика од некои други домашни остварувања, на чиишто автори и по два и пол часа не им е јасно со што сакале да поентираат.
По сето ова, со гордост може да се констатира дека македонската кинематографија во името на Пејовски добива автор на кој сериозно треба да се смета и во иднина, така навестувајќи го влезот на новата генерација на домашни автори на големото платно, особено ако знаеме дека во следниот период со нетрпение ги очекуваме премиерите на деби-остварувањата (засега со работни наслови) и на Вардан Тозија („Безимени“) и Ѓорче Ставревски („Тајната состојка“/„Крани“). Само напред!!!