На популарниот канадски писател Ијан Рид и на неговиот одличен роман „Се мислам да ставам крај“ им се погоди таа среќа-несреќа да се појават на македонски јазик токму во време кога стапи во сила препораката за карантин во следните две недели. Но тоа не не’ спречува со гордост да го објавиме неговото излегување од печат токму денес, симболично надевајќи се дека средата ќе биде среќен ден за оваа книга и дека истата ќе наиде на добар прием кај читателите. А во тоа сме потполно сигурни затоа што овој роман, кој е 180 издание во „ПРОаЗА“, се разликува од другите книги во едицијата бидејќи се работи за полнокрвен трилер, со сите карактеристики на овој популарен книжевен жанр, чиј потенцијал го препозна и Чарли Кауфман и според него сними истоимен филм за Нетфликс, чија премиера ќе се случи во текот на годинава.
„Се мислам да ставам крај е ингениозно извитоперено кошмарно патешествие низ кревката психа на двајца млади љубовници. Тој е мој тип на забава!“, изјави режисерот, сценарист и продуцент Кауфман, автор на филмовите Да се биде Џон Малкович, Адаптација и Вечниот сјај на беспрекорниот ум, и го екранизираше делото на Рид, давајќи му додатен, филмски шарм.
И медиумските одгласи за книгата се многу позитивни:
Брилијантна, одлично осмислена хичкоковска приказна со висок фактор на морничавост. Хафингтон пост
Се мислам да ставам крај почнува со тоа како безимената нараторка и нејзиното момче тргаат на пат со цел да се сретнат со родителите на момчето на една изолирана фарма, за да се претвори во вознемирувачко преиспитување на идентитетот, каењето и копнежот. Страшно до уживање. Д Глоуб и мејл
Ова е најхрабриот и најоригиналниот книжевен трилер во поново време. Чикаго трибјун
ИJАН РИД (1980) е современ канадски писател. Автор е на два романа – Се мислам да ставам крај и Душман – како и на текстови што се објавувани во Њујоркер. Се мислам да ставам крај е негово дебитантско дело преведено на повеќе од 20 јазици. Честа да го преведе од англиски на македонски и’ припадна на Румена Бужаровска.