Стари концертни билети (5 дел)

Овој серијал инспириран од зачуваните билети од некои прекрасни концерти во не баш толку далечното минато наиде на одлични реакции и различни коментари. Заклучокот е дека периодов навистина ни фалат вакви случувања, и сите се надеваме дека „локомотивата“ веќе наесен ќе се врати во вообичаениот колосек. Во последниов дел се потсетуваме на одлични свирки, а на крајот следи и бонус трак – исклучителен настан од кој немам билет, но е еден од најзначајните случувања кај нас во 90-те години. Стеј тјун’д 😉

Егзит 2008

Нови Сад ја имаше таа среќа да стане европски центар на добрата забава благодарение на многуте пари вложени во Егзит, како одговор на политиката на Милошевиќ која Србија долго време ја држеше затворена. Единствената моја посета на овој значаен музички настан се случи во 2008 година, кога како дел од тогашното Радио Равел, со мала екипа бевме дел од спектаклот кој нудеше неколку значајни музички големини, секојдневно известувајќи за она што се случува на 25-те сцени на Петроварадинската тврдина со преку 600 изведувачи од регионот и од странство. Секако, број 1 настан за мене беше концертот на Секс пистолс во рамките на нивната повратничка турнеја во тој период, и сега со гордост можам да кажам дека сум ги гледал во живо, иако 30 години подоцна од нивната вистинска експлозија, после која светот не беше ист. Концертот ко концерт на повратници, супер професионален во рамките на можностите, но кога истиот го гледате со посебни очи поради легендите на сцената, и доживувањето е поинакво. За задоволството да биде двојно, нивна предгрупа беа исто така легендарните Пекиншка патка, кои специјално се собраа за таа прилика, при што Чонта и компанија уште еднаш ни порачаа дека е „подобро да носиш кратка коса и да го слушаш тој звук“.

Егзит 2008 понуди уште неколку одлични концерти на главната сцена. Пол Велер беше прекрасен, поетичен и меланхоличен, иако заклучокот е дека не му е местото на вакви големи настани; Ману Чао стандардно весел и енергичен; Шведските панкери Д Хајвс одлични; британскиот рапер Д Стритс направи спектакл успевајќи да ја седне 20-илјадната публика пред меин стејџот долу, на земјата, и во еден момент, на негов знак, сите да скокнат во воздухот; и на крајот, уште еден драг момент, концертот на Прајмал скрим, кои беа феноменални, и баш ми е ќеиф што и нив успеав да ги гледам во животов.Освен главната сцена, и помалите сцени понудија богата програма, тука беа Марки Рамоун, Дисциплина кичме, КУД Идиоти, Џентлмен, Едо Мајка… а од македонските бендови, добро се журкавме на Суперхикс, КУР и на Кирил Џајковски. Браво момци!

Како надоврзување на овој дел би го спомнал и Ехо фестивалот, кој, за жал, не успеа да се одржи долго во живот. Белград, малку љубоморен на Нови Сад, се обиде да им парира со фестивал кој би се одржувал веднаш после Егзит, преселувајќи ја малтене истата публика малку појужно. Првата година главни хедлајнери беа Соник Јут, а тука беа и Морчиба и еден куп други изненадувања. Бев во Белград, но, бидејќи вечерта кога требаше да настапат моите њујоршки херои се истури од врнење, концертот беше презакажан за следната вечер, а јас морав да се вратам во Скопје поради работни обврски. Другарчињата кои останаа си поминаа супер! Потоа бев во можност да ја гледам снимката и Соник Јут навистина откачиле, беа многу подобри од настапот на Пепси Зигет во 1996 година, кога ги гледав прв, и се покажа, единствен пат во живо. Но, тука се настапите на Трстон Мур и Ли Риналдо во Скопје на крајот од текстов.

ПИЛ

Пет години по Секс пистолс, мадрфакин Џони Ротен, поточно, Џони Лидон, ни дојде во двор, на Кале, во рамките на „Скопје гори“, и со тоа навистина ја заокружив желбата за гледање на Пистолси и на ПИЛ во живо. Некои од музичарите реагираа на неговата дрскост во бекстејџ, а студеното профи однесувањето беше забележливо и на неговиот настап на сцената. Но ми се чини дека на таа возраст и со тој багаж зад себе, и не може и не треба поинаку. Како беше она: You could be wrong (or) you could be right 🙂 Сепак, она што како енергија ни го даде Џони од сцената навистина беше незаборавно, а јас успеав да направам и две кратки видеа од настапот, ете ги долу во прилог 😉

САФ

Од панк се префрламе на хип-хоп! Култниот македонски хип-хоп бенд САФ со единствениот албум во нивната кариера „Сафизам“, релевантен и ден-денес, имаше неколку забележителни концертни настапи во 90-те, а на мене ми останаа во пријатно сеќавање два од нив: оној во рамките на фестивалот организиран од невладината МЦМС, која тогаш излезе со препознатливиот слоган „Цело е кога има се’“, на кој подоцна Неле К. на неговата маица на крајот ги додаде буквите „кс“ 😊Сепак, комплетно тематско хип-хоп доживување беше настапот на САФ во комбинација со DAS EFX, незаборавна вечер на која се случи стиховно-гимнастичко лудило, вечер на која нашите херои рамноправно им парираа на американските хип-хоп легенди. Антологија!

ТБ Трачери

Кумановскиот терористички бенд Трачери беа на врвот од својата популарност кога во МКЦ ја наполнија Денсинг салата и се прошетаа низ својата богата музичка понуда. Кирчо и пајташите беа весели, опуштени и расвирени, и направија прекрасен концерт во кој сите уживаа. Од Аце Русвески до Елтон факин Џон, ова беше рокенрол at it’s finest!

Ехо ен д Банимен

Повторно „Скопје гори“, но овој пат на Скопскиот саем, со амбициозна програма која ја отворија Д Хип со психоделично шоу, продолжија Кисмет со пост-Мизаровски звук, ја разбија Хрватите Лет 3 со цвеќињата во дупе, Зиг Зиг Спутник и Веј аут вест беа демоде, а шлагот на вечерта беше резервиран за сладокусците. После 03 часот, откако повеќето беа изморени и си заминаа дома, оние малкумина кои останаа на Саем сведочеа на феноменален настап на Ехо ен д Банимен. Фантастичниот пост-панк/њу-вејв бенд од Ливерпул на чело со харизматичниот Иан МекКалох ни покажа како се прави еден светски концерт, со игра на светла и сенки и со звук кој ве остава без здив. Со „Килинг мун“ дефинитивно ја убија месечината во поим во таа скопска возбудлива музичка вечер.

Зуко 103

На Шурбе му се погоди интересот за бразилектрото со името на бендот во кој фигурира бројот „103“, па беше логично Зуко 103, кои долго време ги вртеше на „Стотројка“, да ги донесе во рамките на „ОФФест“. Жива вода се направивме од денсање во Универзална, и овој концерт беше најуспешен на изданието на тогаш младиот фестивал во зачеток.

Сајкик ТВ

Кога веќе ја спомнав „Стотројка“, на 25-годишнината од нејзиното постоење се случи вистински спектакл, како во најдобрите времиња од 90-те години. Радиото во кое поминав 6 квалитетни години од животот за главен гостин на јубилејот го донесе „главом и брадом“  господинот Џенезис Пи Ориџ, легендата на музичката андерграунд сцена, кој, за жал, почина неодамна. Настапот на неговиот матичен бенд Сајкик ТВ беше одлично најавен, со феноменално онлајн интервју кое го водеше Мирко Попов (конечно да слушнам нешто издржано и квалитетно, за разлика од дебаклот со Бликса Баргелд пред некоја година, кога ми одеше да пропаднам во земја). А самиот концерт на Сајкик ТВ беше оргазмичен. Се прошетаа низ нивната богата музичка кариера, сепак, највеќе задржувајќи се на тогаш актуелниот албум „Алиенист“, кој е еден од најдобрите и најзрелите во нивната долгогодишна кариера. Џенезис е редок DIY лик каков што веќе нема на сцената, и нема ни да се појави, со оглед на денешното поимање на музиката.

Свонс

Бендот кој како и Сајкик ТВ има култен статус меѓу обожавателите исто така ни остави  незаборавно звучно искуство во МКЦ. Свонс се препознатливи по својот концепт секој нов материјал да го вежбаат на живи настапи на своите турнеи, да го развиваат до крајни граници тука, на лице место, пред публиката, и на крајот да го стават на носач на звук. Тоа се случи и таа вечер во МКЦ, кога на влезот ни даваа тампони за ушите за да се заштитиме од моќта која ќе ја добиеме од сцената. Јас, секако, ги употребив, а оние кои не го сторија тоа, следниот месец се жалеа дека нешто не им е во ред со слухот.

Ли Риналдо

„Здраво млади“ во меѓувреме прерасна во значаен фестивал на овие простори, баш поради ваквите моменти, успевајќи да донесе, меѓу другите, и имиња како Ли Риналдо (да го ебам, знам дека е Раналдо, ама јас цел живот го викам Риналдо, и тешко ми е да се одвикнам 😉). Ли и екипата направија многу емотивен концерт, свирејќи го материјалот од неколкуте негови самостојни проекти, надвор од матичниот Соник јут, кој во тој момент одамна беше во историјата. Со дружељубивиот Ли се сликнавме по настапот, а ми ги потпиша и сите плочи од Соник јут.

Да додадам дека таа вечер пријатно ме изненади и атракцијата од Сан Франциско, Мун дуо, кои со квалитетната свирка ме убедија да им го купам актуелното ЛП, со кое потоа долго време го заспивав синот, иако се работи за прилично динамична музика. Но, квалитет си е квалитет, што би рекол Хорхе 🙂

Трстон Мур

Крајот делото го краси. Немам што да додадам, освен да го споделам впечатокот веднаш по настапот на маестрото, олицетворен во следната рецензија:

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius

И конечно, најавениот бонус трак! Се работи за легендарниот фестивал во 1996 година по повод роденденот на Канал 103, кога на Скопското лизгалиште настапија словенечката Боргезија, грчкиот Аватон, нашите Киборг и Нора, а како главни гости – фантастичните швајцарци Јанг гадс. Тие беа актуелни со прекрасниот албум „Онли хевн“, кој на некој начин е звучно обележје на целите деведесетти на 103-та фреквенција. Јас бев дел од екипата на Нора за нејзиниот настап и влегов га-га, па затоа немам зачуван билет, а долго време во радио стоеше закачен плакатот, и не ми текнало да го сликнам и да го архивирам и овековечам. Нејсе, остана сеќавањето на тоа скопско лето, во кое градот звучеше интер-планетарно со музиката на Јанг гадс, затоа што ние сме (бевме) генерации кои „го бакнуваа(т) сонцето“. Ви благодарам на вниманието 😉

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *