Кога во 2009 година култната шпанска актерка Викторија Абрил, на покана на тогаш новата директорка Лабина Митевска, со своето луцидно присуство го освежи фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, сосема логично беше да се очекува некогашната Алмодоварова муза да стане дел од некој нов проект на продукцијата „Сестри и брат Митевски“. Нејзиното прифаќање на главната ролја во новиот филм на Теона Митевска суптилно влијаело и врз самата авторка, па така гледаме шпица што по сензибилитет многу наликува на проектите на шпанскиот маестро, но и елементите од кои е составена самата приказна: (анти)хероини, (само)убиство, инцест, одмазда… се дел од фолклорот на Педро, кој во последниве две декади сними некои од највозбудливите парчиња во европската кинематографија.Токму кинематографијата на Стариот континент, доколку генерализираме и ја ставиме во еден фолдер, иако си има богатство од различности, била предизвик и за Теона Митевска, која очигледно решила со своето трето целовечерно остварување да се доближи до посакуваните европски стандарди и да сними филм што ќе наликува на сето она што сме го гледале во веќе споменатата шпанска, но и француска, германска, белгиска, австриска… филмска школа. По барањето на авторскиот крик во себе во конфузниот првенец „Како убив светец“ (2004) и површното чепнување на некои чувствителни теми во „Јас сум од Титов Велес“ (2007), во третиот обид Митевска конечно успева во намерата, снимајќи ‘чист’ филм во кој многу занаетски решенија се прилично успешни и ѝ припаѓаат на таа европска филмска традиција.
„Жената што си ги избриша солзите“ започнува прилично жестоко. Мудрата одлука првата, француска сцена, во која синот ја љуби мајката, а потоа, откако ќе ѝ каже дека (можеби) бил злоставуван од таткото, скока од балконот и се убива, е фрлена јадица на која веднаш се фаќате, и отвора можности за развивање страшно емоционална приказна, која може да води во кој било правец. Меѓутоа, Митевска се решила за минималистички пристап, во кој ги дозира емоциите на нејзините ликови, оставајќи ве како гледач во некакво си притаено очекување што е тоа што следува во следната сцена. Долгите кадри во кои го гледаме лицето само на едниот од протагонистите, а го слушаме само гласот на другиот, најчесто ни доловува многу повеќе отколку сцената да биде раскадрирана на класичен начин. Во сето ова на авторката сесрдно ѝ помогнал, односно заслугата комплетно оди кај унгарскиот кинематографер Матјаж Ердељи, кој за што подобро доловување на емоционалното кај ликовите се чини ги одбрал најдобрите можни агли на снимање, а неговата фотографија е посебна приказна, бидејќи таа со својата мрачна раскошност е како нов, засебен карактер во филмот.
Како контрапункт на француската приказна гледаме македонска, односно јуручка приказна за љубопитната Ајсун, која со својот син Илкин го чекаат незаконскиот татко да се врати од странство и конечно да станат семејство, наспроти противењето на нејзиниот татко што не сака ни да чуе за такво сценарио. Традиционалната турска заедница од селото Коџалија крај Радовиш пред неколку години со својот фотообјектив ја овековечи Роберт Јанкуловски, а потоа и Билјана Гарванлиева во својот документарец „Девојчето што бере тутун“, кој доби неколку награди на меѓународните фестивали. Овој пат Лабина и Каеолик Митевски претставуваат филмска варијанта на автентичните Јуруци, приспособена за европскиот гледач, во која и обајцата, за жал, не успеале да ги избегнат современите особености на своите вистински личности. Едноставно, трансформацијата на еден лик од традиционалист во вистински бунтовник не се случува само со агресивно џвакање мастика или, пак, со обично возење мотор. Сепак, овој дел од приказната некако функционира бидејќи има многу допирни точки со француската приказна, на крајот создавајќи маѓепсан круг во кој двете жени, како репрезенти на две различни општества и култури, се борат за сочувување на својот разнишан интегритет. По тој повод, во филмот гледаме две битни сцени што нема да ве остават рамнодушни и во обете ликот на Абрил како главен протагонист. Во првата сцена, додека нејзиниот сопруг ’рчи, откако претходно постојано му забележува дека гласно јаде, овој пат таа не го опоменува, туку силата што ја акумулира од неделувањето ја тера да левитира во воздухот, како фин и ефектен предвесник на разврската што следува. Во втората сцена, пак, се случува суштинската средба очи во очи со волкот, која, едноставно, за момент препородува.
По овие силни сцени-бисери, во последниот, завршен дел, кога се очекува божествено крешендо, случувањата за време на ловот изненадуваат со сета своја предвидливост и како да ги разблажуваат впечатоците собрани во текот на претходните деведесетина минути. Сепак, останува констатацијата дека овој филм е најзрелиот проект на Теона Митевска досега и дека ќе има успешен фестивалски и дистрибутерски живот, со оглед на неговиот успешен старт на меѓународната сцена на престижното Берлинале, како и поради одличната продуцентска поткованост на Лабина Митевска.
(Објавено во „Нова Македонија“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)