Ирена, 21, Скопје, Македонија – Тирана, Албанија
Од „Карл Либкнехт“ во Скопје заминав лани, штотуку дипломирана на студиите по меѓународно право, со познавање на англиски, германски, француски и албански јазик, и без поинаква иднина. Сето време се пријавував на конкурси за работа, и во Македонија и во странство, и на крај ми беше понуден едногодишен проект во канцеларијата на една германска фондација во Тирана, Албанија. Фондацијата се труди во албанскиот правен систем да имплементира повеќе закони од законодавството на Европската Унија и работи пред сѐ на поврзување на албанското општество со соседните.
Брат ми и родителите, изгубени во својот ужасен свет, го кренаа каучот на којшто спиев од дете уште пред да тргнам на автобуска. И мене не ми се чекаше ни миг повеќе, одвај чекав да заминам оттаму, без разлика дали во Њујорк или во Тирана. Никогаш не бев среќна во домот во Скопје, никогаш немав добри односи ни со брат ми ни со родителите, и сега правам сѐ за да можам или да останам во Тирана или, кога ќе ми заврши проектот овде, да отидам на друго место. Знам дека никому во семејството не му недостигам. Моето семејство одамна требаше да заврши во психијатриска установа, ама немаше кој да го смести, јас бев премногу кревка за таков чекор. Всушност, сите нѐ знаат во населбата по три работи: брат ми е „Бранко будалата што проси пари за автобус и се шлае низ Скопје“, јас сум „Ирена, убава и паметна, ама џабе ѝ е со такви идиоти дома, уште кога беше мала проба да се самоубие“, а мајка ми и татко ми се „вака ќе речеш фини луѓе, таа со пунџа, на штикли, дотерана, тој на сите комшии им вика Добар ден, Добро утро, а тие со години да ти шетаат голи по дома, ни ролетни спуштаат ни ништо, ни срам ни перде!“
Да, сето тоа е вистина. Брат ми уште од мал покажуваше знаци на психичко растројство, не разбираше многу работи ни на училиште ни на телевизија, не ја сфаќаше, на пример, разликата меѓу куќа и стан, за нас велеше дека живееме во куќа, а ние живеевме во стан, на училиште добиваше единици и татко ми поради тоа го тепаше со каишот, а мајка ми со своите штикли, и кога ќе отидеше со модрици на училиште едноставно му ставаа двојки колку да помине и да не ја повторува годината, не сакаа да го носат на душа. Ама никој не направи за него повеќе од тоа, ни наставниците ни некој од соседите. Роднините и другите не нѐ посетуваа по втор пат – првпат кога ќе дојдеа моите ќе ги пречекаа голи, како што одеа сето време. Кога бев мала тоа ми беше интересно, додека гледаа телевизија ќе ѝ седнев на мајка ми во скут и веднаш ќе посегнев по нејзината дојка, а сигурно сум имала пет-шест години веќе штом можам да се сетам на тоа. Таа се кикотеше и ме плескаше по газето. И јас и брат ми бевме сето време голи. Веднаш кога ќе дојдевме од некаде дома, сите како по правило се соблекувавме, но не облекувавме алишта за по дома, туку седевме голи, и зиме и лете, мајка ми најчесто со налани на штикли. Лете беше дури и пријатно да се биде гол, а зиме ги палевме сите три печки на струја дома и набрзо се навикнувавме да бидеме голи и во зимски услови. Кога некој ќе заѕвонеше на врата му отворавме голи, но ретко кој ни заѕвонуваше.
Кога бев во трето одделение и децата од улицата почнаа да ми викаат „Ирена е гола, ќе ја згази кола“, се засрамив толку многу што почна да ми пречи нашата голотија и почнав да се бунам, да не се соблекувам после часови, но брат ми, иако поголем од мене, тоа сѐ уште го правеше и се дереше фрлајќи се на подот дека треба да се соблечам, дека мама и тато кога ќе дојдат од работа ќе ми покажат убаво ако не се соблечам. Мајка ми работеше во градинка – и ден-денес се чудам како било тоа возможно, сѐ дури на 46-годишна возраст не доби отказ, но таа рече дека сама си поднела барање. Потоа работеше во слаткарница како келнерка. На работа одеше со тесно кроени здолништа и фустани, и секогаш, секогаш носеше чевли со толку високи петици што не можеше да оди исправено туку нозете ѝ се свиткуваа во колената. Не знам како можеше да седи и дома со штикли. Татко ми работеше во Металски завод „Тито“, односно во фирмата што е сега таму, како машински инженер, сѐ до пред две години, кога се пензионира како инвалид. Дали тоа беше психичка дијагноза? Изгледа некој го имаше пријавено дека дома шета гол, и за да не умреме од глад, му беа дале ин- валидска пензија. Како беше возможно човек со факултет да се однесува така, да шета гол по дома? Брат ми сигурно беше дете со посебни потреби, но никогаш не беше третиран како таков, на моменти беше малку понормален, но најчесто или гледаше во таванот или налудничаво ја вртеше главата лево-десно сѐ дури не свиснеше од умор. Му се случуваше со денови да не јаде, а моите тоа да не го забележат. Денес е маж на кој му се бројат ребрата и кој шета со паторски чекори низ населбата, а кога ќе испроси пари за автобус оди и низ градот – со неперена блуза, со истите гаќи по цели седмици, со разбушавена коса… Сите се вртат по него и го викаат Бранко будалата. Не знам како издржав толку години со него во иста соба.
И подоцна тие одеа голи по дома, ама јас нивната голотија веќе не ја забележував, односно постигнав со автоген тренинг да не ми пречи, да не ме нервира и едноставно да не ја гледам. И покрај сите расправии и навреди што ги доживував од сите тројца, дома седев исклучиво облечена, а се пресоблекував во тоалетот откако под машината за перење ќе го извлечев клучот за да ја заклучам вратата, бидејќи тие ги отстранија и клучевите, за да може секој секаде да оди без чукање. Никој повеќе не можеше да ме види гола, ни внатре ни однадвор, преку прозорците без ролетни на нашиот стан на приземјето од зградата на улицата „Карл Либкнехт“. Ама и соседите веќе беа навикнати на голотијата во нашиот стан, само за новите генерации деца тоа беше сѐ уште интересно, смешно и скандалозно. Неколкупати надвор стоеја полицајци и зјапаа во нашиот стан, ама сигурно си мислеле дека тоа е наша приватна работа дали сме голи или облечени по дома. Не е тоа нарушување на јавниот ред и мир. А како никој не се праша дали сите членови на семејството сакаат да бидат голи, или можеби некој и мора? Нели ме видоа однадвор облечена, а останатите голи? Или и самите беа перверзни како моите?
Особено не можев да ги поднесам половите органи на брат ми и татко ми, постојано во различни позиции, те навалени, те повлечени, те исправени. Мразам и до крајот на животот ќе мразам и машки и женски полови органи! Заради нив и пробав да се самоубијам кога имав 13 години. Кога ќе го видев татко ми со кренат полов орган како оди во нивната спална соба каде што мајка ми гола читаше некои женски списанија, знаев дека набрзо ќе се слушаат извици оттаму како некој да ги коле. Неретко ни вратата не ја затвораа, па брат ми редовно стоеше и ги гледаше како се сексаат. Кога нему му беше кренат половиот орган, влегуваше во нашата соба и ме туркаше на креветот, сакаше да ме обљуби, мислеше дека тоа е природно нешто, дека штом му е кренат има право да се испразни, а во кого ако не во женски полов орган, т. е. во мене. Од сопствените викања мислам дека и сама се помрднав во умот. Го туркав, го удирав, го клоцав и секогаш ми успеваше да се ослободам од него, бидејќи имаше одвај четириесетина килограми, а јас многу повеќе. Отрчував во тоалетот, таму се заклучував и чекав сите да се смират, мајка ми и татко ми од божемното карање на брат ми: „Кога ќе имаш жена ќе сексаш со неа“, брат ми од фрустрациите што го растргнуваа во секоја смисла, па обично кршеше чаши или чинии. Неретко се случуваше да се фрли и врз мајка ми така гол, а таа се кикотеше и го тргаше викајќи „Будалче едно“, ама тогаш татко ми полудуваше, па го земаше каишот од наслонот на столот и го удираше по голиот газ. Којзнае дали мајка ми и брат ми не сексале никогаш, сега ми се чини дека и тоа можеби се случувало во нашиот дом. Тоа беше дефинитивно дом на лудаци, во секоја смисла. Се чудам сега како државата воопшто не се погрижи за нас, за мене? Сама немав каде да отидам, едноставно не гледав излез. Почнав да размислувам дека најдобро ќе биде ако ме нема повеќе, ако не живеам повеќе.
Еден јулски ден, додека бевме на распуст, брат ми се обиде да ме силува и за малку ќе му успееше. Но јас тогаш веќе имав шеесет и три килограми бидејќи јадев сѐ што ќе најдев, и од компулзивен глад и заради самозаштита пред брат ми. Го удрив тогаш по глава со вазната и ѝ се јавив на мајка ми во градинката за да ѝ кажам дека на Бранко му тече крв од главата. Набрзо дојде татко ми, го облече надве-натри, го пикна во нашата зелена „дијана“ и го однесе на лекар. Кога останав сама ги голтнав апчињата на мајка ми и легнав на мојот кауч. Како во сон ја слушнав дека вели „Ми ги испила дијазепамите, глупачка!“ Татко ми и мене тој ден ме качи во „дијаната“, чинам ме однесе на раце од собата, а во болницата ми напишаа во здравствената книшка „обид за самоубиство“. Преживеав. После тоа владееше тишина во станот. Тие и понатаму одеа голи, но јас не ги забележував. Како да пораснав, како да созреав. Отидов кај мојата учителка од дневен престој, само таа ми падна на памет, и сѐ ѝ раскажав. Таа ме поврза со една жена што се занимаваше со автоген тренинг, не ни знаев што е тоа. Госпоѓа Невена ме научи како да се контролирам и да не се вознемирувам преку секоја мера. Ме посоветува да останувам во училишната библиотека, а учителката од дневен престој ми среди во училиштето да ми даваат бесплатна храна од мензата. По цел ден останував во училиштето и практично само преспивав дома.
Во средно училиште избрав јазична паралелка и почнав да учам јазици. Во себе изговарав толку зборови што тие ми влегуваа и во потсвеста, која стана простор за зборови на странски јазици. Зборовите ми нудеа некаква заштита, во нивниот свет се чувствував безбедно. Моите и понатаму се правеа луди, одеа голи низ станот, брат ми сосема престана со школувањето, почна да пие сѐ што ќе најдеше по дома, да талка и да бара од кого стигне цигари или пари, понекогаш и да не се враќа за спиење, мајка ми доби отказ од градинката и почна да работи во слаткарница, ама јас гледав сето тоа да не го забележувам. Средното го поминав на училиште и во библиотека. Јазиците ми одеа толку лесно што пред да тргнам на факултет веќе течно знаев и германски, и англиски, и француски.
На Факултетот за меѓународно право еден професор рече дека иднината на студентите во Македонија е во албанскиот јазик. Не можеше тоа поконкретно да го објасни, ама рече дека и сами ќе видиме дека е така. Веднаш почнав да ги посетувам факултативните часови по албански, а за среќа, во Скопје и имав можност да разговарам на него. Наеднаш ги зачувствував многу блиски Албанките забулени во долги мантили и марами и лете и зиме. Им завидував на облеката што ја носеа како сигурност, како заштита пред другите. Колку ми недостигаше облеката во моите детски денови, кога морав и сама да бидам гола дома, и колку сѐ уште ми недостигаше, зашто моите ни за жива глава не ја сменија навиката, дури ни подостарени, со виснати гради, мевови и полови органи. Од факултетот кружев преку МНТ, Трговскиот центар и Камениот мост за да поминам низ Старата чаршија и да стигнам до автобуската на „50“ на Бит-пазар, само за да ги подзагледувам Албанките во мантили и шамии, бидејќи таму ги имаше најмногу. Не размислував дали им е жешко, дали им пречи облеката, дали некој ги натерал така да се облекуваат, дали самите сакаат да бидат облечени од глава до петици – не, едноставно ги сакав нивните тела од кои не се гледаше ниту еден сантиметар. Љубезно ги поздравував на албански, на просјачките испоседнати со мали деца на тротоарите им давав понекој денар од мојата стипендија за талентирани студенти, им прозборував на албански, а тие се радуваа, и на парите и на зборовите. Јас, пак, се радував на нивните алишта што им ги обвиваа телата од глава до петици. Еднаш во црквата „Свети Димитрија“ видов монахиња во долга одежда која ѝ го покриваше целото тело. Многу ми се допадна нејзината црна облека, ама се збунив и ја поздравив на албански. Ме погледна зачудено и се прекрсти. Оттогаш ретко влегував во црквата. Студиите ми поминаа на факултет и по библиотеки. Ретко одев на забави, ми беше страв од секој машки поглед, не сакав никој да ме допре ни по глава, а не пак на некое поинтимно место.
Веднаш по дипломирањето се зафатив со барање работа. Ама во Македонија за мене немаше ништо. Затоа, кога налетав на Интернет на огласот за проектот во Тирана, се пријавив во истиот миг и, за среќа, сега сум таму, по цел ден зборувам и пишувам на англиски, германски, а најмногу на албански јазик. Оној професор во Скопје имаше право, барем во мојот случај. Прво бев изненадена што во Тирана нема забулени жени, но набрзо сфатив дека Енвер Хоџа со атеизацијата на Албанија засекогаш ги оставил Албанците без чувство на верска припадност. Денес градот е проевропски, раздвижен и безбеден. Девојките шетаат во мини здолништа, момчињата се вртат по нив, но никој не е толку разголен за да ме потсетува на мојот живот во Скопје. Морам или да останам во Тирана или да заминам на друго место, ама во мојот поранешен дом на „Карл Либкнехт“ во Скопје не се враќам повеќе никогаш. Во краен случај, или ќе отидам во манастир и ќе облечам монашка одежда од глава до петици, или ќе станам муслиманка па ќе почнам да носам мантил и шамија. Или, едноставно, ќе купам три кутичиња дијазепам и ќе ги испијам на екс. И овде ги даваат без рецепт.