Од високата кула, во која често навратував за да се возам со лифтот до кровот, имаше најубав поглед врз околните згради, паркот и кривулестиот тек на реката Вардар. Легнував на стомак, цврсто прилепена до жешкиот катран на самиот раб од педесетметарскиот лет кон смртта, и набљудував. Некогаш носев и семки од кајсии за да се пошегувам со минувачите. Тука, од високо, работите изгледаат поинаку, можеби заради стравот. Тополите не се толку високи, а јајцата во гнездата на враните и страчките се на дофат. Ги сакав овие висински прошетки и не ги кажував никому, заради девојчето од полициската зграда, чиј лик се најде на банкнотата од 10 динари кога успеа да го преживее падот од петтиот кат, благодарение на живата ограда. Не сакав да ја ставам на испит мојата среќа.
Ако не се качував на кровот, немаше да ја откријам малата тајна за добриот тен на тетка Беба. Се појави еден летен ден со куфери и еден младич со кој зборуваше на француски, на истото место каде пред две години ја остави својата ќерка Ана, која плачејќи се обидуваше да се оттргне од рацете на баба й. За неа возрасните зборуваа дека има бордел во Париз, подарок од нејзин клиент, кој најверојатно е таткото на Ана. Можеби тоа го зборуваа од злоба или пак од завист, бидејќи тетка Беба беше многу убава жена и, како што велеа старите моми: „може да го има секој маж што ќе го посака“.
Тетка Беба тоа лето речиси секој ден се качуваше на покривот од нашата зграда, со столче-лежалка, шише со вода и книга во раката. Од кулата можев добро да ја видам во кусиот џинс и црвениот градник, како си зазема место ориентирајќи се според сонцето. Шареното кимоно го оставаше врз отворите за вентилација, за кои мислев дека се оџаци. Потоа доаѓаше она нејзиното младо Французинче и ја мачкаше со лосион после кој тетка Беба светеше како златна рипка. Ќе й ја земеше раката, ќе ја бакнеше и длабоко поклонувајќи се, ќе си заминеше, оставајќи ја тетка Беба насмеана до уши.
Беше интересно да се гледа, особено заради фактот што тетка Беба немаше поим дека некој ја гледа. Така барем мислев, но сум избрзала во мислата. Еден ден се подисправи, ја стави раката над очите за да си направи сенка од сонцето и погледна кон мене на кровот. Посакував да се стопам во катранот од покривната плоча, или да паднам и да ме снема заедно со мојот срам. Лицето ми беше цврсто залепено за подлогата. Се плашев да ја кренам главата. Срцето силно ми биеше.
„Те молам, немој да ме гледаш“- си помислив, – „дозволи ми да се повлечам од овде. Ти ветувам дека повеќе нема да те гледам“.
Полека ја кревав главата. Тетка Беба стоеше во истата поза. Почна да ме повикува со раката. „О, Боже, каков срам. Ќе й каже и на мама. Сите ќе дознаат!“ Тонев сé подлабоко, а тетка Беба и понатаму ме повикуваше со раката.
„Не гледам друг излез, ќе морам да одам кај неа. Ќе се извинам, ќе поплачам и ќе ме пушти“.
Со забрзан ритам на срцето се спуштав педесет метри вертикално удолу кон пеколот, потоа педесет метри хоризонтално низ чистилиштето, па дваесет метри нагоре пеш по скалите кон… Стигнав на кровот од мојата зграда. Тука, до отворот за вентилација стоеше црното кимоно со шарени цветови и папучи со зајачко опавче, кои ги викавме „мицики“.
Тетка Беба се заврте кон мене и со насмевка ми рече:
– Стигна шéри, седни тука до мене.
Во раката држеше книга од Жан Пол Сартр – Интимност и Соба, со разголена девојка на насловната страна.
– Изгледа имаме нешто заедничко, шéри.
Стоев и молчев. Ја чекав пресудата. Секој плаќа за своето злосторство.
– Како се викаш, шéри?
Колку мило ми се обраќаше, што просто уште повеќе ме напнуваше и бев во исчекување: кога ќе пукне оваа пријатност и ќе се претвори во пекол.
– Зборувај маченце, не се плаши.
– Маја, – излажав.
– Дојди Маја, седни до мене.
Седнав на отворот за вентилација, веднаш до тетка Беба.
– Сакаш да ги гледаш работите од високо?- повторно милно ми се обрати.
Климнав потврдно со главата.
– Имаш чувство дека си семоќна, како Господ!
Ништо не одговорив, а и немав такво чувство, само видикот ми се простираше подалеку. Гледав многу повеќе одошто можеш да гледаш кога стоиш цврсто на земја.
– Ја знаеш мојата Ана?- продолжи тетка Беба со насмевка на лицето.
– Ја знам, ама не се дружиме – одговорив.
– Зошто не се дружите, шéри?
Сé уште треперев, не можев да најдам одговор на ова прашање. Молчев.
– Добро, поголема е од тебе, има други пријатели, ама сигурна сум дека имате нешто заедничко.
– Јас собирам салфетки, – претпоставив дека тоа е единствената заедничка работа што можеме да ја имаме со Ана.
– Не знам дали собира салфетки, ама ќе ја прашам, – смирено зборуваше тетка Беба. – Јас й праќав многу работи од Франција, ама не верувам дека нешто задржала од тоа. Ако има, можете да се менувате.
По кратка пауза тетка Беба прејде на главното прашање кое цело време струеше во воздухот.
– Зошто се качуваш на кровот, шéри, што ако паднеш?
– Нема да паднам, – брзо одговорив гледајќи во „мициките“.
– Кого гледаш? Некое момче, можеби?
– Не – повторно кусо одговорив.
– Одамна го правиш тоа?
– Па, од пред две години, кога сакав да му побегнам на Северџан.
– А кој е Северџан? – прашално и со потсмев ме погледна тетка Беба.
– Едно Циганче што беше вљубено во мене и кое постојано ме следеше. Не можев да дишам од него, па морав да му побегнам.
– Па реши од високо да го гледаш како пати по тебе – со потсмев ме гледаше тетка Беба.
Ме имаше во рака и цврсто ме држеше. Се чувствував немоќно.
– Подобро јас да го гледам него отколку тој да ме малтретира мене – се окуражив со кажаното.
– И, што се случи со Северџан, шéри?
– Ништо. Се заљуби во Галичанката и продолжи неа да ја следи. Седеше на клупата спроти кулата со весник во рацете. Во весникот имаше направено дупки за очите, за да може низ нив да ја гледа.
– Хм, симпатично, како детектив, – тетка Беба се обидуваше да ми влезе во приказната.
– Нема Цигани – детективи, – одговорив и ја свртев главата кон „мициките“.
– Моето момче е Ром,- со гордост и голема воздишка кажа тетка Беба.
– Детектив е? – прашав зачудено.
– Не, не е. Свири на гитара. Вистински уметник е, шéри.
– Па, нели е Французин? – зачудено ја прашав.
– Да, ама со ромско потекло.
– Тука кај пазарчето има едно дете, Кау. Мајка му е Циганка, а татко му е наш. Живеат во Германија, а тука се преку летото, – й ја открив тајната за мојата љубов на тетка Беба, – многу е убав, како твојот Французин.
– Кога ќе пораснеш, може да ти биде момче.
– Ааааа, нема шанси. Мама ќе ме избрка од дома.
Тетка Беба прсна да се смее и тоа толку симпатично. Се обидував да го запомнам секое движење и цивкање во смеењето за да можам потоа да го извежбам, па и јас така да се смеам.
– Кога ќе бидеш голема, мајка ти нема да може да ти кажува што да правиш. Ќе си правиш ти како што си сакаш, – сакаше тетка Беба да ме наведе на нејзиниот пат.
– А, ако погрешам нешто, потоа нема враќање назад.
– Нема враќање назад, ама има гледање напред. Мене што ми фали. Секој ден ми е поубав од претходниот.
– Јас некогаш пејам за време на ручекот, – сакав да видам дали има вистина во митот за поврзаноста на пеењето за време на ручекот со мажење за Циган.
– И јас пеам, сега повеќе од порано. Имам со кого, – тетка Беба се поднамести во столчето и ме фати за рака во знак на поздрав. – Убаво ми беше што си поприкажавме, ама немој уште еднаш да те видам горе на кулата.
Потврдив со глава, реков едно кусо „чао“ и отидов.
Попладнето со Галичанката се качивме на кровот од гаражите да се сончаме. Јас се потрудив од едни стари фармерки да направам куси бермуди како оние на тетка Беба. Горе ставив куса маичка со реси, како на Индијанка. Имав многу голема сила во себе, мислев дека ќе полетам. Й кажав на Галичанката дека еден ден ќе се омажам за Кау. Таа прсна да се смее. Навредена, се свртев на другата страна со поглед кон улицата пред нашата зграда. Од кровот кај четвртиот влез како да падна некоја крпа. Со голема брзина се спушти надолу. Слушнав вресок.
– Што беше тоа? – се стресе Галичанката и ме зграби за рака.
– Нешто падна од зграда. Не видов убаво.
Пред четвртиот влез се собраа луѓе. Почнаа гласно да викаат за помош. Дотрча и тетка Беба во шареното кимоно. Хистеричен крик ја замени смеата на нејзиното лице. Повеќе не светеше како златна рипка.