Столче

Евреите пред некое време сакаа да ни го земат столчето. Столче како столче, дури и не беше многу удобно, ама не го даваме.

Пред многу години дедо ми ми покажа дека одоздола на седиштето има размачкан печат „Germany“. Поставувајќи го повторно на ногарките, ми намигна. Ништо не рече, но се воспостави нишка на заемен договор. Помислив дека тоа столче сигурно е запленето. Дедо ми е карпа човек, па, којзнае, можеби тоа столче едноставно им го украл на Германците. И можеби токму поради тоа никој на него не седнуваше. Стоеше во кујната, меѓу шкафчето и прозорецот, а издадената прозорска штица одвраќаше од седнување на него. Вршеше функција на подметка за тазе набавените намирници. Беше црно и грдо, не одговараше на другиот мебел. Колку што се сеќавам, никогаш не беше почестено да ѝ се приближи на масата во трпезаријата.

И ќе си седеше таму мирно, да не беше писмото што дедо го доби од Хаифа. Баба ми го прими од поштарот и го стави на сандачето во претсобје. Дедо ми се врати дома, го разгледа писмото од сите страни и го остави. Првата недела баба ми се подбиваше дека сигурно некоја Еврејка се вљубила во дедо. Дедо ми беше непопустлив. Не коментираше и писмото не го отвораше.

Неотвореното писмо си постоја, според мене, околу месец и нешто. Јас не прашував ништо, седев мадро. Мајка ми го притискаше дедо ми да го отвори, но тој не одговараше, само мене ми намигнуваше. И јас му намигнував, иако немав поим за што станува збор.

На крајот мајка ми не издржа и самата го отвори израелското писмо. Се зачудивме што беше напишано на полски.

Драги наши,

Ви пишуваме, бидејќи конечно, по толку години, ни успеа да ја најдеме вашата адреса. Ние сме внуци на покојниот Менахем, Бог да го прости, кој заедно со двете сестри нашол засолниште во вашиот дом од 1942 до 1945 година. Неговите сестри биле убиени два дена по напуштањето на вашиот дом. Дедо ни многу ни раскажуваше за вас. Откако ја напуштил Полска на почетокот на 1946 г., никогаш веќе не се врати таму. Јасно ни е дека неговите искуства од времето на Шоа не му дозволуваа да се врати, но ние многу би сакале да ве запознаеме.

Да не бевте вие, нас ќе нè немаше!

Ајде да се сретнеме!

Ако сакате да дојдете кај нас со авион, сите трошоци ќе ги платиме ние. Само напишете колку, за кога и на кое презиме да гласат билетите.

Ве чекаме, драги полски пријатели.

Семејството на Менахем

Дедо ми го ислуша, одмавна со раката и отиде во дворот. На сите прашања одговараше: „Стара приказна“.

Ниту тој ниту никој од нашето семејство отиде во Израел.

Израелците дојдоа кај нас. Еден ден ги здогледавме пред нашата ограда. Од далеку се гледаше дека не се тукашни. Синот на Менахем со жена му и возрасните син и ќерка стоеја пред нашиот дом.

Баба ми ги почести со колач и чај. Тешко ни одеше муабетот, бидејќи само тој нивни татко малку зборуваше полски. Рече дека точно знае каде биле криени татко му и тетките, но мора да излезе од куќата за да го најде тоа место. Татко му многупати му раскажувал како одел таму по темница.

Излеговме пред колибата и започна одбројувањето. Седум чекори од прагот, а потоа налево, низ вратата од кујната. Понатаму четири чекора, треба да се свртиш надесно и уште четири. Да се наведнеш и да го кренеш капакот од подрумот. Сè беше точно, капакот беше на своето место. Израелскиот татко прашално го погледна дедо ми, а дедо кимна со главата. Целото семејство слезе во подрумот и го затворија капакот. Завладеа тишина. По еден миг дедо ми се наведна и со силно движење го крена капакот во подот. Излегоа молчешкум, преплашени.

Израелскиот татко се обѕрна по кујната и погледот му застана на германското столче. „Ова ли е столчето на кое татко ми седел секоја ноќ, гледајќи никој отстрана да не се приближи?“ На тоа дедо му одговори: „Ова е столчето што го ставав врз капакот кога доаѓаа соседите. Седев на него сè додека не ја затвореа капијата на заминување.

Седев и се молев да си одат веќе еднаш“.

Израелците сакаа да го земат столчето на нивниот дедо за спомен, но не можевме да го дадеме, бидејќи тоа беше столче на нашиот дедо. Предложија да го купат, а дедо дури не сакаше ни збор да слушне за тоа.

Кога заминаа, го однесе столчето во дрварата, го исцепи и рече: „Јас му се изнагледав, а и ним ќе им биде полесно да живеат без него“.

*Расказот е дел од дебитантската збирка „Еврејска работа“ на Миколај Гринберг (ИЛИ-ИЛИ, 2021). Превод од полски: Лидија Танушевска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *