Кон „Оловна бригада“ на Кирил Ценевски (1980, 115 мин)
На првиот ден од пролетта, 21 март, Кинотеката на Македонија свечено ги промовираше реставрираните играни филмови на режисерот Кирил Ценевски, со што уште еднаш ја потврди една од неколкуте свои функции, зачувување и презервација на филмското наследство за идните генерации. Така кинотечната колекција дојде до фина бројка на дигитализирани копии на филмовите од неколку македонски филмаџии, откако во претходниот период бевме сведоци на промоција на собраните дела од режисерите Љубиша Георгиевски, Столе Попов, Бранко Гапо… како и она највредното, филмовите на првите балкански сниматели, браќата Манаки.
„Црно семе“ (1971), „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985) на едно место се репрезентативно сведоштво за нескротливата филмска уметност на еден од најталентираните македонски филмаџии, Кирил Ценевски, чија кариера, иако траеше релативно кратко, изобилува со силни филмски креации тематски актуелни и ден-денес. И ако „Црно семе“ е камен-темелникот на неговата филмска естетика, „Јад“ неочекуван и автентичен излет во егзотичните времиња на Богомилите, а „Јазол“ неговата лебедова песна, она што мене особено ме израдува е што конечно, по 39 години, ќе имам можност да го погледнам филмот „Оловна бригада“, со што ќе ја пополнам дупката која долги години зјаеше, и со тоа ќе го комплетирам знаењето за целосната македонска кинематографија. Едноставно, овој филм ми се чини дека не беше многу експлоатиран на телевизискиот медиум, ниту пак сум го сретнал во програмата на некоја ретроспективна ревија на македонски филмови за да имам можност да го погледнам, и затоа возбудата кога го добив двд-изданието беше навистина голема.
Филмот на Ценевски од 1980 година се занимава со тогаш современи теми, кои всушност се релевантни и ден-денес во ова наше македонско општество. Обидот на авторот да се прикажат актуелни општествено-социјални теми не само на локално, туку и на глобално ниво, се одличен показател за неговиот широк дијапазон на интерес. Интересно, токму и ако југословенската (монетарна) политика реши да го стави легендарниот босански рудар Алија Сиротановиќ на една од банкнотите, Ценевски сакал да ѕирне во интимата на овие луѓе со можеби најтешката работа, обидувајќи се во приказната, сосема легитимно, да вметне неколку подслоеви за збогатување на сценаристичката слика. Случувањата во рударската дејност („Нашите рудари се приучени селани, и секој чека да украде и да избега одовде“),синдикалната борба за поголеми плати („Секогаш се чека на некого одозгора, но тој никако да се јави“), глобалните тенденции наспроти локалните („Модернизацијата во светот создава отуѓување меѓу луѓето“) се само дел од милјето во кое се движи филмската приказна, зачинета со добро чуваната тајна за фамозниот минерал од Алшар, чија вредност е непроценлива. Интересно, токму деновиве се случија масовни протести во Босилово против отворање на рудник во нивната општина, но во овој филм сликата е токму спротивна: рудникот е единствената можност за приход во малото провинциско гратче за мештаните, во времиња кога за заштита на животната средина речиси и да не се размислувало како денес.
Ценевски ја слика приказната претежно со камера од рака, обидувајќи се кај публиката да создаде блиска релација со ликовите. Сепак, инсистирањето на тој принцип на работа во многу случаи остава впечаток на замагленост, која тој на моменти успева да ја извади со суптилни монтажни постапки. И токму тука се добива впечаток дека за него многу поважен бил техничкиот дел од реализацијата на филмот, отколку добро стегнатото сценарио, кое како идеја нуди навистина многу. Но, истото , и покрај намерата, не успева да навлезе под површината на настаните, особено не длабоко во душите на рударите, што би било полн погодок. Вака, филмското сиже нуди од сè по нешто, па дури и урбано Скопје на почетокот од осмата декада на минатиот век со Градскиот ѕид, ролшуите и славниот ГТЦ. Можеби подобро би било доколку приказната се плетела околу клучните реплики кои ги изговараат Благоја („Јамава има страшна моќ, те влече надолу како магнет и не ти дава да излезеш“), и онаа на Шило („Имам желба, и покрај тешките услови, децата да ми изучат за рудари“). Во нив се крие суштината на оваа филмска приказна, но тие, за жал, се изговорени и употребени во филмот само на ниво на парола.
„Оловна бригада“ е филм создаден за актерски ансамбл во кој членуваат врвни поединци од македонското и југословенското глумиште. Иако ликот на Лазар можеби „краде“ најголем дел од филмската минутажа, сепак и останатите учесници имаат свои успешни и помалку успешни перформанси. И ако актерите во филмот се обидуваат да бидат на ниво на задачата во зададените услови, тонот во „Оловна бригада“ е посебна приказна. Атмосферскиот звук претежно го нема, па сведоци сме на лутање на актерите во една бездна од тишина, која на моменти ја нарушуваат студиски создадените звуци. Но затоа тука се минималистичките композиции на Илија Пејовски, чија сугестивност создава интересна звучна слика во повеќето од сцените, музика која потоа уште долго одѕвонува во ушите, што може да се сфати и како концептуален пристап на Ценевски, кој наликува на она што го правеа филмаџиите од францускиот „нов бран“ во 50-те и 60-те години на минатиот век. Основната тема, која го отвора и го затвора филмот, додека протагонистите влегуваат и(ли) излегуваат од тунелот, е едно од врвните парчиња филмска музика во македонската кинематографија, и буквално претставува обележје на едно време, почетокот на 80-те години на минатиот век, кога истата делувала прилично авангардно.
Сниман и реализиран во 1980-та, во годината во која почина Јосип Броз Тито, „Оловна бригада“ е филмски експеримент во кој екипата влегла прилично ентузијастички, и на автентичната локација во и околу рудникот „Саса“ во Македонска Каменица најголемиот дел од сцените ги снимала со природно осветлување, и тоа претежно во темнината на влажните окна. Обидот да се добие натуралистички впечаток за случувањата долу, под земјата, само на моменти е успешен. Но и генерално, филмот скока од сцена во сцена не секогаш со однапред пресметани карти, и затоа во многу наврати истиот изгледа конфузно и недоречено. Тој е колаж од успешни епизоди, кои сепак не функционираат глатко во една целина.
Со оглед на тоа дека „Оловна бригада“ е реализиран пет години по „Јад“, за кој Ценевски добил поделени реакции, истиот за него како автор сигурно претставувал вистинско бреме, кое, за жал, на крајот не го издржал, и крајниот резултат не е на нивото коешто се очекувало. Меѓутоа, тој претставува добар премин кон фантастичниот „Јазол“, кој повторно ја враќа вербата во Ценевски како синеаст, која, за жал, набргу добива и своја завршница. „Оловен филм“ во „оловни времиња“ за авторот кој блесна уште со своето деби остварување, чиј успех веројатно натежнал на неговите плеќи како стапица која тој никогаш не успеал да ја надмине, и покрај добрите намери. Тој е вресок во празнината на бездната, како и врескањето на ликот на Гавранот во филмот долу, во темнината на окната, додека врз него паѓа еден куп земја, чија алузија кон истоимената поема на Едгар Алан претставува совршен момент за заокружување на овој осврт.
(Текстот е објавен на kinoteka.mk)