„Аквариум“ од Кристина Тот

Во овој роман сите се сираци. Девојчето посвоено кон крајот на четириесеттите (Ромче посвоено од Евреи што го преживеале Холокаустот), нејзините воспитувачи, родителите, нејзиното дете и сопругот, сите роднини и познајници: сите без исклучок недостатокот на љубов го сметаат за единствена прифатлива состојба што можат да ја доживеат. Луѓето си го живеат својот живот во една трошна галерија на една зграда со излупени ѕидови и мириси на варила, тука се борат за живот, на дофат на бедата и оддалечени светлосни години од животот што го замислуваат како нормален. Сепак, задушените емоции понекогаш избиваат и на тие точки се менува нивниот живот. Тој потиштувачки, тесен, но истовремено и проѕирен свет го преставува аквариумот. Писателката има одлично чувство за пропорции, ги комбинира натурализмот, иронијата и црниот хумор, прочистувајќи нè преку „катарзата на секојдневието“, соочувајќи нè со периодот на нашиот живот кој многу тешко го прифаќаме и којшто толку длабоко навлегува во нашата колективна потсвест.

Кристина Тот е родена во 1967 година во Будимпешта. Студирала унгарска книжевност. Поминала две години на стипендија во Париз. Од 1994 до 1998 година работела во Францускиот институт во Будимпешта. Има добиено неколку книжевни награди, а нејзината поезија и проза се преведени на повеќе јазици. Живеее во Будимпешта и освен со пишување и преведување од француски јазик, дизајнира и витражи. Позначајни нејзини дела се: „Есенското палто се бранува“ (1989, поезија), „Нишката на разговорот“ (1994, поезија), „Лондонските мечиња“ (2003, песни за деца), „Баркод“ (2006, кратки раскази), „Висока топка“ (2009, поезија), „Пиксел“ (2011, роман), „Аквариум“ (2013, роман), „Светски адаптер“ (2016, поезија).

Приказна за една ера, едно семејство, поточно приказна за генерациите што следуваат една по друга, но кои никогаш нема да профункционираат како вистинско семејство.

„Голем роман“ за унгарскиот социјализам. Сè има тука, премолчувањето, прикрадувањето покрај ѕидовите, снаоѓањето, излитеноста, трошните кулиси, соништата, малициозноста на желбите, мирисот на мувлосано и шалитра, домашното мајсторисување…

Најстрашното кај трагедиите е дека животот не застанува поради нив, секојдневието си тече како и порано, светот нема да се урне, никој не знае за твојата несреќа. Оваа книга успешно ја прикажува секојдневноста на трагедиите.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *