„Амфора“ од Луиџи Пирандело

Деновиве од печат излезе новата збирка од мајсторот за пишување раскази, Луиџи Пирандело. По „Гол живот“, ИЛИ-ИЛИ со уште една прекрасна книга за македонските читатели од класикот на италијанската литература, во превод на Катерина Сотирова.

Збирката „Раскази за една година“ претставува збирка раскази (246) пишувани од Луиџи Пирандело меѓу 1884 година и 1936 година. Заедно со „Декамерон“ на Џовани Бокачо, од кого во извесна смисла се инспирира (во темата за времето и во намерата реално да се прикаже човечката комедија), несомнено е едно од ремек-делата на италијанскиот расказ. Станува збор за збирка раскази обмислена во 1922 година која требала да обедини 24 книги од по 15 раскази како специфичен издавачки план на издавачката куќа „Бемпорад“. Па така, под единствениот наслов „Раскази за една година“, Пирандело сака да им понуди на читателите по еден расказ во секој ден од годината, со што се доближува во раскажувачка замисла до „Декамерон“ и „Илјада и една ноќ“ каде што точно утврден број раскази се раскажува во точно одредено време речиси како некој магичен, фабуларен ритуал.

„Амфора“ е единаесеттата збирка раскази објавена во 1927 година. Како и во другите збирки раскази, и овде поетиката на Пирандело е насочена кон темата на автентичноста и вистината кои постојат само во повеќеобразниот хаос  на животниот тек. Честопати Сицилија е прикажана низ една архаична и фолклорна димензија како земја на митовите и суеверието. Јадрото на расказите на Пирандело го сочинува драматичноста на секојдневието и на приватниот простор којшто од ден во ден го испревртува постоењето на ликовите во нивниот микрокосмос.

Луиџи Пирандело (1867–1936) е роден во вилата Хаос, во околината на градот Џирџенти. Студира филологија во Рим и во Бон. По завршувањето на студиите се враќа во Италија и решава да се занимава со книжевност. Од 1897 г. до 1922 г. е професор по естетика и стилистика на Real Istituto di Magisterie Femminile во Рим. Автор е на романи, драми, поезија, а напишал голем број раскази коишто се собрани во збирката наречена „Раскази за една година“ (15 тома пишувани од 1922 г. до 1937 г.). Збирката раскази „Амфора“ е објавена како единаесетта збирка од овој писателски и издавачки потфат. Во 1934 г. ја добива Нобеловата награда за литература. Умира во Рим.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *