пишува: Мерсиха Исмајлоска
„Во Скопје има еден човек. Работи во книжарница близу улицата на липите. Тој човек напиша книга со наслов „Ветрилиште“ и во неа ги има и липите и Скопје, но тоа Скопје е Скопје небаре во владеење на античкиот бог Хад.

Јунакот на приказната, Борис, сличен на Леополд Блум, во својот ден, во кој ги добива „своите пет минути“, т. е. долгогодишната книжевна награда, на еден гротескен начин ги разобличува наградите, особено книжевните. А тоа како на мртов човек и тоа како му е дозволено. Иако статусот на дух не е декларативно потврден, тој суптилно се насетува низ сцените, сенките, дијалозите, Скопје на писателот Борис. И тоа Скопје дише со сентименталност, горчина, но и топлина, која домот ја носи со својата суштина. Дом кој и мртви е дел од нас… А во тој дом: „Овој град некогаш живееше до раните утрински часови. Но, има уште понекоја останата стара куќа, забележува тој, стисната меѓу две високи зданија, куќи не многу на број, но куќи што сè уште не се предаваат. На балконот на едната од нив, старицата си ги полева цвеќињата. Во ќошот се гледа лимоновото дрво, кое се чека да даде сочни жолти плодови. Кога немате зеленило во околината, надополнувате со саксиски цвеќиња на балконот. Таа погледнува надолу, им се сретнуваат погледите, се поздравуваат со нишање на главите и со срдечна насмевка. Но, од заднината се слуша страшен рев. Некакво бучно незадоволство. Тоа ја натера старицата да се повлече внатре. Тој почна да се чувствува како еден од ангелите во ‘Небото над Берлин’, ни крив ни должен им ги слуша муабетите на сограѓаните. Како да е еден од ликовите на Хандке и Вендерс. И не може да им помогне.“ Нашиот ангел од небото над Скопје, не може да им помогне на своите сограѓани. На ‘ветрилиште’ е, а таму ако е точно она што велат народните верувања, може да се остане само четириесет дена.
Во „Ветрилиште“ Скопје не е само просторна позадина, тој е град-лик, учесник во приказната. Улиците, кафулињата, книжарниците и скриените агли се преточуваат во дел од интимната топографија на Борис. Човекот од книжарницата, Игор Анѓелков, ја открива двојната природа на градот: од една страна Скопје како метропола што се менува и модернизира, а од друга страна како носител на спомени и лични приказни. Тоа е сензибилитет кој се чувствува при читањето на романот, сензибилитет на град кој и мртви ќе го паметиме, зошто еднаш во некој свој живот сме ги дишеле своите желби, копнежи, таги, растења таму. Секој топос има симболична функција, тој не е само географски репер, туку и емоционален белег. Читателот добива чувство дека романот е истовремено и мапа на градот, но и мапа на емоции, каде што урбаното и интимното постојано се преплетуваат.

„Ветрилиште“ ја отвора темата за времето и промената: како градот се менува низ генерациите и како тоа влијае врз поединецот. Скопје во романот не е статично, тоа е жив организам, подложен на разурнувања, обновувања и трансформации. Борис со доза амбивалентност, горд е на припадност на градот, но длабоко ја чувствува и болката поради неговата изгубена автентичност и уништената архитектонска и културна меморија. Ликовите се движат низ простори што се препознатливи за читателот, што создава чувство на заедничко искуство. На тој начин романот станува културен документ, кој ја отсликува урбаната сцена на еден град во транзиција, но и менталитетот на неговите жители.
Со „Ветрилиште“, човекот симбол на книжарницата „Или-Или“ го претвора Скопје во книжевен пејзаж кој дише, зборува и се менува заедно со своите луѓе. Книгата е сведоштво дека градот не е само архитектура и простор, туку и емоција, меморија и идентитет. Така, Скопје станува коавтор на романот, а „Ветрилиште“ – дело што ги документира и слави неговите парадокси, убавини и рани. Скопје е спомен што не се продава:
„Ја знаете ли приказната за Џон и Синтија? Писателот ја врати картичката во портмонето што го стави во џебот од неговите пантолони и додека брцаше во џебовите на старите за да провери да не заборавил уште нешто, мислеше која е таа Синтија. Знаеше за Џон и Јоко, но не и за Синтија. – Тоа е првата жена на Ленон. Кога ја сретнал Јоко во 1966-та, се зацапил во неа од прва. И веднаш ја шкартирал Синтија. Подоцна се земал со вештерката, во 1969-та – беше расположено момчето за раскажување. – Синот Џулијан тогаш имал само пет години и, нормално, останал со Синтија. Ѝ оставил некој ситнеж и за брзо време оваа крахирала. И што ќе прави? Решила да ги продаде љубовните писма и цртежите што Ленон ѝ ги праќал додека биле во љубов. Писмата биле страсни и секое од нов завршувало си ‘Те сакам, Син’. – Којзнае колку ѝ било тешко да го направи тоа! – рече девојката. – Сигурно – потврди Писателот. – Погодувате – продолжи наострено момчето – сето тоа го продала за големи пари. А знаете кој бил купувачот? – Јас знам, си ми ја раскажал приказнава – реле девојката. – Пукај – рече Писателот. – Не, Марк Чепмен во 1980-та пукаше во него, тоа е друга приказна – рече фанот на ‘Битлси’ и ја разјасни мистеријата: купувачот бил Пол Макартни. Факин Пол Макартни, луѓе. И што се случува потоа? По неколку дена стигнува пакетче на нејзината адреса и кога Синтија го отвора, што да види: сите писма и цртежи што ги продала. Ја отвора белешката и во неа порака: ‘Никогаш не ги продавај своите сеќавања. Со љубов, Пол Макартни.’“
И такви разговори се случуваат во Скопје, во неговите продавници за костуми, книжарници, паркови… Каде Писател, е со голема буква П“.

@Текстот е објавен во актуелниот, единаесетти број на списанието за книжевност и друга уметност „(е)Лит“. Комплетните содржини се на следниот линк:


