Едно од задолжителните места во распоредот при посетата на Берлин беше германската Кинотека и музејот во нејзините рамки. За жал, таа беше во процес на преселба и реновирање, и единствената алтернатива што остана е посетата на славното студио „Бабелсберг“ надвор од градот. Тоа значеше дека со супер организираниот јавен превоз требаше да се патува 30-40 минути до славното гратче Потсдам, во кое, да потсетиме, во 1945 година, по завршувањето на Втората светска војна, тројцата лидери Сталин, Рузвелт и Черчил ја кроеле судбината на светот. Oттаму студијата се оддалечени 5 километри. Речено-сторено!

За жал, во јули 2025 година, кога бевме во Потсдам, во туристичкиот дел за посета на студијата се одржуваше популарен „К-ПОП“ настан, за што дознавме кога пристигнавме во историското гратче, и доколку сакавте да влезете во рамките на студијата, се наплаќаше ужасно скап билет. Тие денови низ улиците и во јавниот превоз можевме да видиме многу млади претворени во нивните музички идоли и манга херои, и едноставно одлучивме да го посетиме само на музејот посветен на славните студија, кој и онака ни беше во агендата. И не згрешивме!


Филмското студио „Бабелсберг“ се наоѓа во Потсдам-Бабелсберг, 30-тина километри надвор од Берлин. Тоа е најстарото големо филмско студио во светот кое произведува филмови од 1912 година. Со вкупна површина од околу 460.000 квадратни метри и студиска површина од околу 25.000 квадратни метри, тоа е најголемото филмско студио во Европа.


Стотици филмови, вклучувајќи ги и „Метрополис“ на Фриц Ланг и „Синиот ангел“ на Јозеф фон Стернберг, се снимени таму. Од поновите снимени продукции, да ги споменеме „V for Vendetta“, „Aeon Flux“, „The Bourne Ultimatum“, „Valkyrie“, „Inglourious Basterds“, „Cloud Atlas“, „The Grand Budapest Hotel“, „The Hunger Games“, „Isle of Dogs“, „The Matrix Resurrections“… како и ТВ сериите „Babylon Berlin“ (2016–2022), „Dark“ (2017–2020) и „1899“ (2021/2022).

Историјата вели дека во 1911 година, компанијата за филмска продукција „Дојче Биоскоп“ го купила сегашниот локалитет во Бабелсберг и го изградила своето прво студио за филм во стаклена градина (такви биле раните студија дизајнирани да ја искористат природната светлина) во Нојбабелсберг. Компанијата првично била формирана од Жил Гринбаум во 1899 година, а регистрирана во 1902 година.



Првото снимање во Бабелсберг започнало во февруари 1912-тата, филмот „Танцот на смртта“ на данскиот режисер Урбан Гад. Во 1920 година, „Дојче Биоскоп Гезелшафт“ се споило со „Декла-Филм“ на Ерих Помер за да го формираат „Декла-Биоскоп“. Во 1928 година, „Декла-Биоскоп“ се споило со „Универзум Филм“ (УФА), кое било основано во 1917 година. Токму оваа компанија го изградила големото студио (кое сега е познато како „Марлен Дитрих Хале“) во 1926 година за потребите на снимањето на култниот „Метрополис“ на Фриц Ланг. И генерално, ова студио е тесно поврзано со поддршката на „Германскиот експресионизам“, едно од поважните поглавја во филмската историја.



Денес студиото Бабелсберг работи главно на продукции на играни филмови. Исто така, функционира како посредник на германските продукции и како копродуцент на меѓународните високобуџетни продукции. Од јануари 2022 година, „Бабелсберг“ е во сопственост на „TPG Real Estate Partners“ (TREP) и „Filmbetriebe Berlin Brandenburg“ (FBB), а се промовира како дел од платформата „Cinespace Film Studios“.

На широкиот плоштад во центарот на Потсдам доминира зградата во која е сместен музејот, кој не можете да го промашите. За жал, дента немаше многу посетители, на моменти дури бевме и единствените што се шетаа низ музејските одаи. Тоа и не беше толку лошо затоа што го имавме музејот „само за себе“ без некој да галами и да ни пречи.
Постојаната поставка не’ водеше низ сите етапи на филмската продукција – од првичната идеја до завршната премиера. Прошетката низ филмската историја преку филмовите реализирани во „Бабелсберг“ раскажува и за контекстот во кој биле снимани одредени остварувања, од деновите на Пруската империја до повторната унификација на Германија, периоди исполнети со соништа за подобар свет. „Почувствувајте ја вибрацијате на седмата уметност“, гласеше слоганот на влезот, кој не’ вовлече во неговите магични одаи во следните 3-4 часа, притоа заборавајќи на реалноста.

На почетокот мора да се нагласи дека изложбата беше интерактивна, и нудеше директен контакт со седмата уметност преку „екрани на допир“, инсерти, звуци… се ‘ со цел за подобро доживување на поставките.




Во првата хала кураторите не’ запознаваат со важноста на филмовите снимени во славното германско студио, преку филмските ѕвезди кои играле во нив и кои потоа оставија свој печат во филмската историја. Меѓу нив го пронајдовме и извесниот Гојко Митиќ. Сте чуле за него?








Филмот е колективна „игра“ и во неговата реализација учествува огромна екипа, секоја од нив важна за конечниот изглед на крајниот продукт. Во дел од музејот се претставени неколку тематски поставки, меѓу кои прва беше онаа за костимите и шминката како составен дел од една продукција.





Следи сценографијата како битен дел од снимањето на еден филм. Во филмскиот музеј во Потсдам можеа да се видат ентериери и екстериери од различни филмови претставени низ различни медиуми: макети, фотографии, видеа…











Одделот за монтажа беше навистина богат – од претставувањето на филмските ленти, преку најзначајните монтажери во историјата на филмската уметност, па се’ до една прекрасо дизајнирана просторија во која имаше стар стол за монтажа, а која истовремено послужи и малку да здивнеме.










И на крај, но не и најмалку важен, посвета на музиката и дизајнот на звукот во еден филм. Впрочем, сите овие фази од изработката на едно филмско дел се подеднакво ценети, и не за бадијала на Еворпските филмски награди, како и на Оскарите, секоја година им се доделуваат награди на најдобрите филмски занаетлии.









Најфасцинантен момент беше „глувата соба“, која беше интерактивна и во која може да се надсинхронизира еден филм, да диригирате со оркестар или да влезете во „караоке“ филм пеејќи некоја позната филмска тема. Откако од дистанца ги погледнав видео снимките од тој добронамерен обид, се разбира дека одлучив да не го споделам видеото во кое завивам како Симеон Гугуловски (со сета почит кон него!).


Мојот избор беше надсинхронизација на еден стар филм „Емил и детективите“, и навистина беше интересно во тие 2-3 минути да се долови емоција за она што се гледа на платното, додека го читате текстот од екранот. Би можел ова да го работам, радио-гласот се’ уште добро ме служи, помислив. За жал, нашите актери изградија кариери со надсинхронизација на турски серии, и веројатно на повеќето од нив тоа ќе им остане врвот во кариерата 🙁


Кога сме кај филмските „играчки“, во централниот дел од музејот беше поставена една кабина за аудиција, во која комуницирате со „материјалот“ на екранот, бирајќи во кој филм сакате да играте, откако претходно момците зад камерата ви даваат одредени насоки. Не сакајќи да влеземе во кондуктерското одело и капа од хигиенски причини, нашиот избор падна на славниот „Винету“, па за кратко влеговме во „индијански филм“, повторно добро забавувајќи се.



Дојдовме до многу важниот дел од целата филмска приказна, посветен на три битни режисери од поблиската и подалечната историја. Веќе споменавме дека студиото „Бабелсберг“ бил центарот на создавањето на цело едно движење насловено „германски експресионизам“, кое царувало на екраните во 20-те и 30-те години на 20 век. Најзвучен филм кој и ден-денес фигурира на листите на најдобрите остварувања EVER е „Метрополис“ на Фриц Ланг, поради неговата визија на иднината, која и по 100 години, како се’ уште да не настапила, освен ако не ја земеме предвид вештачката интелигенција која полека, но сигурно, почнува да го зема приматот. Фино беше да се седне барем за момент на режисерското столче на великанот Фриц Ланг, како и да се види поставката на која доминира роботот Марија, играна од Бригит Хелм.






Од класиците, засебна соба беше посветена на мајсторот Алфред Хичкок и на неговото снимање на 50-иот филм „Torn curtain“. Погодувате, токму во студијата „Бабелсберг“ во далечната 1966 година, со Пол Њумен и Џули Ендрјуз во главните ролји.

И на крајот од овој авторски дел од музејот, простор за one-and-only Квентин Тарантино, кој во 2009 година во Потсдам го снимаше „Inglorious basterds“, поточно, сцената со киното во Париз, во која доминира Шошанааааааааа!!!





Од останатите познати филмски ликови кои го посетиле студиото „Бабелсберг“ и ги користеле неговите благодети за некој свој филм, се и Френсис Форд Копола, Армин Милер-Стал и Џон Малкович, Џоди Фостер, Лајам Нисон, Кејт Винслет… како и спомен-фотографии од екипите на филмовите „Enemy at the gates“ (2001) на Жан-Жак Ано и „Anonymous“ (2011) на Роланд Емерих. Но, најпрво легендарниот Били Вајлдер и фотка од неговата посета на Потсдам во 1993 година.








Конечно, дојдовме до моментот на премиери и награди. За овие потреби, во рамките на музејот имаше една мала, импровизирана кино сала на која одеа инсерти од различни остварувања снимени во „Бабелсберг“. Уште еден момент за фина пауза.


Црвениот килим и наградите потоа беа логично финале на сета оваа музејска прошетка во филмскиот музеј во Потсдам, кој ни пружи вистинско филмофилско задоволство.










На излез од музејот, кој на катот нудеше и други содржини, меѓу кои и провокативната изложба за ловењето на Ајхман, за која ќе пишувам во друга прилика, забележуваме дека репрезентативната музејска кино-сала се наоѓа од левата страна, и таа си своја секојдневна филмска програма која вообичаено се емитува во вечерните часови. Мерак.



Се надевам дека уживавте и во оваа (филмска) репортажа на „Херој“. Поздрав до следното читање 😉

