Банана свет

Вообичаено за некоја држава, доколку нештата не се како што треба, се вели дека е „банана-држава“. По славната „банана“ на обвивката од антологискиот, прв албум на Њујорчаните „Велвет андреграунд“, дизајниран и продуциран од поп-арт гуруто Енди Ворхол во 60-те години на минатиот век, вкусното јужно овошје периодов повторно е во фокусот како симбол на времето во кое живееме. Имено, минатата недела на аукција на „Сотби“, делото со метафоричен наслов „Комедијант“ на италијанскиот уметник Маурицио Кателано беше продадено за 6.2 милиони долари, докажувајќи до какво дно сме дојдени како човештво.

„Но, тоа не е се’“, што би рекле на телевизискиот „Топ шоп“, што сосема соодвествува со ситуацијата во која се наоѓаме. Купувачот на „уметничкото дело“, претприемачот со крипто валути Џастин Сан, неколку дена потоа, како што вети, во еден од најлуксузните хотели во Хонг Конг, на прес конференција ја изеде бананата пред пристуните, велејќи дека е „многу подобра од другите банани“, така фрлајќи во ветер 6.2 милиони долари, потврдувјќи го уште еднаш „дуплото дно“ на Горан Стефановски.

За среќа, ова морализирање од моја страна си доби и свое „трето полувреме“ и се претвори во вистинска „комедија“ благодарение на фотографот Ставре Георгиевски. Значи, без наш човек не ја бива работава. Имено, Ставре е релативно непознато име на нашиве простори, но во светот тој важи за еден од поугледните фотографи на уметнички дела во галериите. Ако ти треба добар каталог, го викаш Ставре да ги фотографира твоите дела, велат добрите познавачи.

Така било и овој пат. Ставре бил на вистинското место и го фотографирал поставувањето на „делото“ од страна на Кателано, за што на овој не му требало многу време, да залепиш банана на галерискиот ѕид, нели. Но… секогаш има едно „но“.

Ставре го фотографирал целиот процес, и една од најинтересните фотографии е моментот кога помошникот на италијанскиот уметник, не сакајќи, ја залепува неговата рака заедно со бананата на ѕидот. Се разбира, Ставре со своето будно фото-око сето тоа го архивирал, и откако видел дека „делото“, односно, ѕидната банана се продала за толку многу пари, два дена подоцна ја дава фотографијата со залепената рака и бананата на аукција, штосно насловувајќи ја „Упс упм!“, така достигнувајќи цена од 10 милиони долари. Кога дознава за тоа, милијардерот Сан ги потплаќа сите медиуми да не ја објавуваат информацијата, затоа што не може еден Ставре да му ја земе неговата инстант-слава.

На нашиов човек тоа не му пречи, си ги става десетте милиончиња в џеб, и од извори блиски до владата, кратко изјавува: „Ќе се вратам во Македонија, време е да лепиме пиперки и патлиџани по галериските ѕидови, друго чаре нема“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *