Повеќе од 25 години, Хозе Алберто Гутиерез работел како возач на камион за ѓубре во главниот град на Колумбија. Во студените рани утрински часови, тој успеал да собере илјадници книги, претворајќи го својот дом во бесплатна јавна библиотека.
Во 1997 година, 35-годишниот љубител на литературата забележал дека луѓето фрлаат книги во големи количини. Тој вели: „Сфатив дека луѓето ги фрлаат книгите, па почнав да ги собирам“. Првите книги што ги нашол се од големиот руски автор Лав Толстој (1828-1910), кои ги зачувал во домашниот плакар со десетици други наслови. Потоа почнал да собира разни книги, вклучувајќи романи, поезија и учебници, чувајќи ги во својот дом во областа „Моја Глорија“ во јужна Богота.
Како што минувале годините, неговиот дом се преполнил со книги, меѓу кои биле и делата на починатиот Нобеловец Габриел Гарсија Маркез. Со текот на времето, соседите почнале да позајмуваат книги, бидејќи „на соседите секогаш им недостасуваа книги“.
И тогаш, во 2000 година, Хозе, неговата сопруга и трите деца дошле на идеја првиот кат од нивниот дом од 90 квадратни метри да го претворат во јавна библиотека, нарекувајќи ја „Моќта на зборовите“. Иницијативата постигнала огромен успех, привлекувајќи волонтери, вклучително и странци. Хозе преку медиумите повикува: „Повелете во првата библиотека во светот која им нуди бесплатни книги на посетителите“.
Популарноста на библиотеката „Моќта на зборовите“ се раширила низ целиот континент. Хозе почнува да добива покани да учествува на големи настани, како фестивалите на книгата во Сантијаго (Чиле) и во Монтереј (Мексико). Поради зголемените донации, книгите веќе не се набавуваат од депонијата. Хозе и неговото семејство почнуваат да дистрибуираат книги во обесправените и оддалечените области, одговарајќи на барањата на наставниците во државните училишта. Книгите досега се доставени во 235 локации низ Колумбија.
Хозе вели дека љубовта кон книгите потекнува од мајка му, која на своите деца секоја вечер им читала. „Тоа ми даде светлина и патоказ во животот“, изјави тој. Затоа, како заклучок на оваа убава приказна, колку и да звучи прозаично, сепак, пораката е да (продолжиме да) ги сакаме книгите, бидејќи тие секогаш го осветлуваат патот на човекот 😉
П.С. Приказната за еден друг љубител на пишаниот збор, пак, овој пат од Мароко, можете да ја прочитате на следниот линк: