Кон „Bikini moon“ на Милчо Манчевски
По долги седум ипол години, Манчевски повторно во филмска акција. По контроверзниот „Мајки“, и во своето ново остварување „Бикини мун“ авторот го продлабочува својот интерес за (лажната) документаристика, и се обидува да отиде чекор понатаму во истражувањето на овој суптилен жанр, кој, доколку му пристапите на експериментален начин, може и да ве изгори. Истовремено, режисерот и во своето ново остварување го применува принципот „филм во филм“ во поинакво, попродлабочено светло од претходните остварувања, таа толку експлоатирана постмодерна алатка не само во филмот, туку и во литературата и во другите уметности, па така низ целото остварување (демек) не знаеме што е лажно, а што реално, па користењето на различни визуелни формати при раскажувањето на приказната тук-таму ја разбива монотонијата на делото. Но, за жал, тоа веројатно честопати ќе создаде и конфузија кај гледачот, прашувајќи се дали режисерот држи сè под контрола или не.
„Замисли да си жена која била војник во Ирак, а сега живее на улица во Њујорк. И ја одзеле ќерката затоа што има ментална болест и се бори да си ја врати назад. Бикини Мун Дејвис, главниот лик, има сложен однос со стварноста. Таа е харизматична, привлечна, духовита, ама и жена со ментални проблеми“. Прекрасна идеја која Манчевски ја образложи на конференцијата за печат по повод македонската премиера на филмот, и која заслужува добра филмска реализација. Но, нештата како премногу бргу да се одвиваат на сребрениот екран, и сета длабочина која ја нуди предлошката како да се губи во формата која треба да постигне задоволувачки резултат. Главниот истоимен лик во филмот, одигран од Кондола Рашад, прилично неуверливо се носи со своето „лудило“ по војната во Ирак. И наместо таа нејзина психолошка состојба постепено да се разградува во текот на 103-те филмски минути, сè што гледаме е само повторување на мантрата „бездомништво-старателство“, кои исто така се истретирани без некоја особена студиозност. Неприродните (сеедно дали документарни или не) сцени за приближување кон нејзината интима од страна на екипата која го снима документарниот филм за неа воопшто не играат улога бидејќи таа во првиот дел од филмот е комплетно незаинтересирана, за потоа Бикини да почне да се интересира за целиот процес, па дури и да стане дел од него од оваа страна на камерата, бидејќи никој не останува имун во приказната. Таа дури прашува дали филмот ќе игра на Санденс, повремено давајќи и до знаење дека знае што е добар филм со споменувањето надвор од контекст на легендарниот „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс. За девојката, која ужасно потсетува на вокалистката Скај Едвардс од бендот „Морчиба“, низ неколку дијалози во текот на филмот дознаваме речиси сè за неа, а останатото е едно прилично несфатливо однесување кое се повикува на нервниот слом во Ирак. Барем да „ветерува“ како Скај.
„You kill someone in Iraq?“, ја прашува исто така прилично неуверливиот режисер на документарниот филм, игран од Вил Јановиц. „Yeaaah“, неоптеретено одговара Бикини, и… го краде детето од домот, влегува во лезбиска врска со продуцентката на документарецот (улога на Сара Голдберг), пее на фалусен микрофон (Куро крај нема!), успешно ја поминува терапијата, а за тоа време однесувањето и експресиите и’ се речиси исти, и на крајот, нè соочува со нејзиниот страв манифестиран преку огромна богомолка како лајт-мотив во филмот (зелената играчка сепак завршува во рацете на малиот Муслиман, а не кај нејзината ќерка). Ваквата поставеност на нештата нè наведува на заклучок дека авторот од философско/филмолошки аспект решил да си поигра со сиот овој пачворк како добра база за пренесување на знаењето врз младите филмаџии, на кои во 21 век им требаат нови форми и предизвици. Впрочем, животот, како и крајот на филмот, е карневал со различни типови на маски, и јас упорно се надевав дека од некое ќоше на екранот ќе се појави насмевката на Манчевски (како што се појави лицето од неговиот јутјуб профил додека гледавме една снимка) и ќе ни каже дека само добро не „извозел“, но, за жал, тоа не се случи. Токму затоа, можеби посоодветно име кое бу му прилегало на филмот е „Бикини Трамп“.
Ова петто долгометражно остварување е всушност првиот американски излет на Манчевски. Со тоа тој конечно ги затвора устите на злонамерниците дека не може да сними филм доколку македонската Агенција за филм не го одврза ќесето. Сите очекувавме њујоршка приказна во која главниот град на светот ќе блесне со сиот свој сјај на екранот под режисерската палка на македонскиот режисер. Секако, не очекувавме Кинг Конг на Емпаер стејт билдинг, но, чиј Њујорк е ова? Прилично непрепознатливо делува. Манчевски во ситуацијава се одлучува за линија на помал отпор, која веројатно зависела и од финансиската конструкција на филмот, и снима т.н. „инди“ приказна, за чија реализација и не треба многу, иако секој (филмски) труд е вреден за почит и внимание. Можеби Манчевски слушнал за анегдотата во врска со снимањето на „Аризона дрим“, единствениот американски излет на Емир Кустурица од 90-те, кога, навикнат на балканските услови на работа, 24/7, по снимањето на една сцена решава истата да ја пресними со додавање на нови детали, но надвор од работното време. Нормално, луѓето се побуниле, вревеле телефоните на синдикалните здруженија, и на актерите и на останатата екипа која останала прекувремено да сработи им било платено додатно онолку колку што им следува. Чиста сметка, долга љубов!
Но, настрана Кустурица, вистинското прашање за почитувачите на филмовите на Милчо Манчевски е: каков филм добивме од авторот чија репутација кај нас е вечно зацементирана, со фактот дека тој е единствен кој има награда на големите „А“ фестивали („Златен лав“ во Венеција за „Пред дождот“ во 1994 година)? Во едно интервју со Манчевски по повод премиерата на филмот „Мајки“, режисерот нагласи дека во филмот е пожелно да се биде манипулатор, но „чесен манипулатор“. Во случајов со „Бикини мун“, еден од овие два збора во изјавата исчезнал во неповрат.
Сепак, погледнете го филмот и прокоментирајте го со пријателите, тоа е најмалку што можете да сторите за него. Ова е авторско остварување кое не претендира на големите сцени, и затоа неговиот живот е трасиран на светски фестивали од помал формат (Сарасота, Франкфурт, Нешвил…), каде веќе и освои една награда, и тоа Специјалната награда на жирито на 38. Меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија. Посакувам да се множат.
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)