Час по анатомија со Че Гевара

На денешен ден, 9 октомври, беше егзекутиран последниот вистински револуционер во 20 век, Аргентинецот Ернесто Че Гевара (1928-1967). На постојаната поставка во Музејот на град Скопје, пријатно-изненадувачки, може да се види една многу интересна слика на српската уметница Оља Ивањицки, насловенa „Час по анатомија“, како алузија на славната слика на Рембрант, на која се насликани последните мигови на овој свет на револуционерот, пред да му се загуби секаква трага.

Ернесто Гевара е една од клучните личности во револуцијата на Фидел Кастро во Куба (1956-1959) како член на движењето „26 јули“. Во овој период тој го добил својот познат прекар „Че“. По победата на револуцијата, неколку години бил активен во промоцијата на револуционерните општества патувајќи по светот како кубански дипломат, а потоа лично се ангажирал при ослободувањето од диктаторските режими, најпрво во Конго, а потоа и во Боливија. Токму во Боливија, при соработка на Централната разузнавачка агенција и боливиската војска, бил фатен, а следниот ден и егзекутиран.

Оља Ивањицки (1931-2009) е позната српска сликарка и вајарка со меѓународно реноме. Во 1957 г. таа со група на сликари (Леонид Шејка, Владимир Величковиќ, Љубомир Поповиќ, Миодраг Ѓуриќ) ја основала групата „Медијала“, која ја претставувале млади сликари, писатели, филозофи, архитекти и композитори. Заедничка цел на сите членови на „Медијала“ била единствената идеја: бескрајна љубов кон уметноста и бескрајно верување во нејзината севкупна моќ. Ивањицки како сликарка била под влијание на симболизмот, надреализмот, поп-артот и фантастичната уметност. Таа имала над деведесет самостојни изложби и учествувала на бројни национални и меѓународни групни изложби.

На нејзината слика која е во постојана сопственост на Музеј на град Скопје, таа ги прикажува последните моменти на овој свет на Че Гевара, легнат на смртната постела , каде едно од присутните воени лица со прстите му брчка во раната на стомакот, слично како римскиот војник Лонгинус со копјето додека Исус е распнат на крстот. Посетете го музејот на старата железничка станица во Скопје и видете ја сликата во живо, нема да зажалите.  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *