„Втората депониска криза“ во метрополата, по онаа во 2023 година, на улица ги изнесе градските стаорци, а експертите предупредија дека може да дојде до епидемиолошка криза, потсетувајќи не’ на времињата од 16 и 17 век, кога натрупаното ѓубре предизвикало смртоносни зарази. Сето ова беше добра причина во домашната библиотека да ја дувнам прашината од класикот „Чума“ на Ками и да го препрочитам после долго време. Издаден во 1970 година во славната библиотека „Атлас“ на издавачката куќа „Македонска книга“, онаа со незаборавен зелено-бел дизајн на корицата и со сугестивното лого во средината, романот е во превод на Вера Христова.

Романот „Чума“ (француски: La Peste) првпат е објавен во 1947 година од славниот „Галимар“. Приказната се одвива во француско-алжирскиот град Оран, кој се соочува со катастрофална епидемија на чума што води до карантин низ целиот град. Наративот следи неколку ликови додека се справуваат со предизвиците што ги поставува епидемијата, вклучувајќи го и д-р Бернар Рие, кој станува централна фигура во борбата против болеста. Преку нивните искуства, Ками ги истражува темите на страдање, солидарноста и човековата состојба во услови на егзистенцијална криза.

Романот служи како алегорија за страдањето претрпено од жителите за време на нацистичката окупација на Франција, размислувајќи за апсурдноста на животот и борбата за смисла среде хаосот. Ками навлегува во моралните и филозофските импликации на чумата, испитувајќи како поединците реагираат на страдањето, но и за важноста на човечката поврзаност меѓу себе и отпорноста кон присутното зло.

„Чума“ е вториот роман (по „Странецот“) на Нобеловецот Албер Ками (1957) кој стана славен поради своите длабоки увиди во човечкото искуство, останувајќи сите овие децении наназад еден вид на безвременско истражување на храброста и решителноста на луѓето наспроти несигурноста на постоењето. Неговата релевантност продолжува да резонира, особено во светлината на современите глобални предизвици, што го прави класик на светската литература.

И за крај на ова кратко потсетување на книгата на Ками, завршниот пасус во романот, како потсетување и предупредување до нашите надлежни да не си играат со ситнопартиските интереси и со здравјето на народот:
„Слушајќи ги радосните викотници што допираа од градот, Рие се сети дека таа радост е всушност секогаш загрозена. Оти тој го знаеше она што не го знаеше ова радосно множество, а што можеше да се узнае од книгите: дека бацилот на чумата не умира никогаш; дека може со десетици години да се притаи во покуќнината и алиштата за да чека стрпливо во собите, визбите, ковчезите, шамиите и хартиите и дека можеби, ќе дојде денот кога, за несреќа и за поука на луѓето, чумата ќе ги разбуди пак своите стаорци и ќе ги испрати да умрат во некој среќен град“.

