По „Едно лето од љубов и пепел“, новата книга од ИЛИ-ИЛИ е преводот на романот „Цут на цреша“ од истата авторка, нашинката Алина Апостолска. Се работи за 192 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“, за чиј превод од француски јазик е „виновен“ Филип Илиев, а дизајнот на корицата е на Марија Смилевска.
Марк Нгијен, инженер кој работи за Армијата на САД, никогаш не се интересирал за своето минато. Но, кога неговата адоптивна мајка умира и кога неговата жена му открива дека е бремена, нема друг избор освен да ја разоткрие тајната на своето потекло. Од Бостон до Хо Ши Мин-Вил, од Лос Анџелес до Монтреал, Марк го минува, но сега, во обратна насока, животниoт пат којшто е зацртан за него и „кој знае што прави“, како што изјавува, неговиот адоптивен татко. На 24 јуни, на денот на неговиот триесет и осми роденден, на аеродромот во Монтреал, тој има средба со тајната на своето постоење. Во овој интимен трилер, лирската проза на авторката побудува едно размислување за идентититот и наследството.
Алина Апостолска е родена 1961 година во Скопје. Најголем дел од животот го поминала во Париз, а од 1998 година живее во Монтреал, Канада. Историчарка по образование, таа работи како новинар во доменот на културата, но исто така и како издавач, предавач и организатор на настани. Има објавено околу триесетина книги за млади и возрасни. Нејзиниот роман „Едно лето од љубов и пепел“ ја доби наградата на генералниот гувернер на Канада.