Киберпанк

Отсекогаш сум бил љубител на научно-фантастичната литература. Можеби не сум прочитал онолку колку што сум сакал, но автори како Филип К. Дик и Вилијам Гибсон, барем до оние дела до кои можев да дојдам, ги прочитав и уживав во нив. Се разбира, тука се и филмот и стрипот како логично надоврзување на литерарната киберпанк предлошка, за комплетна експлоатација на жанрот до крајни конзумеристички граници. Деновиве наидов на прекрасни кибер-панк илустрации кои се дизајнирани од различни светски уметници и кои комплетно го доловуваат духот на овој популарен жанр, па инспириран од нив (ќе ги гледате низ текстот), решив да направам краток осврт кон значењето на кибер панкот во уметноста.

Artem Khorchev

Официјлната дефиниција која може да се прочита на мрежата вели дека Киберпанкот е поджанр на научната фантастика со дејствие сместено во дистописки футуристички амбиент, со тенденција да се фокусира на „комбинацијата од живот со ниски стандарди обременет со висока технологија“, со футуристички технолошки и научни достигнувања, како што се вештачката интелигенција и сајбер софтверот, сопоставени со општествниот колапс и распаѓањето. Голем дел од Киберпанкот е вкоренет во научно-фантастичкото движење „Нов бран“ од 60-тите и 70-те години на минатиот век, кога писателите како Филип К. Дик, Мајкл Муркок, Роџер Желазни, Џон Брунер, Џејмс Балард, Филип Хозе Фармер и Харлан Елисон ги испитуваа влијанието на културата на користењето дрога, новата технологијата и сексуалната револуција, избегнувајќи ги утописките тенденции на дотогашната научна фантастика.

Peter Trapasso
Samuel Silverman
Stefan Morell

Мојот прв, сосема несвесен контакт со Киберпанкот е филмот „Блејдранер“ на Ридли Скот. Таа приказна која се вовлекува длабокот под кожата и која потоа сакате да ја погледнете уште десетици пати, е екранизација на расказот „Дали андроидите сонуваат електрични овци“ од американскиот писател Филип К. Дик. И тука започна потрагата по неговите дела, кои по толку години, сепак се во мал број во домашната библиотека, додека останатите се потхранети на ЦД-ром, во вистински киберпанк манир 🙂

Логично надоврзување на овој СФ излет во литературата беа делата на Вилијам Гибсон. Објавени во 80-те, кај нас стигнаа во 90-те во превод на српскохрватски јазик, и тоа беше тој момент кој на овој жанр му даде стабилност и влегување во канонот на научно-фантастичната литература. Гибсон продолжив да го следам и со подоцнежните негови дела, но се чини дека во нив само се рециклираше самиот себе. Камен-темелникот во неговата библиографија е трилогијата „Неуромансер“, „Грофот нула“ и „Монализиниот натпогон“.

За зачеток на Киберпанкот во деветтата уметност се смета стрипот „Судијата Дред“ од 1977 година, кој подоцна доби комична филмска адаптација со Слај Сталоне во главната ролја. „Ронин“ на Френк Милер е пример за добар графички киберпанк роман од 80-те. Кон крајот на декадата, и Јапонците влегуваат во игра со манга серијалот „Акира“, и со тоа жанрот и официјално добива светско педигре.

yu-ya___1173
Maciej Kuciara
Pascal Blanche

Првата киберпанк телевизиска продукција беше ТВ серијата „Max Headroom“ од 1987 година, која во тогашната СФРЈ можеше да се погледне на една од ноќните програми. Се надевам дека се сеќавате на тој благо иритантен лик од екрнот, кој доцна во ноќта ни ги размрдуваше заспаните мозочни вијуги. Серијата си поигруваше со футуристичката дистопија управувана од олигархијата на телевизиски мрежи, каде што компјутерското хакирање играше централна улога во многу линии од приказната. Во следната деценија, филмовите „Johnny Mnemonic“ (1995) и „New Rose Hotel“ (1998), и двата базирани врз кратките приказни од Вилијам Гибсон, беа комерцијално и критички неуспешни, додека трилогијата „Матрикс“ (1999-2003) на браќата (денес сестрите) Вачовски се смета за еден од најуспешните киберпанк серијали на големото платно.

Aleksa Jovanovic
Abel Arce

Во новиот милениум, Киберпанкот продолжи да живее во различни медиуми. Продолжението на „Blade Runner“ (2017), овој пат со дејствие во 2049 година, е едно од ретките добри продолженија во филмската историја; „Dredd“ од 2012 година не ја повтори грешката со Слај од претходно; да ги споменеме и „Дух во школка“ (2017), потоа, „Alita: Battle Angel“ (2019), заснован на јапонската манга од 1990-тите, ТВ серијата „Променет јаглерод“ на Нетфликс од 2018 година, базирана на истоимениот роман на Ричард К. Морган од 2002 година, и видео играта „Cyberpunk 2077“ (2020), заснована врз истоимената игра на R. Talsorian Games од 1988 година. Влијанието на Киберпанкот може да се пронајде и во сликарството, музиката, архитектурата… но тоа е веќе материјал за друг текст 😉

Ua
Pavel Vophira

Се надевам дека текстот ве испровоцира да го продолжите истражувањето во кибер-панк зоната, која отсекогаш нудела екстремни футур-возбудувања 😉

Напишете коментар