Многу ме израдува веста кога прочитав дека Спајк Џонз и Чарли Кауфман по 25 години седнале на астал, решени да снимат продолжение на филмот „Да се биде Џон Малкович“. Фантастичната драма-комедија од 1999 година беше вистински погодок, и се’ ми се чини дека оттогаш не се појавило вакво сценарио во Холивуд, кое и покрај скептицизмот, помина одлично и кај критичарите и меѓу филмофилите. Ова беше прв целовечерен филм за тандемот сценарист-режисер, кој по овој проект сними еден куп квалитетни остварувања, кои секогаш се очекуваа со возбуда: „Адаптација“, „Онаму каде што се дивите нешта“, „Нејзе“… (Џонз); „Исповед на опасниот ум“, „Вечното сонце на беспрекорниот ум“, „Се мислам да ставам крај“… (Кауфман). Но, за жал, со новиот проект не тече сe’ подмачкано како што треба 🙁
Да се потсетиме, „Да се биде Џон Малкович“ конечно се реализираше во 1999 година, и на преминот меѓу вековите и милениумите беше еден од најоткачените проекти на филмското платно што можете да го замислите, на некој начин означувајќи го крајот на постмодернизмот, влегувајќи во сосема нов период на филмската стварност. Долго време траело натегањето дали Џон Малкович лично и персонално ќе игра во филмот, и кога на крајот се согласил да се игра самиот себе, пристапувајќи кон улогата како да игра друг човек, странец, туѓинец, филмот конечно ја видел светлината на денот. За заокружување на фантастичната актерска екипа, тука се и носителите на главните ролји Џон Кјузак, Камерон Дијаз и Кетрин Кинир, а камео улоги реализираат самиот Спајк Џонз, потоа Дејвид Финчер, Шон Пен, Бред Пит, Винона Рајдер… Се’ на се’, изгледа луѓево навистина добро се зезале.
Приказната за невработениот куклар кој наоѓа портал за влез во умот на популарниот Џон Малкович, на филмаџиите, по четврт век, им се видела повторно интересна, сакајќи да ја стават во нов контекст, знаејќи дека во меѓувреме многу работи се превртеа на глава, и работите воопшто не се исти како таа, слободно можеме да кажеме, невина и наивна 1999 година. Ниту Џонз ниту Кауфман не се истите, а камоли „ѕверот“ Малкович.
По кратката астална консултација, според информациите што ги имале, сценаристот и режисерот сфатиле дека Малкович одамна не живее во Франција, дегустирајќи префинето бургундско вино, и дека последно е виден некаде на Балканот.
– Охрид? – прашува Кауфман. – Каде е тоа, по ѓаволите?
– Во Македонија, таму, на југот од Европа – објаснува Џонз. – Така ми кажа неговиот агент. Настапувал на некој фестивал со некаква претстава. Можеби и останал потоа, ништо чудно за него.
– Па, да го бараме таму, кај и да е тоа!? – се возбуди Чарли.
– Ќе им кажам на моиве „шпиони“ да пуштат пипци и ќе го лоцираме. Ни треба, да го е.ам, што бара во таа Недојдија!? Иако, рекол дека Балканот е задње место на светот на кое успеал да најде уметничка возбуда – заклучува Џонз и договара средба со Кауфман уште следниот ден, веднаш почнувајќи да врти телефони.
Следниот ден, мангупот Кауфман, завален во сепарето на едно од популарните холивудски кафеа, го шмука својот коктел тегнејќи жестоко од пурата. Џонз се појавува на вратата и веднаш се упатува кон него.
– Брат, нема да веруваш што се случува!? – му вели на пријателот.
– Шта је бре? – прашува Кауфман на српски и се насмевнува. Џонз знае дека во последно време се интересира за кошарката и голем фан му е на Јокиќ, што и не е лошо, затоа што, на некој начин, почнал да се „балканизира“, што претставува добра појдовна точка.
– Го најдовме Малкович, и мора да го извлечеме од г.мната во кои се наоѓа – категоричен е Џонз.
– Ма шта причаш!? – продолжува Кауфман.
– Заглавил во Бугарија со претстава по текст на Бернард Шо, ете тоа „причам“ – се нервира Џонз и го вади мобилниот телефон. – Се слушнав синоќа со него, и ми вика „Спајк, мајне брудер, вади ме одавле, загинах“.
– Озбилно збориш? – не му се верва на Чарли, и го натегнува коктелот до крај.
– Гледај ваму – му вели Џонз и почнува да ги листа фотографиите на телефонот. – Ова е она што успеав да го најдам на мрежата, а Џон… Џон дефинитивно не звучеше добро. Во г.мна е, ти велам.
– Е јеби га – заклучува Кауфман и продолжува да се ѕвери во фотографиите, кои воопшто не се пријатни. Разулавена толпа, попови, типови во одела, и на крајот Џон… збунет и тажен како никогаш досега.
Додека ги разгледуваше фотографиите, Џонз накратко му објасни за што се работи, на што Кауфман, кој секако, не е религиозен, почна во неверување да се крсти со обете раце.
– Не е само Малкович во г.мна, сите ние сме во г.омна – заклучи на крајот, ја зема шапката, ја стави на главата и му рече на пријателот-режисер:
– Не е лесно деновиве да се биде Џон Малкович. Ние сакаме да снимиме продолжение, а тоа веќе почнало да се реализира самото од себе. Изгледа ќе ни треба нешто повеќе од тоа само да влеземе во неговиот беспрекорен уметнички ум. Затоа, одиме во акција!
И обајцата, како пиштолџии од старите вестерн-филмови, излегоа од кафе-то и заминаа кон хоризонтот каде сонцето заоѓаше филмски, дозволувајќи му на мракот полека, но сигурно да ја покрие кревката планета Земја.