Се’ уште се свежи сеќавањата кога поранешната заедница на која припаѓавме почна крваво да се распаѓа, расчистувајќи со минатото, а во кината пристигна новото остварување на Вим Вендерс во кое тој кокетираше со иднината. Фино залегнати во кино-фотелјите на „Култура“ во „оазата на мирот“, по неколку пати уживавме во таа утопија на екранот, во која германскиот маг ни навестуваше свет во кој ќе можеме да си ги снимаме сопствените соништа. За таква (а не за онаква) транзициска иднина каква што се наѕираше зад аголот, вредеше да се живее.
Триесет години подоцна, сите ние со часови не ги вадиме нурнатите глави од телефонскиот екран. Можеби не можеме да си ги снимаме соништата, но во тоа парче електроника, во тие неколку квадратни сантиметри, е собран целиот свет. Но, никогаш не вели никогаш!
Деновиве од Јапонија (а од каде другде!) пристигна информацијата дека она што Вендерс го фантазираше во неговиот прекрасен филм од 1991 година, сепак станало стварност. Веста дека јапонските научници успешно креирале MRI машина која ги снима човечките соништа можеби и не треба толку да зачудува, па останува само да се нурнеме во тој свет ни на небо ни на земја, бидејќи веројатно таму е барем побезбедно од реалноста која ја живееме во овие хаотични пост-ковид времиња. Можеби со нурнувањето во соништата, по некое време човештвото ќе стане помудро? Којзнае!?