Доминацијата на еден куп американски документарни филмови кои во изминатите години ги окупираа нашите мисли и сетила со своите провокативни и истражувачки приказни, правејќи да се чувствуваме ангажирани граѓани со регуларно право на глас на планетата Земја, конечно, ја сруши еден малку поинаков тип на филм кој доаѓа од британскиот остров. Станува збор за 80-минутниот „Избришаниот Дејвид“ на Дејвид Бонд, кој бил испровоциран од државната бирократија која со писмо го известила дека во следните месеци нема да бидат во можност да испраќаат „детски додаток“ за нивната ќерка, бидејќи по грешка ги избришале податоците на дури 25 милиони Британци. Но, документарната форма дозволува широк дијапазон на делување, па авторот на филмот ја проширува зоната на истражување и уште на стартот го поставува прашањето: „Колку од информациите поврзани со нашиот живот се достапни во јавноста, и колку истата знае за нас?“
За овој доку-експеримент да биде што повозбудлив и успешен, Дејвид Бонд најпрво ги брише сите податоци за себе до кои може да дојде по разно-разни патишта (банки, Интернет), ги остава бремената жена и детето и тргнува на пат низ Велика Британија криејќи се од најмената детективска фирма која треба да го пронајде. Авторот не снимил класичен документарец со многу „токин-хед“ ликови, бидејќи не сакал вниманието да го пренасочи во друг правец. „Гледачите во кино треба да се чувствуваат убаво додека гледаат еден истражувачки филм. Ова е возбудливо остварување кое се обидува да ја прикаже реалноста онаква каква што е, и се надевам дека по неговото гледање луѓето ќе заминат дома и со пивце или било што друго ќе размислат и ќе продискутираат со пријателите за темата која ја разработува филмот, така преиспитувајќи што се случува надвор од нивниот дом и што е тоа од што се плашат“, категоричен е Бонд.
„Избришаниот Дејвид“ е документарец од кој дознаваме многу интересни информации, пред се’ дека Британија има поставено четири милиони камери за надгледување на граѓаните, со што се наоѓа на третото место во светот, веднаш зад Русија и Кина. Со толкава контрола, авторот на филмот поентира дека секој граѓанин автоматски станува осомничен, со експресна можност за него да се отвори досие, иако можеби (во поголемиот број случаи) би немало вистинска причина за тоа. Затоа, најдобронамерно, внимавајте што објавувате на вашите профили на социјалните мрежи 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 25 мај 2010 година.